„ИМПРЕСИВНА ОРГАНИЗАЦИЈА, УНИКАТНА АТМОСФЕРА, ИНСПИРАТИВНА ТЕМА“ – Впечатоци од четвртата Меѓународна конференција за управување со правни ризици

За управувањето со правните ризици потребна е континуирана едукација од поширокиот општествен контекст. Инвестирањето во правната едукација носи големи предности и успеси на долг рок. Конференциите на Академик, кои се посветени на управувањето со правните ризици, претставуваат исклучителен придонес во промоцијата и едукацијата за управувањето со правните ризици како правен тренд, истакнуваат предавачите и учесниците кои присуствуваа на големиот меѓународен правен настан кој изминатите два дена се одржа во Скопје.

„Правниците не го практикуваат правото изолирано, туку во поширок економски, социјален, политички контекст. Од тие причини е проширена и темата на Конференцијата и за неа ќе говорат адвокати, консултанти, професори и доктор хирург, кој воедно е и супер претприемач“, истакна во својот воведен говор угледниот македонски адвокат  Георги Димитров.

На оваа конференција, покрај главниот тренд – управувањето со правните ризици, додаде Димитров, регулираме и други трендови, како што се правните технологии, кои веќе започнаа и да нè заменуваат во работата; го третираме правниот дизајн бидејќи дизајнот е присутен и во правото преку дизајнирање на процесите; се занимаваме и со човечкиот капитал, особено со младиот школуван правник и како тој да влезе во правните процеси.

Правната сигурност е од особена важност за инвестициите, нагласи на Конференцијата познатиот  хрватски инвеститор Ненад Бакиќ. Проф. д-р Кирил Чавдар, кој на овогодишната конференција на Академик доби признание за правна извонредност, истакна дека она што го прави Академик во однос на правната едукација на правниците има одлични резултати.

Едукацијата, подвлече познатата словенечка адвокатка д-р Маја Менард од адвокатската канцеларија „Улчар и партнери“, е клучна за работата со талентираните правници и таа работа ќе има успех на долг рок за секоја компанија. Во таа насока и консултантот Џереми Хопкинс, од британската „Клеркингвел консалтинг“, потенцираше дека посебно познатите светски брендови заради својот углед и успешност вработуваат многу адвокати и правници.

„Улогата на правните консултанти во компаниите е фактор за успешното деловно-правно работење“, рече Карл Остринг, главен правен застапник и инвестициски менаџер во „АБ Тракшн“.

Покрај континуираната едукација, и имплементирањето на етичкиот кодекс во фирмите е претпоставка за успешното работење, рече Михаела Алберг, извршен директор за усогласеност со законите и со етичките норми во шведскиот телекомуникациски гигант „Телиасонера“.

„Реализирањето на идеите од општествено значење при нестабилен  правен систем носи со себе многу ризици, затоа средената регулатива е суштинска и за функционирањето на една медицинска институција“, истакна познатиот македонски хирург Жан Митрев, основач и сопственик на Специјалната болница „Филип Втори“.

Реномираниот француски адвокат Филип Пенсол, управувачки партнер на париската канцеларија на Адвокатското друштво „Квин Емануел“ од Париз, Франција, истакна дека ризикот секогаш е присутен при инвестициите и затоа е неопходно да се склучи долгорочен договор за овие инвестиции, кој ќе има јасни клаузули.

Со инвестирањето во човечките ресурси, посочи грчкиот адвокат Константинос Корнилакис  од „Кументакис и адвокати“, адвокатските друштва привлекуваат и нови клиенти, и тоа не треба да се занемари никогаш, дури ни во условите на криза бидејќи бенефициите од тоа се долгорочни.

„Фирмите, а особено адвокатските друштва имаат многу вредни податоци. Тоа е доволен предизвик тие да бидат мета на чести хакерски напади,подвлече Маријана Винтијадис, управувачки директор во „Крол“, која упати и порака до фирмите и до адвокатските друштва дека мора да внимаваат на заштитата на своите доверливи податоци.

На крајот од големиот правен настан, адвокатот Георги Димитров упати искрена благодарност до предавачите и до учесниците на Конференцијата.

