/ Прочитано:

1.051

Иницирани измени на Законот за културата во делот на одредбите за финансирањето на културата

 

До донесување на новиот закон за финансирање на јавниот интерес во културата, веднаш да се пристапи кон промена и дополнување на постојниот Закон за културата во делот на одредбите со кои се регулира финансирањето на културата. Ова е еден од заклучоците од средбата на министерот за култура, Асаф Адеми, со претставниците на иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“.

Во иницијативата се: „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, „Театар на Навигатор Цветко“,  кино „Култура“ – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура, „Факултет за работи што не се учат“, (ФРЧУ)/„АКТО“ – Фестивал за современи уметности, Интерарт културен центар – „Танц фест Скопје“, „Скопје танцов театар“ и „ПМГ рекордингс“.

Како што информираат од Министерството за култура, на средбата е договорено во натамошниот процес на донесување на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, во работната група да има член од оваа иницијатива. Во работната група за промена и дополнување на постојниот Закон за културата ќе се вклучи и член од иницијативата.

„Министерот Адеми во целост се согласува со укажувањата на културната јавност за недостатоци во начинот на финансирање и оценување на годишните конкурси и ја поддржува иницијативата за интервенција во постојниот Закон, во меѓупериодот до донесување на новиот закон во културата.

Иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“ ќе организира јавни дебати на кои активно учество ќе земе Министерството за култура, а на кои ќе се разговара и ќе се утврди модел за распределбата на буџетот во културата, по дејности“, соопштуваат од Министерството.

На јавните дебати ќе се разгледуваат и ќе се востановат критериуми за учество и оценување по годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата. Договорено е да се утврдат строги критериуми кои би биле специфични по дејности.

„Министерот Адеми и претставниците на иницијативата се договорија на јавен и транспарентен начин да се извршат промени на старите категории по дејности и категоризацијата да се усогласи  со европските и светските модели и практики за финансирање на културните активности.

Министерот ги информираше менаџерите во културата дека комисиите по дејности  ги преиспитуваат одбиените пријави и, во согласност со Законот за општата управна постапка, на субјектите кои доставиле пријави на годишните конкурси им се дава можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци. Министерот Адеми, како што неколку пати досега изјави, и на средбата потенцираше дека комисиите работат во согласност со Законот за културата, но дека има формални можности, со упатување жалба или поради реакции во јавноста, покрај одбиените проекти за кои комисиите утврдиле дека се од национален интерес,  да се преиспитаат и одобрени проекти за кои постои сомнеж за нерегуларност во оценувањето“, додаваат од Министерството за култура.

М.В