/ Прочитано:

1.674

Институт за социјална демократија „Прогрес“: Жртвите на семејно насилство се губат во лавиринтот на институциите

Жртвите на семејно насилство шетаат од врата до врата. Релацијата е: Центар за социјални грижи – полиција – Центар за социјални грижи. Едните им велат ‘Ова треба да го реши полицијата’, а другите ги убедуваат дека нивниот проблем е во надлежност на центрите за социјална грижа. Во полицијата ги прашуваат колку пати се повторува насилството, ако е прв пат, втор пат или трет пат, тие ја упатуваат жртвата повторно да се врати дома, без да ѝ обезбедат каква било заштита.

Семејно насилство рака

Семејното насилство како феномен се појавува многу одамна во различни култури и различни нации, но реакцијата кон него од страна на општествата била изразувана во вид на срам, осуда, исмејување и навреди. Ваквите реакции оневозможуваат превенција и сузбивање на семејното насилство. Истражувањето на Институтот за социјална демократија „Прогрес“ покажува дека семејното насилство и ден денес во Македонија е табу-тема. Жртвите на овој феномен го прикриваат насилството и молчат, со што уште повеќе се изложени на психичко страдање. На Форумот за родова еднаквост беа нагласени проблемите и недостатоците во делот на појавата на дискриминација во случај на семејно насилство врз жената од страна на институциите. Велат дека жртвите на семејно насилство најчесто се губат во лавиринтот на институциите.

„Жртвите на семејно насилство шетаат од врата до врата. Релацијата е: Центар за социјални грижи – полиција – Центар за социјални грижи. Едните им велат ‘Ова треба да го реши полицијата’, а другите ги убедуваат дека нивниот проблем е во надлежност на центрите за социјална грижа. Во полицијата ги прашуваат колку пати се повторува насилството, ако е прв пат, втор пат или трет пат, тие ја упатуваат жртвата повторно да се врати дома, без да ѝ обезбедат каква било заштита. Би сакала да нагласам дека институциите се нефункционални во однос на решавање на проблемот, нефункционални се центрите за згрижување, нефункционални се службите за обезбедување психолошка и правна помош. Затоа велам дека правните прописи мора да бидат конципирани на начин што ќе овозможи задоволување на сите основни потреби на жртвите на насилство, вели Дијана Стојановиќ-Ѓорѓевиќ.

Законските прописи кои важат во Република Македонија, а се однесуваат на семејното насилство (Законот за семејство, Кривичниот законик и Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство), помогнаа во изработката на документот „Самохраните мајки жртви на мултиплицирано насилство“, особено во поглед на дефинирањето на родовото насилство, како и во насока на давање на препораките кои би овозможиле превенција и сузбивање на семејното насилство.

Според Линдита Шаќири-Атанасова, жртвите на насилство во брачна заедница се соочуваат со уште поголеми проблеми по разводот. Поради неефикасниот правен систем во оваа област, голем број од жените се откажуваат од своите права. Шаќири-Атанасова пренесе дел од сведоштвата на самохраните мајки:

„Се обидуваат да ве разубедат да не почнувате со постапка за развод во случај кога насилството е само психичко, а нема употреба на физичка сила.“

„Откако ќе пријавите семејно насилство во домот, Комисија од Центарот за социјални работи доаѓа да направи увид по 6 месеци.“

„По разводот се откажав од алиментацијата за да не ме пронајде повторно. Законот не ме заштити кога бев физички малтретирана, не верувам дека некој ќе ме заштити во случај да ме најде, затоа и се откажав од алиментацијата.“

Институтот за социјална демократија „Прогрес“ даде препораки за решавање на овој проблем. Сметаат дека, пред сè, треба да се дефинира статусот на самохраните родители и тоа да биде вметнато во законска рамка со цел да се обезбеди нивна заштита кога се соочуваат со дискриминација од страна на институциите. Понатаму, според направените истражувања, сметаат дека ефикасноста на институциите ќе се подобри преку континуирани обуки на вработените во секторите кои се занимаваат со семејното насилство. Она што е најважно е потребата од итна ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство.

А. Б.