Иницијатива и дискусија за измени на Законот за средното образование, за вклученост на учениците во донесување на одлуките
Потребни се измени на Законот за средното образование кои ќе овозможат вклучување на учениците во процесот на донесување одлуки во образованието, беше истакнато на денешната тркалезна маса „Регулирање на учеството на децата и младите во образовната легислатива“, во организација на Коалицијата на младински организации СЕГА, во партнерство со Младинскиот образовен форум и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
На денешната тркалезна маса која претставуваше првична дискусија со пратениците, Народниот правобранител и невладините организации за вклучување на учениците во процесот на донесување одлуки во образовниот процес, беше посочено дека потребните законски измени ќе започнат со конкретна Иницијатива за измени и дополнувања на Законот за средното образование. Со Законот за средното образование се уредуваат организацијата, функционирањето и управувањето во средното образование, како дел од системот на воспитанието и образованието.
Иницијативата за измени и дополнувања на Законот за средното образование, образложи на денешниот настан Сандра Анастасовска од Младинскиот образовен форум, има за цел да создаде простор и услови за самоорганизирање и учество на учениците во креирање на сопствените училишта.
„Тоа значи дека на долг рок ќе обезбедиме ученици кои не се само активни и одговорни во процесот на одлучување и креирање на своите училишта, туку и во целата заедница. Процесот би го отвориле за учениците, за професорите и за сите засегнати страни и би креирале законска рамка што ќе ги направи учениците партнери во процесот на одлучување, но и партнери во самата идеја за креирање и самоорганизирање во училиштата“, нагласи Анастасовска.
Во таа насока, Анастасовска подвлече дека досега средношколците во процесот на одлучување немале никаков механизам како да бидат претставени во одборите и телата на училиштата. Во таа смисла, посочи Анастасовска, неопходно е креирање на активни граѓани, кои ќе имаат одговорност да одлучуваат и самите да учествуваат во процесот на одлучување
Извршниот директор на СЕГА, Зоран Илиевски, на денешната тркалезна маса рече дека состојбата во Република Македонија со гласот на учениците во училиштата е на минорно ниво. Учениците, додаде Илиевски, немаат право на глас и простор да го кажат своето мислење.
„Нашето барање се однесува на отворање процес со кој ќе се обезбедат законски измени во кои учениците во средните училишта ќе имаат право да учествуваат во донесувањето одлуки во училиштето и во сите реформи во образовниот систем“, нагласи Илиевски.
И податоците на Народниот правобранител говорат дека учеството на учениците во донесувањето одлуки во училиштата е на многу ниско ниво. Заменикот народен правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа на тркалезната маса истакна дека децата треба да се гледаат како партнери, како активни учесници во креирањето на политиките, но и во донесувањето на одлуки и дека со носењето одлуки во нивно име ги правиме младите да бидат пасивни.
„Спроведовме истражување во 2016 година за тоа каква е состојбата во училиштата. Резултатите се поразителни. Само во 61 од средните училишта има некаков облик на здружување на средношколците, меѓутоа учеството на децата во донесувањето одлуки го нема. Децата избираат свои претседатели на класови кои ги застапуваат во училиштата, но нивното застапување е само до одредени права или прашања, а таму каде што се креираат политиките учениците ги нема“, подвлече Бајрамовска-Мустафа.
Кон крајот на месец април оваа година, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, во рамките на активностите по повод одбележувањето на 25-годишниот јубилеј од постоењето, во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“, организираше тркалезна маса на тема „Улогата на граѓанските организации во креирањето на правна регулатива во најдобар интерес на децата и нивните права“.
На овој настан беше констатирано дека улогата на граѓанските организации во креирањето на правна регулатива во најдобар интерес на децата и нивните права е огромна. Во таа насока, невладините организации, посочи Коевски, имаат суштинско значење и во поглед на активниот мониторинг за заштита на правата на децата, зголемување на свеста и мобилизација на сите засегнати институции и авторитети.
„Преку нагласувањето на одредбите од Конвенцијата за заштита на правата на детето на Обединетите нации и на препораките на Комитетот за правата на децата, ја потсетуваме државата што треба да се направи во насока на заштита на правата на децата како произлезена обврска од Конвенцијата за правата на детето“, нагласи на тркалезната маса основачот на „Меѓаши“, Драги Змијанац.
М.В