ИНСТИТУЦИИТЕ ДА НЕ ГИ РУШАТ ЧЕСТА И УГЛЕДОТ НА ГРАЃАНИТЕ: Недозволива е дискриминацијата на Ромите на граничните премини
Невладините организации алармираат за проблемот со дискриминација на Ромите на граничните премини. Покрај ограничувањето на уставногарантираните права, Ромите се дискриминирани при граничните проверки за излез од државата.Се водат над 40 судски процеси за дискриминација
„Каква било дискриминација е недозволива и ќе бидат преземени соодветни мерки за да се надмине овој проблем, кој е евидентен во последните неколку години“, беше истакнато на средбата на претставниците на невладините организации со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Проблемот, истакна Спасовски на средбата, трае веќе подолг временски период, но кулминираше во последно време бидејќи се соочуваме со водење на судски постапки, односно со поднесување тужби за дискриминација пред надлежните судови во Република Македонија.
„Има 41 судски процес за дискриминација при излез од државата на припадници на ромската заедница, а веќе има и неколку правосилни судски пресуди кои претставуваат товар не само за МВР туку и за Република Македонија. Државата ќе мора да плати отштета за нарушување на угледот и честа затоа што без никакво образложение не им се дозволил излез на припадници на ромската заедница. Институциите не смеат да ги рушат честа и угледот на оние заради кои постојат. Мора да се почитуваат Уставот и законите“ – рече министерот Спасовски.
Позитивни судски пресуди во корист на дискриминираните Роми
Ромите се непропорционално засегнати од граничните проверки при излез од државата, при што се врши и дискриминација, а не само ограничување на уставногарантираните права, се наведува и во Извештајот за ефикасноста на правната заштита на човековите права во Република Македонија, изготвен од Македонското здружение на млади правници и УСАИД.
Во Уставот на РМ постојат случаи во кои се ограничува правото на движење на граѓанин на Република Македонија или забрана да ја напушти државата, а тоа е доколку за него се води кривична постапка или заради заштита на безбедноста на Републиката или заради заштита на здравјето на луѓето.
Во случаите опфатени во Извештајот станува збор за поголем број лица од ромската етничка заедница кои сакале да ја напушат земјата, а биле спречени во тоа.
Од МЗМП велат дека практиката што се забележува во случаите не е поткрепена со ниту една од причините поради кои на граѓанин на Република Македонија би му било забрането да ја напушти државата. Напротив, сите лица кои се јавиле со ваков проблем имаат валиден биометриски пасош и на никаков начин не претставуваат закана ниту по безбедноста, ниту по јавното здравје.
Сепак, МЗМП бележи и успех пред граѓанските судови, каде што веќе има пресуди во корист на дискриминираните Роми. Иако на почетокот судската пракса беше неусогласена, сега може да се утврди дека судовите успеваат да забележат на кој начин е настаната повредата на правото на движење и на правото на еднаквоста за оваа категорија луѓе.
M.В