/ Прочитано:

1.069

Иновации во изборниот процес: Волонтерски адвокатски тимови во својство на набљудувачи за доследен изборен мониторинг

За гарантирање на интегритетот и на транспарентноста на изборниот процес, набљудувачката мисија на домашните и на странските акредитирани набљудувачи е незаменлива и во многу погледи неопходна во македонски услови. Единствено акредитираните набљудувачи може да известуваат за текот на изборниот процес и активностите поврзани со неговото набљудување. Домашната граѓанска асоцијација „Мост“ е веќе десет години активен учесник во изборниот процес како набљудувач. Теодора Поповска, претставник на „Мост“, вели дека влијанието на набљудувачите е најизразито кога државните институции непосредно воспоставуваат контакт со нив. Наспроти домашната практика, изборните циклуси во САД директно подлежат на набљудување од волонтерски адвокатски тимови. На споредбена линија, проф. д-р Тања Каракамишева, експерт по уставно право, укажува оти нашето сфаќање за волонтирање е сериозно нарушено, поради што стоиме далеку од формите на волонтирање како оние во американскиот изборен систем.

Процедурата за набљудување на изборите, во согласност со Член 161 и Член 162 од Изборниот законик, се утврдува од страна на Државната изборна комисија. Изборите може да ги набљудуваат: домашни здруженија и странски организации регистрирани во согласност со законите, најмалку една година пред денот на одржувањето на изборите, а во чии статути е вклучено начелото на заштита на човековите права; меѓународни организации, како и претставници на странски земји. Овие организации добиваат овластување од ДИК, која има право и да им го одземе овластувањето за набљудување ако прибегнат кон изразување поддршка за некој кандидат, за партија или за коалиција. Единствено акредитираните набљудувачи можат да информираат за текот на изборниот процес и активностите поврзани со неговото набљудување и имаат право да ги евидентираат сите свои забелешки во дневникот на избирачкото место.

Домашната граѓанска асоцијација „Мост“ е веќе една деценија активно вклучена во изборниот процес како набљудувач со бројни човечки ресурси. Нејзината десетгодишна дејност се огледа во визија за свесни и активни граѓани што водат кон одговорна власт како база за одржливо и демократско градење на општеството во Македонија, во регионот и во светот. Сродна со неа, мисијата на организацијата ги поттикнува и ги мобилизира граѓаните да ги користат своите права, со цел зајакнување на демократската култура во Македонија, зголемување на демократскиот капацитет на граѓанските организации, на институциите и на политичките актери, како и создавање одржливи партнерства. Спроти распишаните локални избори, Теодора Поповска, претставник на „Мост“ за односи со јавноста, вели дека Асоцијацијата оваа година ќе им даде можност на околу 3500 граѓани самостојно да придонесат кон транспарентноста на изборниот процес во својство на набљудувачи.

„Како и изминатите десет години, така и овој пат настојуваме да обучиме и да вклучиме што поголем број граѓани во нашите набљудувачки тимови. Со бројката од 3500 лица ќе покриеме околу 60 отсто од гласачките места. Фактот што граѓаните сами се јавуваат со барање да бидат дел од нашата мисија непосредно штом се распишат избори говори дека довербата на граѓанството кон Асоцијацијата е на високо ниво. Во досегашната практика, ’Мост‘ била целосно отворена за комуникација и за соработка со граѓаните, како во врска со изборите така и со други проекти насочени кон демократско градење на општеството“, уверува Поповска.

Влијанието на набљудувачите највидливо при непосредниот контакт со државните институции

По завршувањето на секој изборен циклус, „Мост“ објавува извештај во кој се изнесуваат сите воочени неправилности. Овие извештаи често се користат како релевантен извор на информации, но, како што потцртува Поповска, ефектот на промените е многу повидлив кога Асоцијацијата директно комуницира со институциите и со другите засегнати страни.

„Граѓанската асоцијацијата ’Мост‘ е вклучена во изборното законодавство уште од 2006 година, кога беше донесен Изборниот законик, а сме учествувале и во сите негови досегашни измени. Во изборната практика пред 2006 година, секој посебен вид избори (парламентарни, претседателски и локални) беше регулиран со посебен закон, а дополнително постоеја и закон за избирачкиот список, за изборните единици и за избирачките места. Тогаш, на иницијатива на „Мост“ беа организирани повеќе јавни расправи на кои им уследи целосно кодифицирање на изборното законодавство, т.е. сите закони во врска со изборите беа преточени во единствен Изборен законик“, вели Поповска.

Покрај ова, Асоцијацијата земала учество и во сите досегашни постапки на изменување на Изборниот законик.

