/ Прочитано:

1.399

Информација на ЈОРМ за нерегуларностите на референдумот

Јавното обвинителство објави информација за активностите на Привремената комисија за следење евентуални противправности поврзани со извршување на кривични дела од Глава XVI – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот.

Информацијата во целост:

Во текот на организирањето и спроведувањето на референдумот вкупно се регистрирани 40 нарушувања поврзани со остварување на правото на глас и референдумот.

  • На подрачјето на надлежност на Вишото јавно обвинителство Скопје еден предмет е оформен во текот на кампањата, додека останатите настани се однесуваат на денот на референдумското изјаснување. Станува збор за предмет оформен со спојување на три кривични пријави поднесени од две политички партии и едно здружение, а се однесуваат за ист настан, против исто лице, за наводно изречен јавен повик за поткуп при избори и гласање и за повреда на слободата на определување на избирачите, односно за прекршување на чл. 162 и чл. 160 од Кривичниот законик. Пријавите беа доставени до Основното јавно обвинителство Скопје и препратени на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство Куманово. Предметот е оформен, распределен кај надлежен јавен обвинител и по него се постапува во насока на проверка на наводите во кривичните пријави.

На денот на гласањето не се регистрирани нерегуларности на подрачјето на Основното јавно обвинителство Куманово, Основното јавно обвинителство Крива Паланка, Основното јавно обвинителство Велес, Основното јавно обвинителство Кавадарци и Основното јавно обвинителство Гевгелија.

На подрачјето во надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје регистрирани  се 29 настани за кои беше известен јавниот обвинител. Во најголем дел пријавените настани се однесуваат на незначителни инциденти, од кои 27 се разјаснети уште веднаш. Елементи на кривично дело се утврдуваат во еден настан на гласачко место во Аеродром,  каде едно лице дошло во дворот од училиштето каде се вршело гласањето, започнало гласно да вика и да ги омаловажува сите присутни. Во обид да го смират, интервенирале тројца полициски службеници, но лицето најпрво кон нив фрлило со лименка пиво, а  потоа започнало да се турка и да ги удира. Лицето е приведено и во консултација со ОЈО Скопје, против него е поднесена кривична пријава за кривично дело – Напад врз службено лице при вршење работи од областа на безбедноста по член 383 од Кривичниот законик. Констатирани се и неколку прекршувања и нарушување на јавен ред и мир, како и обиди да се фотографира гласачко ливче. Притоа, беа регистрирани настани на неколку гласачки места во кои граѓани пријавувале дека неовластено се снимани од одредени лица, но кога полициските службеници излегле на тие гласачки места утврдувале дека се работи за новинарски екипи кои немале видливо истакната легитимација или уредна акредитација за следење на референдумот. За другите два настани кои не беа разјаснети веднаш и натаму се постапува по насоки на јавен обвинител.

  • На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Битола, не се евидентирани настани за евентуални нерегуларности при спроведувањето на Референдумот на територијата на која што се надлежни Основното јавно обвинителство Прилеп, Основното јавно обвинителство Ресен и Основното јавно обвинителство Охрид.

На територијата на која што е надлежно Основното јавно обвинителство Струга се евидентирани 2 настани кои се веќе разјаснети. Елементи на кривично дело се утврдуваат во настанот кој се случил во с. Мислешево, каде гласач подигнал лист за гласање од Избирачкиот одбор, отишол зад параваните за гласање, а кога се упатил кон кутијата каде се ставаат гласачките ливчиња, се обидел во неа наместо даденото гласачко ливче да стави други празни ливчиња. Меѓутоа во таквата намера не успеал, бидејќи бил забележан од членовите на избирачкиот одбор, по што лицето ги испуштило тие ливчиња и избегало со гласачкото ливче дадено од избирачкиот одбор. Од страна на Јавниот обвинител веднаш беше дадена насока на службените лица на ПС Струга,  лицето да се пронајде, да се изврши претрес кај него, како и во неговиот дом или просториите каде ќе биде затекнато, додека ливчињата кои ги оставил на гласачкото место да бидат подигнати со потврда за привремено одземени предмети. Следниот ден по гласањето, сторителот сам се пријавил  во ПС Струга, а против него  веќе е поднесена кривична пријава за кривично дело – Уништување на изборен материјал од чл.164 ст.1 од Кривичниот законик. Од страна на надлежен обвинител е издадена Наредба за прибирање информации од членови на Избирачкиот одбор.

На територијата на Основното јавно обвинителство Битола, е евидентиран еден настан, во кој едно лице ангажирано како набљудувач на гласачкото место пријавил друг набљудувач дека им се обраќал на гласачите кои доаѓале на гласање и ги убедувал истите да не гласаат. Основното јавно обвинителство Битола за настанот очекува известување или соодветна пријава од СВР Битола.

  • На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар не се пријавени настани во Основно јавно обвинителство Тетово, Основно  јавно обвинителство Кичево  и Основно јавно  обвинителство Дебар, ниту пак  е поднесена кривична пријава во врска со референдумското гласање.

На територијата што ја покрива Основно јавно обвинителство Гостивар пријавени  се  два  настани. Во првиот, гласач откако гласал на избирачко место, вознемирен го стуткал гласачкото ливче и барал ново гласачко ливче, но избирачкиот одбор кој го спроведувал гласањето не му дозволил и гласањето продолжило. Во вториот настан, до ОЈО Гостивар пријавено е фотографирање на гласачи од возило во кое биле неколку лица. Идентификувано е возилото и две лица се приведени. Во двата настани, од страна на дежурен јавен обвинител  дадени се насоки  на ПС Гостивар како да се постапи за разјаснување на случајот.

  • На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Штип, нема регистрирани настани поврзани со организирањето и спроведувањето на референдумот во Основното јавно обвинителство Струмица, Основното јавно обвинителство Берово, Основното јавно обвинителство Свети Николе и Основното јавно обвинителство Делчево.

Во Основното јавно обвинителство Штип регистрирани се два настани, од кои елементи на кривично дело се утврдуваат во настанот во ОУ Димитар Влахов, каде што едно лице излегло на гласање заедно со неговата сопруга која се претставила  како  неписмена и гласала со помош на член од  избирачкиот одбор. Пред да го стави ливчето во гласачката утија, нејзиниот сопруг го зел, го отворил, а потоа го скинал. За ваквите дејствија, СВР Штип поднесе кривична пријава против осомничениот за кривично дело – Повреда на правото на определување на гласачите од член 160 став 1 од Кривичниот законик.

Во  Основното јавно обвинителство Кочани се евидентирани два настани, а еден е регистриран во Основното јавно обвинителство Радовиш. Станува збор за незначителни настани, во кои нема елементи на сторено кривично дело.

Освен овие 39 евидентирани настани на денот на гласањето низ Републиката, на отворената електронска адреса referendum@jorm.gov.mk, на која граѓаните можеа да поднесуваат информации пред, за време и по на одржување на референдумот, до овој момент пристигнати се вкупно 15 информации од граѓани и две кривични пријави за нерегуларности поврзани со процесот на гласање. Двете кривични пријави кои се од една политичка партија веднаш се доставени до Основното  јавно обвинителство Скопје на натамошно надлежно постапување. Обвинителите работат на предметите и веќе се преземаат соодветни дејствија. Другите пристигнати информации се разгледуваат и доколку се утврдат елементи на кривично дело, тие ќе бидат доставени на постапување во надлежно обвинителство.

Јавното обвинителство на Македонија продолжува да ги следи сите информации по кои, како и по евентуално поднесени нови кривични пријави ќе постапи согласно својата надлежност.