/ Прочитано:

2.260

„Инфлација од прекршоци во надлежност на несудски прекршочни органи“ – Стратегија за реформи во правосудството

Прекршочно-правната област во РМ претрпе бројни измени во изминатиот период, но таа и натаму останува нефункционална и спорна. Македонскиот правен систем познава две категории казниви дела: кривични дела и прекршоци. Кривичните дела се регулирани со Кривичниот законик, а прекршоците со Законот за прекршоци. Со Законот за судовите од 1995 година се укинаа поранешните судови за прекршоци и се востанови единствена судска организација. Пред донесувањето на овој закон за полесната категорија на казниви дела – прекршоците, надлежност за изрекување на санкции имаа судовите за прекршоци, но и органите на државната управа и јавните служби на кои со закон им беа дадени овластувања да изрекуваат такви санкции.

„Со одлука на Уставниот суд на Република Македонија од 1996 година беше укината одредбата од Законот за судовите со која беше уредено дека за определени видови прекршоци може да решаваат други видови органи (царински, девизни, надворешно трговски и даночни). Ваквата одлука беше резултат на толкувањето на Уставниот суд дека за сите казниви дела според Уставот можат да одлучуваат само судовите. Како последица на оваа одлука, бројот на прекршочни предмети пред основните судови кои бележеа континуирана неажурност енормно се зголеми. Поради ненавременото решавање на прекршочните предмети најголем дел од нив застаруваа со што се доведе во прашање целисходноста од водењето на постапката. Од друга страна, органите на државната управа, на кои им беа одземени овластувањата за водење прекршочна постапка и изрекување на санкции, се најдоа во пасивна позиција без можност ефикасно да постапуваат во спроведувањето на нивните надзорни овластувања“, се вели во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за периодот 2017-2022 година.

Со прогласувањето на амандманите за измена на Уставот на Република Македонија во декември 2005 година, поточно со амандманот XX се создаде можност, во случаи определени со закон, за прекршок, санкција да може да изрече орган на државна управа или организација, или друг орган што врши јавни овластувања, чијашто конечна одлука ќе подлежи на судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Оваа уставна одредба правно се операционализираше со донесувањето на Законот за прекршоци во мај 2006 година. Она што претставуваше најголем недостаток на овој Закон за прекршоци е неговата номотехничка сложеност, бидејќи во еден ист законски текст се систематизираат два потполно различни видови прекршоци како казниви дела и две потполно различни правни постапки пред различни носители на државната власт – судство и управа. Истовремено, законот содржеше и одредба според која со посебните материјални прописи може да се пропишуваат глоби за прекршоци надвор од рамките утврдени со Законот за прекршоци како општ пропис и системски закон.

Оваа законска можност, се вели во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, беше искористена на тој начин што со енормно голем број материјални закони органите на државната управа предвидоа во својата надлежност и право да изрекуваат глоби од неколку илјади (понекогаш и десетици илјади) евра во денарска противвредност.

„Ваквото законско решение трпеше бројни критики од бизнис-заедницата како најпогодена, од научната и стручната јавност чии претставници бараа итни измени на оваа одредба која овозможи две сериозни нарушувања на правниот поредок во државата: прво, пропишување на глоби за прекршок повисоки од казните за кривичните дела утврдени во КЗ и второ, непочитување на начелото non bis in idem бидејќи зачестени се појавите кога едно лице се јавува како обвинет, осуден и казнет и во прекршочна и во кривична постапка за исто дело кое е пропишано како прекршок во некој материјален пропис, а истовремено и како кривично дело во КЗ“, се посочува во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор.

Новиот Закон за прекршоци, се додава во Стратегијата, се донесе без никаква јавна расправа, без дебати, без вклученост на јавноста во 2015 година и во најголем дел е идентичен со претходниот Закон за прекршоци од 2006 година, при што се извршени извесни номотехнички промени и променета е нумерацијата на одредени одредби.

„Најочекуваната промена во однос на намалувањето на глобите кои можат да ги изрекуваат прекршочните органи не само што не е содржана во последниот ЗП туку напротив, глобите остануваат непроменети, на места дури и зголемени, и си уште е присутна и одредбата која предвидува можност „исклучокот да остане правило. Всушност, ова значи дека има можност со посебни материјални прописи да се предвидуваат глоби поголеми од глобите утврдени со Законот за прекршоци. Друга позначајна новина е воведувањето на двостепеност во прекршочната постапка во рамките на државната управа. Така, странката на која прекршочен орган изрекол прекршочна санкција, истата има право на жалба пред Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка основана со посебен Закон за основање на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка. Ова законодавно искуство претставува посебен куриозитет, бидејќи досега не е забележан случај во кој се носи еден закон за основање на нов државен орган, а во друг закон да бидат пропишани овластувањата на новиот орган (ЗП), а во трет закон (ЗОУП) да се пропишани правилата за постапување на тој орган“, се посочува во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор

„За работата на новоформираната Државна комисија, иако постои две години, нема ниту еден податок. Нејзината широка надлежност да одлучува како второстепен орган за сите прекршочни и инспекциски постапки беше најверојатно причина за утврдување на исклучително високи плати за нејзините членови, но затоа пак зачудува фактот што отсуствуваат анализи за работата на Комисијата, стратегија или програма за идното работење, статистички податоци за нејзината ефикасност, квалитетот и транспарентноста.