Димитров нагласи дека е вложено многу креативен труд и љубов во организацијата на правниот настан кој овие два дена беше центар на светската правна мисла.

Импресионирани сме од организацијата и од содржината на сите презентации, велат предавачите и учесниците на Конференцијата

„Пред сè, би сакал да истакнам дека сите ние сме импресионирани од начинот на организацијата и од стандардите што ги поставил адвокатот Георги Димитров за реализација на овој исклучително важен настан. За овој настан, кој сега се организира веќе по четврти пат и кој е од вакви размери, прв пат слушнав од мојот пријател Магнус, поранешен директор во еден од секторите на „Сони Ериксон“. Ми рече дека бил во Македонија и дека си поминал прекрасно. Академик организира Конференција за управување со правните ризици на светско ниво. Сите се гостопримливи и што е најважно од сè целата екипа е максимално професионална…

...Јас му верував на мојот пријател и еве сега и јас сум тука. Дојдов со отворени раце и за целиот овој настан би го кажал истото. Тоа што се посветило внимание на сите детали од страна на Георги Димитров, е повеќе од импресивно. Навистина е задоволство да се биде тука“, вели Карл Остринг, главниот правен застапник на „АБ Тракшн“.

„Настанот е светски и би рекол дека го одбележуваат две нешта. Прво нешто што би издвоил и за кое немам никаква дилема е професионалноста, посветеноста, ангажманот и сета енергија што ја гледам во тимот на Академик. Задоволството да се биде тука е огромно од моја страна. Втората работа е дека целата атмосфера тука е уникатна – се зборува за управување со правните ризици, но, би рекол, ова е многу повеќе од она што го содржи настанот и од она како изгледа…

Целата оваа конференција, луѓето кои се тука, учесниците, предавачите и секако организаторот, сосема успеваат да го вклопат овој настан во општеството и во светот воопшто и ја прават Конференцијата корисна за идните генерации, за студентите и за младите правници“, вели консултантот Џереми Хопкинс од „Клеркингвел консалтинг“ – Рединг, Велика Британија.

„Ова е фантастична Конференција која е многу добро организирана, со многу луѓе кои доаѓаат од различни области и верувам дека придонесува за продлабочување на знаењето на тие луѓе со повеќекратно значење и на многу теми и мислам дека за нив Конференцијата ќе биде од голема корист. Ова е и за мене прва ваква конференција од ваков формат и мислам дека е многу интересна и корисна“, вели Филип Пенсол,  управувачки партнер на париската канцеларија на Адвокатското друштво „Квин Емануел“.

„Конференцијата е многу добро организирана, и во смисла на предавачите и во смисла на програмата кои се од висок калибар, но исто така и од аспект на логистиката на Конференцијата затоа што е многу важно луѓето да си поминат добро…

…Салата во која се одржува Конференцијата е исто така соодветна и технологијата што се користи е добра, што дополнително придонесува за целосниот впечаток за Конференцијата“, вели Маријана Винтијадис, управувачки директор во „Крол“ – Милано, Италија.

Темата Управување со правни ризици добива сè поголемо внимание во споредба со минатите години. Таа претставува критично актуелна тема со која никој, за жал, не се занимава доволно, па дури ни ние, правниците, ниту интерно ниту со странките. Што се однесува до организацијата на Конференцијата можам да кажам само позитивни критики…

…Сум била на многу конференции, и како предавач и како учесник, и морам да кажам дека сум импресионирана од самата организација, од менаџментот и од темата и содржината на сите презентации“, вели словенечката адвокатка д-р Маја Менард.

Конференцијата „Управување со правни ризици: правни трендови“ е одлична. Вакви конференции се одржуваат насекаде, но радува фактот дека вакво нешто се случува во Македонија…

…Мислам дека темите на Конференцијата се многу релевантни, интеракцијата помеѓу правото и бизнисот, и сметам дека сите вистински правници во современиот свет размислуваат и за бизнисот, односно гледаат како да го употребат правото во конкретен контекст. Ова е одлична платформа за подигнување на свеста за важноста на управувањето со правните ризици“, вели хрватскиот инвеститор и претприемач Ненад Бакиќ.

