/Прочитано:

1.008

Иницијатива за донесување посебен закон за Водно

Незадоволни од бројните нерегуларности што го следат функционирањето  парк-шумата Водно, нејзиниот нерешен статус и насобраните проблеми, од Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ бараат трајно решавање и заштита на парк-шумата.

„Очекуваме да ги прифатите барањата и предизвикот за нивно спроведување и во најкраток рок да го донесете како приоритет број 1 законот за Водно во форма на Lex specialis“, се вели во барањата на иницијативата, кои денес беа поднесени до  градоначалникот Петре Шилегов.

Официјалниот допис до градоначалникот го пренесуваме во целост:

  • Итно да се донесе “Закон за Водно” во форма на Lex specialis. Во изработка на овој закон да учествуваат и претставници на граѓанските здруженија.
  • За време на изработката на “Закон за Водно”, МЖСПП да издаде привремен заштитен статус на Водно, како би се оневозможила понатамошна узурпација на парк-шумата.
  • Јасно дефинирање на границите на парк-шума Водно и обележување на истите. Наш предлог е тоа да биде со јасно воочливи дрвја од ист вид, соодветно маркирани, по можност како нов насад по самите граници.
  • Да се преиспита постапката за Сончев град и патот до Сончев град и да се изнајде решение за ублажување и санација на штетата предизвикана со тој проект. Веќе се најави странска помош за реализација на истото, а јавно изјавуваме дека во ова сме спремни и да земеме активно учество.
  • Покрај гасоводната траса, Сончевиот град и патот до него, свесни сме и за останатите штетни проекти кои се започнати, па во таа смисла, кулата на АЕК да се опслужува само со жичарата и сопствено возило за достава, односно да нема можност за транспорт со ПМВ до самиот врв. Рампата која води до врвот да биде опслужувана 24 часа. Моменталниот земјен пат од бункерите до врвот на Водно, кој сега се користи за градежна механизација да се ревитализира односно да се отстрани слојот на чакал, истиот да се потреви и да биде достапен само за теренски возила.
  • Да се направи увид на деградираните пасишта (1555х) и земјоделското земјиште (850х) во рамки на парк-шумат. Оние кои се на РМ или не се обработуваат, да се откупат и истите да бидат предмет на пошумување, таму каде е тоа соодветно. Целта е зголемување на површините под шума во рамки на парк шумата, кои сега изнесуваат 2.168х од вкупните 4.573х под парк-шума Водно.
  • Да се лоцираат, мапираат и исчистат сите депонии кои се формирани во парк-шумата. Истите итно и неодложно да се отсранат од Парк Шумата и да се обезбеди стратегија за спречување на нивно повторно формирање.
  • Да се формира ново ЈП “Водно“ надвор од рамките на ЈП “Паркови и зеленило“, каде што сега постои само одделение за Водно. Истото да стопанисува со паркинзите на Водно и да биде задолжено за редот и чистотата на парк-шумата.
  • Да се формира ренџерска служба на Водно, во рамките на новото ЈП, со сопствен возен парк во форма на АТМ и теренски возила, соодветни за заштитено подрачје. Истата да ги има сите ингеренци на шумска полиција и да има своја екипа за прва помош и спасување, со работно време од 24 часа.
  • Да се реши статусот на одредени градби во рамките на парк шумата, како што се започнатото и никогаш довршеното детско одмаралиште, детското одмаралиште кое постои, но со години не функционира, како и домот на ПТТ. Целта на ова барање е да се дефинираат и изнајдат начини за санација и преадаптација на овие објекти. (На пример Детски едукативен центар, Музеј на Водно, Медиатека итн.)
  • Голем проблем на Водно е недостигот на вода на самиот врв, но и во детското одмаралиште, една од причините зошто стои недовршено и со нерешен статус. Наместо скапо решение и понатамошно девалвирање на парк-шумата, да се разгледа опција за изработка на резервоари за прифаќање на дождовна вода или каптирање постоечки извор, каде по филтрирање истата би се користела барем како техничка вода.
  • Да се организираат работилници, семинари и активности, кои би се одржувале на Водно, а во кои би учествувале градинки, основни и средни училишта, со цел едукација на младите и децата за Водно. На овој начин младите да се вклучат во активности од типот на повремено учество во чистење на планината, изработка на куќички за птици и животни, изучување и запознавање со живиот свет на Водно, неговото значење за градот, неговото минато, вклучувајќи ги и причините за неговите организирани пошумувања, улогата на Водно како климатски регулатор и директно учество на младите во заштита на природата.
  • Оштетените и паднати дрвја да се искористат за изработка на видиковци, кули за надбљудување, патокази, клупи, детски реквизити, огласни и информативни табли, како и огради на поопасни места и патеки.

Во однос на вашето прифаќање гасоводната траса да минува низ Водно, уште еднаш гласно ви кажуваме дека продолжуваме да се бориме со сите расположиви средства да го спречиме тоа зошто ниту еден момент не дадовте издржан одговор зошто го сменивте ставот, а напротив, максимално издржано претходно објаснивте зошто сте против тоа. Се надеваме дека во наредната година ќе успеете да увидите дека бенефитот на нашиот град треба да биде ваша основна водилка, а никако прифаќање на компромиси од било каков тип, вклуќувајќи ги и економските бенефити.

М.В