/ Прочитано:

881

Иницијатива за регулирање на статусот на бањите во Законот за здравствената заштита

Групацијата на бањите при Стопанската комора на Македонија, иницира регулирање на статусот на бањите како природни лекувалишта. Сите овие, сега веќе приватни правни субјекти кои се основани пред 1991 година, согласно измените на стариот Закон за здравствената заштита во 2004 година, се избришани како термин од Законот, односно не се веќе дел од субјектите кои функционираат  како здравствена организација што врши здравствена дејност и дава здравствена услуга.

„Сепак, согласно важечките  договори со Министерството за здравство од 1995 година, тие продолжија  со работа се` до носење на новиот Закон за здравствената заштита до 2012 година. Но и со новиот Закон за здравствената заштита од 2012 година, природните лекувалишта не беа дефинирани како здравствени организации, што не е практика во другите земји од регионот и пошироко, кои денес имаат развиени природни лекувалишта и освен за примарната дејност за која се основани, имаат значаен удел и во развој на бањскиот туризам како спа и велнес центри, кои работат со водни ресурси со природен фактор богати со минерали за кои плаќаат и концесија“, информираше на прес-конференција Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Претставниците на бањите укажуваат дека во нивното работење доминираат приходите од здравствените услуги и оттука, од особен интерес е да се надмине овој проблем, пред се` за осигурениците и пациентите кои ги користат нивните услуги, бидејќи постои опасност да се блокира процесот на користење на продолженото болничко лекување и специјалистичко консултативна здравствена заштита, што претставува нужен третман за пациентите кои имаат потреба од тоа.

За информација, во бањите годишно се нудат над 35.000 болнички денови како продолжено болничко лекување, имајќи предвид дека во просек користат по 15 болнички донови, тоа се над 2500 осигуреници. Специјалистичко консултативна здравствена заштита во бањите користат над 14.000 осигуреници годишно.

Иницијативата за регулирање на статусот на бањите во рамките на Законот за здравствената заштита е покрената и согласно искуството што е присутно во земјите од регионот, односно начинот на кој е регулиран статусот на природните лекувалишта во Република Србија, Република Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, а за што се користени податоци од актуелните закони за здравствена заштита од наведените земји, кои имаат сличен закон со стариот Закон за здравствената заштита, а дополнително е уредено дека истите здравствени организации можат да вршат и услуги од областа на туризмот во согласност со закон.

М.В