/ Прочитано:

915

Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски бара средба со претседателот на скопскиот Кривичен суд

Понеделник, 3 јуни 2013 – Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски од притвор, денеска во Основниот суд Скопје1 ќе достави барање за средба со претседателот на Судот, Владимир Панчевски, на која, како што велат, ќе се побараат одговори на нејасните одлуки поврзани со приведувањето и одлуката за притвор.

Иницијативата е поддржана од Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и од Македонскиот институт за медиуми.

Кежаровски беше уапсен пред два дена во рамки на полициската акција „Ликвидација“. Осомничен е дека во 2008 година, како новинар во „Репортер 92“, во јавноста изнел информации и податоци за заштитен сведок во случајот „Ореше“, со што го прекршил Законот за заштита на сведоци.

Притворањето на Кежаровски предизвика протест  на новинарите пред Кривичниот суд, а беше осудено и од ОБСЕ и здруженијата и синдикатите на новинари од Србија, Хрватска и од Босна и Херцеговина. Негово ослободување побара и Меѓународната организација на новинари „Репортери без граници“.