/ Прочитано:

1.921

Иновативен адвокат – надградување на адвокатската професија

Иновативниот адвокат треба да ја разбира правната наука и пракса, но тоа е само еден сегмент од адвокатурата која треба да вклучува иновации во работата. Адвокатот треба да ги развива и успешно да ги исполнува правните услуги кои ги дава на клиентите, особено да има развиено правна интуиција и добро да управува со предметите на коишто работи за неговата крајна цел да биде подобро, побрзо и економично правно услужување на клиентот.

иновативен адвокат

Не постои едноставен начин да се стане посветен и иновативен адвокат. Секој адвокат има сопствен начин на работа, лични способности и приоритети во работењето. Успешниот адвокат секогаш ќе настојува да направи спој на своите способности со правничкото искуство. Иновативниот адвокат треба да ја разбира правната наука и пракса, но тоа е само еден сегмент од адвокатурата која треба да вклучува иновации во работата. Адвокатот треба да ги развива и успешно да ги исполнува правните услуги кои ги дава на клиентите, особено да има развиено правна интуиција и добро да управува со предметите на коишто работи за неговата крајна цел да биде подобро, побрзо и економично правно услужување на клиентот.

До пред неколку години, особено во САД, адвокатските фирми во својот систем на вертикална хиерархиска структура, управувањето и воведувањето новини во работата им го препуштале само на главните адвокати, т.е. менаџментот, додека пак младите надежни адвокати кои работеле во тие фирми немале можност да се истакнат и постојано чекале да дојдат нивните 5 минути во компанијата.

Работите драматично се смениле по последните неколку години благодарејќи на глобализацијата, технологијата и на финансиската криза во 2008 година и на последиците од неа. Адвокатските фирми веќе не се единствените што нудат правни услуги. По 2008 година во САД во пораст бил бројот на консултантски куќи, самостојни адвокати и економскоправни консалтинзи кои полека земале дел од работата на адвокатските канцеларии. Дотогаш правната експертиза била единствената компонента на правните услуги. Како што поминувало времето, тие услуги се прошириле со воведување на технологија и следење на бизнис-процесите. Со тоа се отворил простор за привлекување на нови клиенти на пазарот коишто почнале да ја перципираат адвокатурата како сервис кој е нивен партнер во водењето на бизнисот.

Овие промени претставуваат одлична можност за иновативните адвокати да изградат нови модели за давање на правните услуги. Тие на долг рок можат да ги намалат своите трошоци користејќи ја современата технологија (брзи компјутери, брз и неограничен интернет итн.), а со тоа да бидат ефикасни во однос на својот клиент. Во САД само три софтверски алатки имаат близу 3,6 милиони корисници и опслужуваат повеќе од 1 милион мали бизниси.

Според Оксфордскиот англиски речник, адвокатот се дефинира како правник, професионалец кој применува правна пракса, кој работи во интерес на клиентите и кој ги претставува пред судот или во други процеси.

Во последните 20 години, оваа дефиниција треба да се прошири, смета Марк Коен, адвокатот и професор на Универзитетот Џорџтаун,  кој вели дека во дефиницијата треба да се додаде консалтингот, управувањето со правни ризици, технологијата, правното истражување итн.

За да се мисли на иднината на правната професија, потребно е правните иновации да станат дел од изучувањето на правните факултети. Таму студентите по право треба да се запознаат со управувањето со проекти, технологија, финансии, сајбер-заштита, односите и соработката со клиентите. Ова ќе придонесе не само за подобра подготовка за адвокатската професија туку и ќе ги подготви адвокатите да размислуваат во позитивна насока на подобрување и вметнување на иновации во текот на нивната правничка и адвокатска кариера.

Првиот чекор за да се стане иновативен адвокат е да се разберат промените што ја дефинираат и што ја обликуваат правната професија во изминатите години. Следен чекор е да се набљудува како влијаат тие промени на правото во пракса и третиот можеби најважен чекор е постојано да се следат глобалните промени кои влијаат на правната професија, економските, финансиските, политичките текови во светот.