/ Прочитано:

906

Иницијатива „е-Трговија за жени“

Потребна е поголема вклученост на жените во носењето клучни политики, решителност да го рашират својот глас, искористување на потенцијалот на технологиите за нивна поголема инклузија и креирање на локални, регионални и глобални мрежи на жени претприемачи. Ова се поентите од првиот специјализиран курс „е-Трговија за жени“, организиран од УНКТАД (Конференција за трговија и развој на Обединетите нации) во  Македонија.

Преку 50 жени претприемачи учествуваа на првиот од серија курсеви, кој се одржа изминатите два дена во Скопје, а потоа продолжува во Кина, Индонезија, Иран, Мексико, Руанда и Брегот на Слоновата Коска. Домаќин во Скопје беше  министерката за финансии Нина Ангеловска, како една од седумте жени амбасадори за е-трговија од целиот свет, избрана од УНКТАД, да ја пренесе пораката за улогата на дигиталната трговија во развојот на претприемништвото кај жените, како и важноста од нивно вклучување како поттик за економскиот раст.

„Задоволство ми е што иницијативата ‘е-Трговија за жени’ започнува токму од Република Северна Македонија. Поради пониското учество на жените на пазарот на труд, регионот губи 20 проценти од растот на бруто домашниот производ, додека пак земјава – 16 проценти, за што говорат податоците на Светската банка. Ако го имаме предвид ова, треба да креираме паметни политики за поголема вклученост на жените, еднакви шанси и можности за сите кои ќе придонесат за поголем економски раст. Сакам да ги охрабрам сите жени да целат високо, да веруваат во себе, да го искористат потенцијалот на технологиите и дигитализацијата и постојано да се надградуваат. Новиот брз дигитален свет бара интердисциплинарни барања и носи предизвици, но на крајот на денот секој поминат предизвик нѐ прави посилни и поискусни“, рече министерката за финансии Ангеловска, која е прва жена министер за финансии.

Министерката во овој дел потенцираше дека жените не смеат да се откажуваат пред проблемите, туку да наоѓаат решенија користејќи ја синергијата меѓу технологиите и својот потенцијал, знаењето и грижливоста.

„Каде и да одиме ќе се соочуваме со проблеми, од тоа не може да избегаме. Само споделувањето на проблемот не е доволно. Умешноста е во идентификување, но и во предлагање на решение. Затоа дефинирајте го проблемот и дадете ваша идеја за тоа како може да се реши. Само така заедно ќе доаѓаме побрзо до решенија и до добри резултати за сите“, посочи Ангеловска.

„Жените претприемачи се соочуваат со бројни бариери, како: пристап до финансии, вештини и поддршка за раст на бизнисот, што се случува особено во земјите во развој. Целта на иницијативата ‘е-Трговија за жени’ е да креира силна мрежа на жени и да ги инспирира жените да ги искористат можностите и да се вклучат во дигиталната економија“, истакна Канденс Нкот Бисек, проектен менаџер на иницијативата „е-Трговија за жени” на УНКТАД.

Според Ерик Јановски, претставник на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, поголемата вклученост на жените на пазарот на труд ќе доведе до поголем економски раст. Воедно, ќе придонесе и за зголемување на животниот стандард во семејствата.

„УСАИД има многу иницијативи кои ги поддржуваат жените, преку нив им помагаме на жените претприемачи да најдат нови пазари и да го зголемат извозот“,  рече тој.

Зошто е неопходно жените да креираат политики, прашаа  учесниците.

„Затоа што само тие што на своја кожа ги почувствувале проблемите можат да ги разберат и вистински да придонесат за нивно решавање. Затоа е неопходно да го слушнеме гласот на жените и да ја зголемиме нивната вклученост во носењето политики. За тоа е потребна политичка волја и правила кои ќе се почитуваат, а не да бидат само на хартија“, посочи Ангеловска.

Ова е единствен специјализиран курс од серијата „е-Трговија за жени“ на УНКТАД кој се одржува во Европа.

Конференција за е-трговијата и бизнисот

М.В