„Конференцијата на Академик, особено овогодишниот собир на учесници и на предавачи од повеќе области, го прави Академик да има една пионерска улога во организирањето на ваквите настани кои, заедно со Академика, ќе придонесат за продирање на правната свест и на правното знаење до пошироката публика…

…Преку одбирањето на правилните теми и организирањето на вакви настани се ослободува правната мисла и луѓето стануваат посвесни за тоа дека ќе имаат корист од нив и во секојдневието“, вели проф. д-р Кирил Чавдар.

„Импресионирана сум од сè. Сè е толку совршено организирано. Исто така ми импонира тоа што е голема посетеноста на Конференцијата и што интересот за неа е импозантен, дури и на вториот ден од одржувањето…

…Сето тоа е голем показател дека целиот тим на Академик цврсто чекори напред“, вели Михаела Алберг, извршен директор за усогласеност со законите и со етичките норми во „Телиасонера“.

„Ова за мене е големо искуство. Да се измешаат специјалностите на еден ваков собир е вистински успех. Размената на искуствата што се случува на оваа конференција е од огромно значење за сите нас. Значи, мојот впечаток е повеќе од позитивен, а за организацијата немам зборови“, вели Жан Митрев, основач и сопственик на Специјалната болница „Филип Втори“.

„Ќе бидам искрен, целата организација на Конференцијата беше беспрекорна и навистина не го очекував ова. Сите предавачи беа многу интересни бидејќи ова не беше само типична правничка Конференција. Фактот дека имавме хирург, инвеститори, форензични аналитичари, направи да добиеме поинаква слика за сите различни аспекти на нашата работа бидејќи сите предавачи дадоа поинакво светло од она како ние го водиме нашиот бизнис…

…Искуството што го добив овде ми е многу значајно и се надевам дека идната година ќе можам повторно да присуствувам, но овој пат од другата страна како учесник“, вели Константинос Корнилакис од „Кументакис и адвокати“.

Конференцијата беше одлично реализирана, имаше импресивна организација, уникатна атмосфера и инспиративна тема, коментираат учесниците на Конференцијата.

„Првите три теми на кои зборуваа професорот Кирил Чавдар, гостинот од Англија, Џереми Хопкинс  и гостинот од Хрватска, Ненад Бакиќ беа одлични. Иако не доаѓам од правната фела, туку од ИТ-индустријата, ми се допадна тоа што предавањата и насоките кои ги дадоа предавачите се применливи во повеќе области, а не само во правото. Ми се допаѓа дека овогодишната конференција е насочена и кон бизнисот“.

„Темите на Конференцијата се поврзани со делокругот на мојата работа во Советот за јавни набавки. Имавме интересни предавачи кои ги објаснија нивните животни чекори и како функционираат во нивната правна околина. Секако дека може да се применат практиките на европските земји преку усогласување на законодавствата во делот на тоа да овозможат корисни услуги на бизнис-заедницата и на деловниот свет во насока на подобрување на функционалноста во работењето, во процената на ризикот за започнување на бизнис и во менаџирањето на ризиците во понатамошното работење, нивно пресретнување и успешно решавање“.

„Многу ми се допаѓа целата организација на Конференцијата, како и изборот на предавачи. Јас како одговорно лице во Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен ќе имам особена корист од предавањето на Џереми Хопкинс кој ги презентираше сите ризици со кои се соочува едно лице на раководна позиција и одговорностите што ги има“.

„Она што го слушнавме од предавачот Џереми Хопкинс може да се примени во нашата фела бидејќи ние како државна институција работиме со електронските комуникации, но во нашиот Правен сектор гледаме да го унапредиме правото во делот на електронските комуникации. Сметам дека од ова што го слушнавме на Конференцијата ќе има корист и приватниот сектор, не само државниот“.

„Она што го слушнав од предавачите на првиот ден од Конференцијата ќе ми користи во понатамошното градење како правник бидејќи сега сум сè уште студент. Судијата Чавдар имаше одлично обраќање бидејќи сподели дел од своето богато искуство. Јас сакам да работам во областа на трговското право, па мислам дека Конференцијата оваа година прави одличен спој на правото и бизнисот“.

