/ Прочитано:

2.288

ИНИЦИЈАТИВА ЗА ИМПИЧМЕНТ НА ИВАНОВ: Претседателот ги прекрши принципите на правда, одговорност и еднаквост

„Со оваа одлука Иванов направи дискриминација и ги стави политичарите и нивните соработници во привилегирана положба врз недозволен критериум. Со тоа тој ја врати Македонија во средниот век кога постоеле недопирливи и обични смртници“, рече Дескоска.

Комисија за импичмент на претседателот Ѓорге Иванов

Пред пратениците членови на Комисијата за импичмент на Иванов, Рената Дескоска ја образложи Иницијативата за импичмент на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, која ја поднесе СДСМ.

Според неа, основната причина за поднесувањето на Иницијативата е поради отсуството на секаква одговорност и арбитрарно однесување на актуелната власт.

„Ова е прв импичмент во историјата на Македонија и има за цел враќање на основните принципи на правда, одговорност и еднаквост. Дали Комисијата ќе остане нема на овој акт? Ние сме подготвени да го одбраниме Уставот бидејќи кршењето на Уставот претставува кршење на волјата на граѓаните. Принципот на одговорност е основен принцип и претставува највисок јавен интерес. Ѓорге Иванов има политичка одговорност за продлабочување на политичката и општествената криза во земјава. Но покрај тоа, тој има и правна одговорност за кршење на Уставот и законите. Не може политичката криза која произлегла од криминалното работење на власта да биде решена со помилување на криминалот“, рече Дескоска во своето образложение.

Таа истакна дека претседателот Иванов ги злоупотребил својата положба и овластувањата и ја пречекорил својата надлежност.

„Претседателот прекрши повеќе членови од Уставот, членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, понатаму принципите на владеење на правото и поделба на власта од членот 9, членот 68 став 1 алинеја 1 и 8, понатаму членот 84 и членот 106“, рече Дескоска.

Таа се осврна на, како што ја нарече, масовноста на 107 одлуки кои се донесени врз основа на членот 1 и на членот 11 од Законот за помилување.

„Иванов и во својот говор ниту еднаш не спомена помилување или аболиција, туку амнестија. Амнестијата не е во надлежност на Претседателот на државата, туку е во надлежност на Собранието“, рече Дескоска.

Бројката од 107 помилувања е голема и за редовните помилувања кои се во надлежност на Претседателот, а уште повеќе за помилување по исклучок.

„Со оваа одлука Иванов направи дискриминација и ги стави политичарите и нивните соработници во привилегирана положба врз недозволен критериум. Со тоа тој ја врати Македонија во средниот век кога постоеле недопирливи и обични смртници“, рече Дескоска.

Со актот на помилување Иванов ги охрабрил сите политичари дека незаконското и криминално работење нема да биде казниво.

„Иванов направи прекршување на принципот на поделба на власта и владеењето на правото и фактички го укина Специјалното јавно обвинителство, а се вмеша и во работата на судовите“, потенцираше Дескоска.

Таа побара Иванов да дојде пред Комисијата и да даде одговор на сите прашања кои се однесуваат на неговите одлуки.

Претседателот на Комисијата, Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, појасни дека според Деловникот за работа на Собранието, за формирањето на Комисијата се известува претседателот на Собранието и Претседателот на државата.

„Претседателот на Република Македонија може да достави и писмено известување за постапката која се води пред Комисијата, но до нејзиниот почеток такво известување не добивме“, истакна Илиоски.

Тој и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Светлана Јакимовска истакнаа дека во Деловникот не е предвидено Претседателот да присуствува на Комисијата како што е случај кога се повикуваат претставници на други институции при презентација на закони.

Втор за збор се јави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски кој истакна дека со Иницијативата на СДСМ за интерпелација ѝ е нанесен голем срам на Република Македонија.

Комисија за импичмент на претседателот Ѓорге Иванов

„СДСМ со оваа правно неиздржана иницијатива се обиде да ѝ нанесе удар и на последната институција во државава која не ја нападнаа, а тоа е Претседателот на РМ. Верувам дека тие не се ни свесни во каков лавиринт ја воведоа државата во време на безбедносни предизвици поради бегалската криза во која претседателот Иванов имаше голема улога за справување на земјата со бранот на бегалци“, рече Мукоски.

Одлуката на Иванов е основана и законска, особено поради фактот што иако го поддржавме СЈО, тоа почна да работи пристрасно и да ја игнорира институцијата Собрание која го формираше ова обвинителство, истакна Мукоски.

„СДСМ никогаш не дошол на власт преку волјата на граѓаните. Тие се исфрустрирани бидејќи во последниве две години сметките не им излегуваат како што планираат и сега нема по кого да удрат, па удрија по институцијата Претседател“, рече Мукоски.

Пратеникот на ДУИ Талат Џафери во своето обраќање се осврна на Одлуката на Уставниот суд за укинување на измените на Законот за помилување која, според него, била противуставна, а со таквата одлука Уставниот суд излегол од својата надлежност за да ја прошири надлежноста на Претседателот на Република Македонија, што исто така не е во негова надлежност.

Во рамки на Комисијата, секој од 11-те члена има право да се обрати, а останатите членови имаат право на две реплики.

Комисијата на 6 јуни треба да достави извештај до Собранието на РМ. За да помине на Комисијата за импичмент на Иванов, извештајот треба да добие поддршка од две третини од пратениците. Доколку Собранието го изгласа извештајот, за Иницијативата за импичмент треба да се произнесе и Уставниот суд.

М. С.