/ Прочитано:

1.673

Институциите објавуваат најмалку информации од областа на буџетската и финансиската транспарентност

Центарот за граѓански комуникации го објави индексот на активна транспарентност на институциите.

Под „активна транспарентност“, појаснуваат од Центарот за граѓански комуникации, се подразбира објавувањето информации по сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Наспроти тоа, во случаите кога до институцијата се доставува барање за одредена информација, станува збор за „реактивна транспарентност“.

Општото ниво на активната транспарентност во Македонија во 2017 година, истакнуваат од Центарот за граѓански комуникации, е ниско. Процентот на исполнетост на обврските за активно објавување на информациите кај сите 97 вклучени институции изнесува 42,5% (од можни 100%). Степенот на активна транспарентност во 2017 година е намален во однос на 2016 година (кога просечно изнесуваше 45%).

Според градацијата на активната транспарентност, најмногу институции, 35%, има во групата со просечна активна транспарентност, а најмалку, 3%, во најдобрата група, онаа со многу добра активна транспарентност.

Генерално, општините стојат подобро од министерствата и од Владата, според нивната активна транспарентност. Општините се наоѓаат на првите 7 места од ранг-листата, а најдоброто министерство се наоѓа на 8. место. Сите 3 институции во најдобрата група, онаа со многу добра активна транспарентност, се општини. Сепак, министерствата имаат значително подобар напредок од општините во 2017 г.

Во однос на одделните области на активната транспарентност – институциите објавуваат најмногу информации од областа на пристапот до информации, а најмалку од областа на буџетската и финансиската транспарентност.

Кај министерствата и годинава најдобро рангирано е Министерството за локална самоуправа (8. место), во групата на институции со добра активна транспарентност. За разлика од лани кога ова министерство беше единствено во групата со добра активна транспарентност, годинава уште три други министерства се искачија во оваа група: Министерството за финансии, Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда. Сите други министерства се во групите со просечна и слаба активна транспарентност.

Најслабо рангирано годинава е Министерството за транспорт и врски (на 71. место), додека Владата на РМ е неколку места погоре (67. место). Министерството за економија, кое лани беше убедливо најслабо рангирано министерство (82. место), годинава е на 44. место.

Кај општините, на прво место, со 83,6% исполнетост на обврските за активно објавување информации, е Општина Велес, по која следуваат општините Битола и Струмица на второто место со 80,6%. Овие три општини минатата  година беа на второто, третото и четвртото место, по лидерот Крива Паланка, која годинава падна на  шестото место.

Дури три четвртини од институциите, посочуваат од Центарот за граѓански комуникации, не задоволуваат  со нивото на активна транспарентност, наоѓајќи се во  последните три групи. 34 институции се во групата со просечна активна транспарентност, 22 со слаба и 18 со многу слаба. На последно место со најслаба активна транспарентност е Општина Чучер-Сандево, која воопшто нема активна интернет-страница.

M.В