/ Прочитано:

1.975

ИНСТИТУЦИИТЕ ЗАТАЈУВААТ: Жените жртви на семејно насилство и самохраните мајки се соочуваат со бездомништво

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ и НВО „Една може“, денеска организира дебата на тема „Жени жртви на семејно насилство – потенцијални бездомнички“.

akademik foto

Во Македонија, беше нагласено на настанот, секоја трета жена е жртва на семејно насилство. За ова појава или се молчи, или пак жртвите се принудени сами да се борат за своите права бидејќи со години наназад изостанува поддршката од институциите. Иако Македонија ја потпиша Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашното насилство, позната како  Истанбулската конвенција, таа до ден денес не е ратификувана.

„Реперкусиите од игнорирањето на овој проблем се далекосежни и оставаат простор жените жртви на семејно насилство да се вбројат во групата на потенцијални бездомници, со што додатно ќе се влошат условите за достоинствен живот и за нивна ресоцијализација. Во таа насока, потребно е актуализирање на прашањето за жените кои поминале низ семејно насилство и преземање на конкретни чекори“, беше нагласено на денешната дебата.

akademik foto

Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, рече дека кога станува збор за бездомништвото, една од најранливите групи се жените жртви на насилство.

„Ова претставува сериозен проблем за овие жени и тој е присутен не само во нашата земја, туку е глобален феномен. Во оваа насока, најризична група за бездомништвото се токму жените жртви на насилство. Дури и да се функционални шелтер-центрите, можноста за нивно згрижување таму е три месеци, со можност за продолжување на уште три. Но, што потоа? Ваквата безизлезна ситуација ги принудува да се вратат кај насилникот. Друга група жени се враќаат кај своите родители, или пак кај своите пријатели и често живеат во пренаселени домови. Има и такви  жени кои поминале низ семејно насилство, а се сместени во психијатриски установи бидејќи немале избор каде да одат. Мора да се преземат мерки за подобрување на ваквите состојби, а особено во делот на институционалните механизми за заштита на овие жени, како и во делот на законодавството преку измени на Законот за социјална заштита“.

akademik foto

Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, истакна дека во Република Македонија затајува системот за поддршка на жените жртви на семејно насилство.

 „Првенствено во Македонија има недоволен број на шелтер-центри, а институциите имаат недостиг од стручен кадар обучен за работа со други форми на насилство. Не постои ниту стандардизација на услугите и сервисите помеѓу давателите на услуги. Ова подразбира дека во државата нема развиени мерки за поддршка на жените кои поминале низ семејно  насилство. Нема мерки за вработување, ниту пак има мерки за домување. Жените жртви на семејно насилство се оставени сами на себе. Жените се оставаат да избираат помеѓу двете зла – насилството и бездомништвото. Немајќи друг излез, тие повторно се принудени да се вратат кај насилникот. Државата заборава дека овие жени мора да бидат заштитени. Нашата јасна препорака е дека државата мора да развие мерки и да ги згрижи жените жртви на насилство“,  нагласи Димушевска.

И самохраните мајки се соочуваат со бездомништвото и со ризикот од бездомништвото. Повикувајќи се на податоците од спроведената анкета, Билјана Костадиновска, од НВО „Една може“, нагласи дека според оваа анкета  само 15 % од самохраните мајките имаат свој дом, додека 70 % живеат со родителите, а останатите живеат под кирија или користат други решенија за домување. Самохраните мајки, подвлече Костадиновска, се потенцијални бездомнички бидејќи живеењето со родителите не е решение.

akademik foto

Даниела Марковска, од НВО „Една може“, истакна дека во денешно време самохраните родители се многу попогодени од сиромаштијата. Голем проблем за самохраните мајки е немањето сопствен дом.  Жените кои поминале низ семејно насилство и самохраните мајки, покрај соочувањето со проблемот на бездомништвото, се соочуваат и со неефикасноста на правдата, но и со дискриминацијата.

Државата, потенцираше Марковска, е таа која треба да преземе чекори  за борба против насилството врз жените и за подобрување на состојбата на самохраните мајки, кои ако не биле жртви на насилството од партнерот, тогаш се жртви на институциите.

Минатиот месец Основниот суд Скопје 2 донесе пресуда со која се утврдува дискриминација врз самохрана мајка од страна на нејзиниот работодавач кој го повредил нејзиното право на еднаков третман врз основа на пол, личен и семеен статус, раѓање и родителство. Во пресудата на Основниот суд Скопје 2 се вели дека Судот утврдил дека тужениот имал однесување при кое постоела намера да се дискриминира тужителката поради нејзината бременост.

Самохрана мајка, која поради бременоста била дискриминирана на работното место, ја доби правдата на суд

M.В