/ Прочитано:

1.685

Иновациите стануваат сè поактуелни во правната индустрија – анализа на американски адвокат

Адвокатот, иноватор и професор по право од Вашингтон, Марк Коен, на својот блог развива дискусија во насока на модернизација на адвокатската професија и начинот на нејзино функционирање. Тој тврди дека сè поголем број докази укажуваат на тоа дека сегашниот традиционален модел на функционирање на адвокатурата е застарен.

Иновациите стануваат сè поактуелни во правната индустрија во изминатиот период. Сепак, тоа зависи од повеќе фактори – дали постојат соодветни услови за вложување во иновациите, дали преку модернизацијата ќе се зголеми квалитетот на услугите итн. Оттука се поставува прашањето дали традиционалното пратнерство во адвокатските канцеларии станува застарен модел и доколку е така, што ќе го промени тој модел.

Адвокатот, иноватор и професор по право од Вашингтон, Марк Коен, на својот блог развива дискусија во насока на модернизација на адвокатската професија и начинот на нејзино функционирање.

Тој тврди дека сè поголем број докази укажуваат на тоа дека сегашниот традиционален модел на функционирање на адвокатурата е застарен и тоа не е толку тешко да се претпостави.

Тој смета дека прв проблем со застареноста се распределбата на добивката и нејзината распределба помеѓу партнерите, од причина што нив ги интересира добивката за сметка на интересите на клиентите. Од друга страна, поискусните адвокати го избегнуваат ваквиот начин на поделба на профитот и најчесто ги напуштаат адвокатските канцеларии бидејќи сметаат дека тие во очите на клиентите имаат повисока вредност отколку онаа што ја добиваат со распределбата.

Во меѓувреме, незадоволството на клиентите во адвокатските фирми останува на средно високо ниво, со оглед на тоа дека е забележан брз пораст на вработувањето правници и адвокати во компаниите, со цел да ги застапуваат нивните интереси, наместо да ангажираат посебна адвокатска канцеларија. Овој тренд, со тек на време, создал еден вид „речна делта”, разграничување помеѓу понудата и побарувачката на правни услуги.

Покрај мал број адвокатски фирми кои се сметаат за елитни брендови и кои се занимаваат со прашања од голема важност и висока цена, другите фирми се соочуваат со суштински и системски прашања: испораката на услугата, нејзината структура, недоволното познавање на дејноста на клиентот итн., а од сето тоа произлегуваат големи непредвидливи трошоци и неуспехот да се справат со сето тоа, неуспехот да се процени соодветната задача и да се распоредат силите за справување со некој предмет.

Проблемот со застареноста Коен ја гледа и во тоа што адвокатите премногу се занимаваат со бизнис наместо со право, приврзани се кон тоа стојалиште,иако одамна требало да го напуштат.

На крајот, како револуционерна промена што треба да се случи во адвокатурата е инвестирањето во „паметни“ пари. Тоа значи дека начинот на функционирање на адвокатските канцеларии треба да биде насочен кон инвестирање во технологија, вклучувајќи ја и вештачката интелигенција, област во која се вложиле повеќе од 750 милиони долари во последните 5 години. Со таквото вложување, правните услуги ќе бидат трансформирани и брзи, процесирани и технолошки-ориентирани и на адвокатите ќе им заштеди многу време. Тие, сепак, сè уште ќе имаат главна улога во професијата, со тоа што ќе имаат повеќе време за анализа, лични контакти со клиентите, преговарања и советувања.

С. М.