„Кога станува збор за менување на Изборниот законик, во 2008 година, „Мост“ организираше неколку работни групи од кои произлегоа 41 амандман за менување на Изборниот законик. Од нив, Собранието на РМ прифати вкупно 39, внесувајќи ги во Изборниот законик. Од друга страна, во 2012 година бевме дел од работната група која работеше на измените на Изборниот законик, при што доставивме неколку предлози за подобрување на легислативата, но ниту еден од нив не беше прифатен. Оттука, неможно е да се препознае генерален тренд во однос на тоа колку се прифаќаат нашите препораки“, образложува Поповска.

Без оглед на заднината и на промената на околностите од избори на избори, Поповска се покажува задоволна во однос на соработката на „Мост“ со државните институции, пред сè, со Државната изборна комисија.

„Може слободно да се каже дека соработката со ДИК се одвива на задоволително ниво. Имено, ’Мост‘ учествуваше во подготовката на прирачниците за едуцирање на членовите на општинските изборни комисии и избирачките одбори. Во овие прирачници накратко се обработени информациите за изборниот процес, како и за активностите на овие органи при неговото спроведување. Во таа смисла, подигнувањето на квалитетот на едукацијата на изборните органи сигурно дека имало одредено влијание врз детектирањето на евентуалните изборни нерегуларности од страна на избирачките одбори. Исто така, во 2006 година ја креиравме веб-страницата „Избирачки список“, каде граѓаните може да проверат дали се наоѓаат во Избирачкиот список. Со ова Македонија стана првата држава во регионот која им ја овозможи ваква услуга на своите граѓани. По завршувањето на проектот, веб-страницата премина во надлежност на Министерството за правда, а од 2011 година е во надлежност на ДИК“, завршува Поповска.

Адвокатскиот подмладок на Америка — од убедување во набљудувачките тимови за гарантирање регуларен изборен процес

Во компаративна перспектива, изборниот амбиент во Соединетите Американски Држави бележи сè повеќе иновации во начинот на спроведување на изборната постапка. Во последниот изборен циклус од 2012 година, кога силите ги одмеруваа претседателските кандидати Барак Обама и Мит Ромни, машинеријата на двете ривалски страни беше засилена со набљудувачки тимови од адвокатска провениенција. Илјадници адвокати доброволно беа распоредени во одборите за надгледување на изборниот процес во сојузните држави каде што анкетите покажуваа изедначени  резултати во предизборието. Поучени од случајот произлезен од изборната трка во 2000 година, кога разликата помеѓу гласовите на Џорџ Буш и Ал Гор беше исклучително мала и наголемо оспорувана во државата Флорида, кандидатите во последните избори навремено обезбедија доволно човечки ресурси од областа на адвокатурата, кои беа задолжени за следење на изборниот процес.

Според последните статистички прегледи, партиите и кандидатите во САД пристапуваат кон меѓусебно тужење како никогаш досега: од 2000 година наваму, тужбите во врска со изборниот процес се зголемиле за два и пол пати на национално ниво. Ваквиот тренд засилено налага потреба од ангажирање „армија“ адвокати за критичко следење на изборите, што во многу погледи ја потврдува тезата на авторитетното име во американското изборно право, Ричард Л. Хејзен, професор на Универзитетот на Калифорнија во Ирвин: судските спорови произлезени од изборната постапка стануваат во сè понагласена мера дел од политичката стратегија на партиите, а тоа, само по себе, во јавноста добива карактер на вистинска војна за изборните правила.

Намерувајќи на скенирање можности, наместо проценување веројатности, млад адвокатски кадар од целата земја доброволно се пријавува за директно учество во набљудувачките тимови на Демократската партија и на Републиканската партија, изразувајќи на тој начин поддршка од убедување и подгревајќи надеж за можно себепромовирање, а со единствена цел: да се гарантира регуларноста на изборниот процес. При споредување на домашната и на американската изборна практика, проф. д-р Тања Каракамишева, експерт по уставно право, ќе рече оти секоја од домашните политички партии има свој правен тим кој се грижи за следење на изборите, но укажува дека тукашната смисла за волонтирање, особено како правник во набљудувачки тим, е далеку од рамништето на кое таа се издигнува во САД:

„Политичките партии во Македонија, без оглед на идеолошката заднина, располагаат со сопствени високоразвиени правни тимови кои се залагаат да не дојде до загрозување на положбата или на интересот на партијата на изборите. Нивната функција во најголема мера доаѓа до израз во постапките на поднесување жалби во врска со увидените изборни нерегуларности, но се вклучуваат и во предизборното обучување и советување на лицата што партијата ги именува за свои набљудувачи. Вака поставените нешта немаат блискост со политичката култура во Америка. Всушност, мислам дека со постоењето вакви тимови нема потреба од измени во Изборниот законик во делот на набљудувањето. Едноставно, нашето сфаќање за волонтирањето е толку разнишано, што навистина сме далеку од форми на волонтирање како оние во американскиот изборен систем. Сметам дека таа потреба треба да се всадува меѓу младите уште за време на нивните студии, а не да се препознава и да се наложува како неопходност откако ќе го завршат високото образование“, порачува Каракамишева.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено на: 11.03.2013