/ Прочитано:

1.369

Иницијатива од граѓанскиот сектор за организирање на јавна расправа на Постојаната анкетна комисија за човековите права

Хелсиншкиот комитет за човековите права, Македонското здружение на млади правници и КХАМ Делчево поднесоа иницијатива за организирање на јавна расправа на Постојаната анкетна комисија за човековите права за прашањето на ограничување на правото на слободно движење и дискриминација на граничните премини спрема граѓаните од ромската етничка заедница.

И покрај ингеренциите што ги има оваа комисија во однос на заштитата на слободите и правата на граѓанинот, сепак во минатиот мандат не беше организирана ниту една јавна седница на ова собраниско тело. Оттука, проблемот со незаконитото постапување на граничните служби при Министерството за внатрешни работи на РМ (МВР), кои при вршењето на граничните контроли расно ги профилираат македонските државјани Роми и го спречуваат нивниот излез од државата, не беше никогаш разгледуван од страна на претставниците во Собранието на РМ.

Во периодот од 2011 година до денес, дискриминаторската практика од МВР е утврдена во поголем број меѓународни извештаи на Обединетите нации и Советот на Европа, каде што се даваат препораки ваквата практика да престане.

Во периодот од 2012 година до денес, поднесени се 50 тужби за утврдување на правото на еднаков третман на граничните премини, од кои 13 правосилни одлуки се позитивни, 9 се негативни, додека другите судски постапки се сè уште во тек. Поради донесените негативни одлуки, поднесени се 7 апликации до Европскиот суд за човековите права за повреда на правото на еднаков третман на македонските државјани Роми од страна на Република Македонија.

Оттука, сметаме дека е неопходно Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот да организира јавна расправа на која ќе бидат поканети релевантни организации, експерти и институции, кои подолго време работат на овој проблем или се засегнати од него, а сè со цел да бидат дадени конкретни предлози и да бидат преземени конкретни иницијативи за подобрување на законската рамка во насока на заштита на веќе утврдените права и слободи на граѓаните, како и надминување на системската практика на расно профилирање на граѓаните Роми на граничните премини од страна на полициските службеници на МВР.

M.В