„Управувањето со правните ризици е нова тема, сè уште се немаме запознаено со неа и треба да се работи на тоа студентите да добијат повеќе знаење за неа. Секојдневно се соочуваме со нови предизвици и не знаеме со што уште можеме да се соочиме и затоа ваквите настани ни се од големо значење за да стекнеме некои теоретски знаења од искусни професионалци, кои ќе можеме понатаму да искористиме“.

„Факт е дека оваа конференција им помага на сите, иако ние сме сега сè уште само студенти, сепак почнуваме да ги зацртуваме нашите професионални цели за во иднина. Ние постојано се обидуваме да се унапредуваме, а ваквите настани се задолжителни за нашата професионална биографија за да напредуваме во кариерата. Гледаме и учиме како луѓето кои долги години се занимаваат со правото ги споделуваат со нас своите искуства за тоа како тоа функционира во практиката и на тој начин ни помагаат и ни го олеснуваат патот до нашата цел. Јас се надевам дека ќе ја развивам мојата кариера со толкава страст како што работеле и предавачите кои ги слушнавме на Конференцијата“.

„Конференцијата е многу корисна. Предавачите од вториот ден, Михаела Алберг, Филип Пенсол и Маријана Винтијадис, беа одлични. Тие пренесоа практични искуства кои се применливи во секојдневното работење“.

„На Конференцијата има врвни предавачи, актуелни теми и беспрекорна организација. Од година во година Конференцијата за управување со правни ризици што ја организира Академик станува сè подобра“.

„Презентациите на предавачите се исклучително интересни и примерите од практиката кои ги слушнавме на Конференцијата ќе можеме да ги примениме во нашата работа. Традицијата веќе започна. Јас верувам дека и во Македонија перцепцијата за правните ризици ќе биде дефинитивно променета и сето ова ќе влијае да тргнеме напред“.

„Воодушевена сум од Конференцијата. Отвора нови видици во областа на правото, што е многу потребно за нас судиите и се надевам дека ќе продолжи да се одржува, а ние и понатаму ќе продолжиме да ги користиме услугите од Академик, но и да ве препорачуваме на младите правници“.

Академик по четврти пат организира ваков настан и можам да кажам дека и овој пат импресиите ни се големи. Особено воодушевува адвокатот Георги Димитров, кој уште еднаш покажа што значи добра организација со цел сите ние да ги примениме во нашето практично работење искуствата кои се споделија тука.

Академик претставува темел за воведување на новините и на современите предизвици во областа на правото“.

„Останатите можат да учат од вас. Вие сте вистински пример за успех и за тоа како треба да се менаџираат вакви настани“.

Конференцијата, односно предавањата дефинитивно ќе придонесат кон посовремен пристап во решавањето на правните проблеми, се разбира, сè со цел да бидеме и ние во чекор со европските трендови. Треба да се стремиме кон примена на помодерен пристап, а тука слушнавме дека новите трендови во управувањето со правните ризици веќе години наназад се применуваат во светот“.

Конференцијата ни овозможи да се запознаеме со практичното искуство на правниците од други земји и сметам дека е доста корисна, особено со заклучните согледувања, кои се надевам дека ќе ги применат и нашите адвокати во правниот систем и дека ќе се осврнат на последниот дел, односно при изборот на кадар ќе ги имаат предвид и младите правници кои се стремат да бидат дел од најголемите и најуспешните компании“.

„Интересно предавање. Посебно ме воодушеви професорот Чавдар. Младите се авангардата во сè, па се надевам дека успешно ќе ги применуваат и новите трендови во управувањето со правните ризици“.

Одлична организација, воодушевена сум од предавањето на предавачот од Шведска, Карл Остринг“.

Секогаш се потребни вакви настани за да видиме до каде сме ние, правниците, и воопшто луѓето во Македонија кои работат во правниот сектор. Треба да ги следиме трендовите во развојот на правото, а ова е единственото место каде што тоа ни е овозможено“.

Организацијата е на високо ниво, предавачите се интересни. Вреди сиот труд кој сте го вложиле во организацијата месеци наназад. Воодушевени сме. Доаѓаме со ентузијазам“.

„Научивме многу новини. Се надеваме дека управувањето со правните ризици ќе биде тренд во иднина, а ние како млади адвокати и како ентузијасти ќе работиме на тоа и внатре во компаниите во кои сме вработени и во адвокатските канцеларии“.