/ Прочитано:

2.003

Институцијата брак во Англија и во Велс формално регулирана во 18 век

Во Англија и во Велс брачната заедница меѓу мажот и жената станува формална институција со Актот за брак кој стапил на сила во 1754 година. Дотогаш, валидноста на бракот била уредена со канонското право на црквата на Англија.

 

брак Англија

Актот за брак од 1753 година е првото пишано правило во Англија и во Велс кое формално ја регулира институцијата брак. Актот стапил на сила на 25 март 1754 година и ги уредувал цивилните и религиските заедници помеѓу мажот и жената.

Пред да биде донесен Актот, валидноста на бракот во Англија и во Велс била уредена со канонското право на црквата на Англија, која датира од 6 век. Актот ги затегнал постојните правила за стапување во брак, така што за да се склучи бракот, прво морал да се официјализира во црква, па потоа да биде правно валиден. Лицата што стапувале во брак, а кои биле под 21-годишна возраст морале да имаат согласност од родителите, а правилата не важеле единствено за членовите на кралското семејство.

Во 17 и во 18 век бракот во Англија имал поважна социјална улога отколку сега. Семејството било одлика на тоа колку е силна таа заедница од социјален, од економски и од политички аспект. По возобновувањето на монархијата во 1660 година, за време на владеењето на династијата Стјуард, сопругот владеел над жената, над децата и над слугите и тој претставувал аналогија на кралската власт над народот – она што бил кралот за народот тоа бил мажот за семејството. Жената била сметана како „послабо едро на еден брод”, претставувала суштество кое било физички, интелектуално, морално инфериорно, за разлика од мажот, кој имал право да доминира врз неа.

Во тој период, пред да постои Актот за брак, теоретски било можно луѓето да стапуваат во брак многу млади. Минималната возраст за стапување во брак била 12 години за женско и 14 години за машко, а дури било и дозволено да бидат свршени од својата 7-ма година. Сепак, како просечна возраст на склучување брак во тој период била 25-тата година од животот.

Во тоа време основен услов за правно валиден брак не била црквата, туку постигнувањето на брачен договор помеѓу невестата и младоженецот, кои ги кажувале своите завети, а притоа не биле потребни сведоци кои ќе присуствуваат при брачната церемонија. Исто така, во таен брак без церемонија можеле да стапуваат љубовници без знаење на нивните родители. Оваа пракса во Англија постоела од 12 век и траела до 1753 година.

Брак Англија 1

Иако пред овој период браковите биле договарани, нивниот број постепено се намалувал и младите жени имале дозвола да се консултираат со своите родители при изборот на сопружникот, особено ако станувало збор за брак во кој тие треба да го делат  својот имот со мажот со кој треба да стапат во брак. Во случај со посиромашните девојки, тие имале поголема слобода во изборот на сопругот, но сепак требало да добијат благослов од родителите.

Моралните норми почнале да земаат замав во смисла на дефинирање на она што претставува соодветен брак. Оние што се залагале за почитување на моралот се залагале за тоа брачните другари да бидат со слична возраст, да имаат слично минато, финансиска стабилност и слични религиозни сфаќања. Тие сметале дека мажот и жената треба да се сакаат и да се почитуваат меѓу себе и сметале дека љубовта ќе се развие по стапувањето во брак. Пример за таков брак бил бракот помеѓу лидерот на пуританците Оливер Кромвел и неговата сопруга Елизабета. Иако тие двајца стапиле во брак од интерес, без љубов, со текот на времето тие развиле длабока и трајна врска и во едно од своите писма што му ги праќала Елизабета на својот сопруг Оливер јасно ја изразува својата љубов спрема него.

Позицијата на жената во 18 век во Англија била диктирана од патријархалноста која постоела во семејството и односите во него, со јасен акцент на субординацијата на жената. Постојните закони цврсто биле во полза на мажот и сопругот во семејството бидејќи сопругите немале финансиска независност во однос на својот сопруг, додека сопругот имал право да ја казнува и да ја тепа својата сопруга, што станало многу честа пракса во Англија.

Главната цел на бракот била раѓањето деца и сè додека мажот не добиел свој потомок, не можел да се однесува како глава на семејството, што секако било прашање и на социјален престиж. За жената раѓањето на детето било голем притисок од семејството и тие често биле карактеризирани како казнети од Господ затоа што немале родено деца.

Пишаните извори од 18 век во Англија ја даваат сликата за начинот на кој се одвивал социјалниот живот на граѓаните и на оние што стапувале во брак. Со текот на времето, жените полека се избориле за своите права во бракот и за правото на развод кој бил дозволен дури во 1857 година.