/ Прочитано:

4.103

Иницирани законски измени за решавање на проблемот со бездомните кучиња

Владата на Република Македонија иницираше измени на Законот за заштита и благосостојба на животните. Од Владата соопштуваат дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е задолжено заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство, со ЗЕЛС, како и во соработка со граѓанските организации за правата на животните, во најкус период да подготви законски измени за да се надмине проблемот со бездомните кучиња.

Со Законот за заштита и благосостојба на животните се пропишуваат минималните барања за заштита и благосостојба на животни во однос на нивното одгледување, чување, грижа и сместување.

Во членот 28 од овој закон кој се однесува на бездомните кучиња се пропишува дека општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје, се надлежни да вршат собирање на бездомните кучиња, односно нерегистрирани кучиња и регистрирани кучиња доколку ги затекнат на јавни површини без присуство на сопственикот и привремено да ги сместат во соодветни објекти – прифатилишта. Во овие објекти треба да се обезбеди елементарна заштита на животните од непогодни временски услови и да се обезбеди нивно ефикасно затворање.

Иницирањето на законските измени за итно решавање на проблемот со бездомните кучиња следи по вчерашниот  трагичен случај во Гостивар за кој денеска соопштение објави и Јавното обвинителство. Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, се вели во соопштението на ЈОРМ, издаде наредба за обдукција на телото на 17-годишна девојка која беше пронајдена синоќа во водите на Вардар.

„Според првичните информации, девојчето враќајќи се од училиште, поминувало низ градскиот парк во Гостивар, каде била нападната од куче. Бегајќи од кучето, таа паднала во надојдените води на реката. Случајни минувачи се обиделе да и помогнат, но не успеале. Безживотното тело беше пронајдено доцна синоќа околу шест километри низводно по течението на Вардар, во близина на селото Балин Дол. Идентификацијата на телото ја извршија членови на семејството на сега починатата. Јавниот обвинител изврши увид и на местото на кое девојката паднала во реката и на местото каде што беше пронајдено нејзиното тело. Беше земен исказ од сведоци со цел да се утврдат точните факти за настанот“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ денеска соопштија дека со последниот грозоморен настан, ситуацијата веќе е на раб да излезе од контрола поради долгогодишната пасивност на надлежните да се справат со проблемите. Од Здруженитето велат дека имаат конкретни решенија, но дека како здруженија целосно се оневозможени да дејствуваат и им помогнат на институциите во третирање на овој проблем.

Бараме, нагласуваат од Здружението, дефинирање на одговорното сопствеништво; најстроги казни за напуштање и неконтролирано размножување на милениците; оданочување и контрола на секој кој тргува со животни; задолжителна стерилизација на сопственичките кучиња; масовна и брза стерилизација и кастрација на бездомните кучиња. Свесни сме дека ваквите трагични настани јавуваат револт и бес кај граѓаните кој ние целосно го разбираме, но не смее да се посегнува по противзаконски, нехумани и самоиницијативни методи како труења и убивања на животните, бидејќи тоа не само што нема да го реши проблемот, туку ќе го продлабочи.

М.В