/ Прочитано:

1.128

ИНИЦИЈАТИВА ЗА ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ТУРИСТИЧКАТА ДЕЈНОСТ: „Нелојалната конкуренција шири сива економија на туристичкиот пазар“

Членките на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија бараат измени на Законот за туристичката дејност.

akademik foto 1

Како што образложуваат од ова здружение, иницирањето на законските измени е сè со цел да се стави ред во работењето, како и да се надмине проблемот на нелојалната конкуренција и сивата економија во туристичкиот и угостителскиот сектор.

Сивата економија е присутна на туристичкиот пазар

Во таа насока, од Здружението алармираат дека на туристичкиот пазар е присутна нелојална конкуренција, која се одразува негативно, како од аспект на ширење на сивата економија преку работа на човек фирми, така и преку нарушување на угледот на земјата како туристичка дестинација преку поплаките што ги добиваат тур-операторите и хотелите од странските гости, особено во шпицот на летната сезона.

„Дополнителен проблем е и работата на некои од туристичките водичи кои работат самостојно на пазарот, директно поврзани со странски гости, како и туристички водичи кои доаѓаат со странските гости и при тоа не се контролирани што и како презентираат“, вели Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Заменик-претседателот на Здружението на угостителството и туризмот, Славе Сирачевски, издвојува неколку спорни точки каде што се чувствува нелојалната конкуренција и каде што има основа за сива економија.

Се избегнува плаќањето на давачките

Според сознанијата на Здружението, спортски клубови, културно-уметнички друштва и други институции сами организираат патувања надвор од државата, што е незаконски и е на директна штета на работата на туристичките агенции.

„На терен работат туристички агенции кои добиле лиценца А, но во текот на работењето ги намалиле дел од условите, реално функционираат како со лиценца Б, а организираат работи како за лиценца А и при тоа никој не ги контролира.  Транспортни фирми се јавуваат како организатори на патувања и организираат тури надвор од границите на државата, што е исто така  незаконски, а  странски тур-оператори сами организираат тури во Македонија, без домашен посредник, не користејќи дури ни туристички водич“, образложуваат од Здружението.

„Таков случај има со туристи од Бугарија, Грција и од други подалечни земји. Исто така, има ситуации кога странски тур-оператори земаат домашни туристички водичи и целокупната организација на престојот е преку водичите. При тоа сè се плаќа во готово и се избегнува плаќањето на давачките. Има и голем број апартмани во Македонија кои не се евидентирани и кои се издаваат на странски туристи и на тој начин се избегнуваат сите давачки кон државата“, додаваат од Здружението.

Се нудат сомнителни услуги

Од Стопанската комора посочуваат дека фирмите членки на Здружението постојано укажуваат дека, пред сè, во најпопуларните летни туристички дестинации (Охрид и Струга), во екот на летната сезона, кога е  зголемен бројот на странски гости, се појавуваат човек агенции кои склучуваат договори со превозници или со туристички агенции.

„Тие нудат сомнителни услуги на јавни места: шеталишта, кејови, на улица и директно во ресторани и кафетерии, се демонстрира нападно и насилно однесување кон туристите коишто доаѓаат во нашата земја, посебно од Холандија и Белгија, на кои им се нудат летоци со неквалитетна и несоодветна содржина. Човек агенциите гравитираат на целото охридско-струшко крајбрежје, но најголема е нивната фреквенција во центарот на градот“, нагласуваат од Здружението.

Допис до Инспекцискиот совет

Асим Меѓедовиќ, член на Здружението при Комората, вели дека на овој начин се руши угледот кај странските гости кои имаат влијание во вкупното учество на туризмот во домашната економија, а се намалува и рејтингот на Македонија како атрактивна туристичка дестинација.

„Имајќи предвид дека немаше повратна реакција од останатите надлежни институции кои беа повикани да интервенираат, Здружението при Комората ќе достави допис до Инспекцискиот совет како тело надлежно за сите инспекторати со цел да се воочи важноста на проблемот. Здружението на угостителството и туризмот писмено ќе ги информира и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и Секторот за туризам при Министерството за економија за активностите што се преземаат во насока на надминување на проблемот.

Потребни се измени и дополнувања на Законот за туристичка дејност

Преку Здружението ќе бидат иницирани и измени и дополнувања на Законот за туристичка дејност со цел да се овозможи спроведување ред во работењето во согласност со Законот. Решавањето на овие проблеми, додаваат од Здружението може повеќекратно да се одрази на домашната економија, а особено преку растот на бројот на странски туристи, учеството на девизниот прилив во државната каса,  активирањето на голем број правни субјекти и поединци кои живеат од туризмот, како и на  инвестициите во туризмот.

М.В