/ Прочитано:

949

Индустриската комора: Усогласување на царинскиот тарифник со оној на ЕУ

Забрзан технолошки напредок, со изградба на индустриски зони и адекватни инвестиции за осовременување на постојните зони, енергетски ефикасни технологии и инвестиции во обновливи извори на енергија, како и  усогласување на царинскиот тарифник во земјава со оној на ЕУ, со оглед на тоа што  голем дел од царинските стапки се неколкукратно повисоки од оние на ЕУ и се од времето на поранешната југословенска царинска тарифа, се трите фактори кои во услови на стабилни економски политики треба да придонесат за развој на индустриските компании во земјава, беше истакнато на денешната прес-конференција во Сојузот на стопански комори на Македонија.

Трајан Ангелески, член на управниот одбор на Индустриската комора, истакна дека состојбата со постојните индустриски зони е на многу ниско ниво, на пример зоната Чојлија, која се наоѓа покрај Скопскиот аеродром и која треба да биде репрезентативна, нема патна инфраструктура. Индустриската зона во Хиподром нема надвозник. Во план е да се реализира, но никако да стартува. И во другите зони проблемите се слични.

„Модернизирање на производството, зголемување на капацитетите и подигнување на стандардите се значајни инвестициски процеси кои компаниите треба да ги преземат за забрзување на технолошкиот напредок, меѓутоа сето ова не е можно да се направи на ливада. Потребно е државата, локалните самоуправи, Градот Скопје да си ги завршат своите обврски сѐ со цел индустриските компании да функционираат непречено, да се развиваат и да бележат позитивни резултати за да придонесат за развој на Македонија. Дополнително, многу компании бараат локации за градба на нови објекти, меѓутоа или нема локации или нивната цена е енормно висока, една од највисоките во регионот“, истакна Ангелески и додаде дека во таа насока се апелите за основање на републички фонд со цел изградба на нови зони да се понудат адекватни локации со решена инфраструктура, гас, вода, струја и други услови за да можат компаниите да не губат енергија на активности кои не се нивна првенствена дејност, туку да имаат слободен и комплетно среден простор за инвестирање.

Индустриската комора нагласува дека модерните индустрии во светот секојдневно се трудат да постигнат максимална енергетска ефикасност и што е можно повеќе да инвестираат во обновливи извори на енергија сѐ со цел да ги намалат трошоците за производство и на тој начин да постигнат максимална конкурентност на своите производи.

„Во нашата земја современите компании од индустрискиот сектор се трудат да ги следат овие трендови, меѓутоа нашата држава нема слух за современите еколошки светски трендови, напротив ваквите инвестиции не се поддржуваат. Се  бараат речиси исти дозволи од Регулаторната комисија, како за РЕК Битола, така и за секоја соларна електрана која се поставува на покривите на индустриските објекти. Проектите од ваков тип треба да бидат поддржани финансиски и законски со поедноставени постапки сѐ со цел компаниите да бидат мотивирани да прават ваков тип на инвестиции и со своите екоинвестиции да придонесат за почиста човекова околина. Според процентот со кој  Македонија ги користи обновливите извори на енергија, таа е последна во регионот со 18%, Србија со 20,5%, Косово со 25% и Албанија со 35%. Сегашната состојба е дека не само што не постои директна поддршка за енергетски ефикасни технологии туку компаниите што инвестираат во обновливи извори на енергија се елиминирани од финансиска поддршка според Законот за финансиска поддршка на инвестициите, бидејќи компаниите се принудени да поседуваат лиценци за секоја соларна електрана, а секоја компанија која поседува каква било лиценца се елиминира за какво било користење на финансиска поддршка во согласност со Законот. Во таа насока, потребна е измена на Законот за финансиска поддршка на инвестициите со цел да бидат опфатени и инвестициите во обновливи извори на енергија“, рече Ангелески и додаде дека во оваа прилика за поздравување е новиот тарифник на Министерството за финансии и Царинската управа за ослободување од плаќање на давачки на електричните возила, што на долг рок ќе придонесе индустријата своите транспортни уреди и возила да ги пренасочи од дизел и бензин на електрични возила за почиста околина, како и за зголемување на енергетската ефикасност.

Во однос на усогласувањето на царинскиот тарифник во земјава со оној на ЕУ, Ангелески додаде дека имаме неколкукратно повисоки царински стапки од ЕУ, со што за многу производи се плаќа непотребно повисока тарифа. Нашата земја има најголема трговска размена со земјите на ЕУ, а дополнително два од нашите пет соседи се членки на ЕУ. Ваквата состојба многу логично го наметнува прашањето дека нашата царинска тарифа треба да се усогласи со онаа на Европската Унија.

„Во овој момент се случува многу царински стапки да се заборавени уште од времето на поранешна Југославија и се енормно високи, на пример во одредени стапки во ЕУ се 3%, а во земјава се 15%. Ваквата состојба ги нарушува тековите на слободна трговија и многу од суровините значително ги поскапува, со што многу потенцијални инвестиции поради ваквата царинска политика немаат никаква економска исплатливост и смисла да се реализираат во Македонија. Со оглед на тоа што ваквата состојба трае од нашето осамостојување, предлагаме веднаш да се почне со усогласување на тарифите за да бидеме компатибилни со европските пазари и подготвени за наша идна асоцијација“, појасни Ангелески и додаде дека  ова барање е нагласувано во неколку наврати и од други институции, домашни и странски компании.

M.В