Официјалната интернет-страница на Комисијата не содржи ниту еден релевантен податок за анализа. Со оглед на фактот дека беше обезбедена редовна правна заштита против решенијата за прекршок, донесени од органи на државна управа со претходниот ЗП преку правото на тужба за поведување управен спор, како и тоа дека инспекциските постапки се само вид управни постапки за кои веќе постои второстепен државен орган, се поставува прашањето за причините и мотивите за формирање на оваа Комисија. Во стручната и научната јавност постои недвосмислен став дека нема потреба од нејзино постоење. Ваквите решенија во новиот ЗП кои овозможуваат органи на управа да изрекуваат глоби во милионски износи и судска заштита која не го одлага нивното извршување што се спроведува од страна на УЈП во даночна постапка, ни оддалеку не соодветствува на поимот прекршок определен како „помало неправо од сторено кривично дело“. За помало неправо следува поедноставна постапка и поблаги санкции што е сосема спротивно на определбата на постојниот ЗП“, се вели во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор.

„Ако се тргне од тоа дека разликата меѓу прекршоците и кривичните дела е само квантитативна (помало наспроти поголемо неправо) тогаш останува отворено прашањето зошто висината на глобите утврдени во ЗП и КЗ е обратнопропрорционална со висината на неправото. Ваквите законски решенија се неправични, нефер и неоправдани. Неспорна констатација е дека преку ЗП државната управа наместо да биде сервис за граѓаните се претвори во фискален егзекутор на граѓаните од кој тие најмногу стравуваат. Висината на глобите, како и правилата за правна заштита на граѓаните од евентуални незаконски решенија за прекршоци пропишани со ЗП, ја доведуваат под прашање доследната примена на начелата на владеење на правото, правната сигурност, правичноста и сразмерноста“, се додава во Стратегијата.

„Се забележува постоење на инфлација од прекршоци во надлежност на несудски прекршочни органи, како и огромен број закони со кои се утврдуваат овие прекршоци и висината на глобите за нивно сторување. Нацрт-стратегија за реформа на правосудниот сектор за периодот 2017-2022 година со Акциски план 2017 56. Поради сето ова, потребно е законската рамка за прекршоците значително да се подобри така што најпрво ќе се разграничат поимите судски прекршок и административен престап. Следствено на тоа, ќе се пропишат и целосно различни процесни правила за водење на двете постапки, што ќе резултира и со различни казни. Потребно е да се тргне од целта утврдена со Стратегијата за реформа на правосудниот систем од 2004 година која беше основа за повторно давање надлежност на државните органи на управата да водат прекршочни постапки и да изрекуваат прекршочни казни; да се предвиди надлежност за решавање на одделни најлесни прекршоци во сообраќајот, царините, финансиското и стопанското работење од страна на органите на управата, со предвидување уставни и законски гаранции за судска заштита на граѓаните од незаконски акти на државната управа“, се вели во Стратегијата.

Така, се додава во Стратегијата, административните престапи што ќе ги изрекуваат органите на државната управа ќе бидат навистина од најлесен вид со казни-глоби во низок износ. Другите прекршоци, за кои ќе се предвидат високи глоби, ќе бидат исклучиво во судска надлежност.

„Потребно е решенијата на прекршочните органи со кои е изречен прекршок, бидејќи глобите ќе бидат навистина со низок износ, да се сметаат за конечни и против нив да биде дозволена директна судска заштита пред Управниот суд. Тужбата за покренување управен спор треба да има суспензивно дејство, што значи без правосилна судска одлука, оспореното решение да не биде извршно. На тој начин ќе се скрати постапката и ќе се зајакне правната заштита на граѓаните, бидејќи судот секако влева поголема правна сигурност од второстепена државна комисија како дел од извршната власт. Разликата на висината на глобите треба да е утврден во ЗП и да се исклучи можноста да се отстапува од него со посебните материјални закони. Се чувствува потреба од тоа да се ревидираат прекршочните санкции со тоа што, меѓу другото, ќе се воведе опомена како вид санкција за правните лица. Можноста да се изрекува опомена за физички лица да се стимулира, бидејќи иако таа е предвидена со ЗП, ретко се изрекува во практика“, се истакнува во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор.

М.В