/ Прочитано:

1.931

Институционално регулирање на финансирањето преку моделот „бизнис-ангели“

Во насока на зголемување на бројот на инвестициите и креирање  долгорочен раст на економијата, Стопанската комора на Македонија, во соработка со Кабинетот на Зоран Шапуриќ, министер задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашни претпријатија во Владата на РМ, го организираше Форумот за афирмација на потребата од институционално регулирање на финансирање преку моделот „бизнис-ангели“.

На Форумот се дискутираше за можностите и потенцијалот во Република Македонија за воспоставување регулатива за инвеститори т.н. „бизнис-ангели“, како и за потребите од измени и дополнувања на позитивните законски прописи, а сè со цел зголемување на бројот на инвестициите, што би довело до севкупен економски развој на државата.

„Посакуваниот забрзан економски раст на македонското стопанство се соочува со многу предизвици, од кои најголем е тешкиот пристап до финансиски средства, посебно за малите и средните претпријатија. Стопанската комора на Македонија како бизнис-асоцијација што ги претставува интересите на околу 15.000 компании  членки, од кои 9.000 се мали и средни претпријатија, континуирано се залага за изнаоѓање алтернативни извори на финансирање на бизнис-секторот. Во таа насока, Комората ја поддржува Владата на РМ во мерките што ги презема за поголема поддршка на малите и средни претпријатија, стартап  компаниите и т.н. ‘бизнис-ангели’, што ќе доведе кон диверзификација на ризикот и приближување кон модерните трендови во бизнисот. За таа цел се одржува и Форумот, кој треба да придонесе за поставување на постулатите за институционализација на моделот ‘бизнис-ангели’, како еден од тие алтернативните извори на финансирање“, истакна во поздравното обраќање претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Министерот задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашни претпријатија во Владата на РМ, Зоран Шапуриќ, истакна дека во Владата се веќе започнати активностите за испитување на можностите за изменување и дополнување на постојните прописи, како и донесување нова регулатива со цел овозможување полесен пристап на инвестирање преку моделот „бизнис-ангели“. Следејќи ги заложбите за постојана комуникација со претставниците од бизнис-секторот, тој посочи дека Владата ќе продолжи да организира вакви средби во насока на унапредување на овој модел на финансирање, што ќе придонесе и за унапредување на севкупниот економски амбиент во државата, истакнувајќи дека на годишно ниво во светски рамки преку овој модел се инвестираат 50 милијарди американски долари.

„Во Република Македонија има млади и иновативни луѓе, кои имаат идеи за реализација на бизнис-планови, на кои им е отежнат пристапот до финансиски средства поради тоа што не ги исполнуваат потребните услови за пристап до банкарските кредити. Ваквата празнина можат да ја надополнат луѓе кои имаат капитал и кои знаат да препознаат добра идеја и добар бизнис-план, во кои ќе ги вложат своите средства. Поради тоа, Владата на РМ е насочена кон поддршка на моделот на финансирање преку т.н. ‘бизнис-ангели’, како една од иницијативите за развој на стопанството, пред сė на претприемништвото“, истакна во своето обраќање Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на РМ, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори.

Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, посочи дека Форумот е од особено значење за афирмирање на концептот на ризичен капитал во нашата држава, при што појасни дека финансирањето преку моделот „бизнис-ангели“ е само еден сегмент, додека другиот го сочинуваат фондовите.

„Најголема предност за претприемачите преку финансирањето со моделот ‘бизнис-ангели’ е тоа што тие, покрај пристап до капитал, имаат можност и да ја искористат експертизата на ангели-инвеститори при носењето на клучните одлуки за нивните бизниси бидејќи ангели-инвеститори најчесто се луѓе со искуство кои инвестираат во дејноста која веќе им е добро позната“, заклучи академик Таки Фити.

Бајбарс Алтунташ, претседател на Светскиот инвестициски форум на бизнис- ангели во своето обраќање акцентот го стави на фактот дека во модерното време веќе не се зборува за откритија, туку за иновации бидејќи тие креираат нови вработувања и придобивки за државите. Алтунташ истакна дека бизнис-ангелите, освен финансиските средства, со претприемачите можат да ги споделат и своето искуство и мрежата на контакти. Затоа ја поддржа Владата на РМ во активностите покрај претприемачите да ги поддржи и оние кои ги поддржуваат нив, а тоа се ангели-инвеститорите. На крајот на своето излагање тој посочи дека се планира првата канцеларија на Светскиот инвестициски форум на бизнис-ангели во Југоисточна Европа да биде отворена во Македонија.

Професорот Леонид Наков од Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, кој воедно е и сенатор на Светскиот инвестициски форум на бизнис-ангели, во својата презентација потенцираше дека бизнис-ангелите се насочени кон развојот на малите и средни претпријатија, на кои во најголем дел се потпира и светската економија. Наков во своето обраќање сподели податоци за финансирањето преку моделот „бизнис-ангели“, истакнувајќи дека просечната инвестиција на меѓународно ниво се движи околу 170.000 евра, додека поединечните вложувања се движат од 25.000 до 500.000 евра, при што просечниот век на инвестицијата е од 1 до 8 години. „Основното правило е ангел-инвеститорот да е член на една од националните стопански комори, поради што сите настани за промоција на овој модел на финансирање во нашата држава се одвиваат во соработка со коморите“, истакна Наков.

Во согласност со светската терминологија, бизнис-ангели или ангели-инвеститори претставува терминолошки израз за лица кои имаат вишок финансиски средства и кои се подготвени да ги инвестираат во нови бизниси или во регионален развој, односно тоа е начин на финансирање и претставува неформален ризичен капитал. Бизнис-ангелите може да ги инвестираат средствата во вид на грант, без камата, со минимална или со нормална камата.

Во рамките на Форумот беше посочено дека во креирањето на законската рамка за овој вид на инвеститори ќе се користат искуствата од Турција, Естонија, Хрватска, но не се исклучува и можноста на предлог на бизнис-секторот и другите инволвирани чинители да се користат и други светски позитивни искуства.

Во таа насока, Наков информираше каква е постојната законска регулатива за развој на моделот „бизнис-ангели“ во Македонија и во неколку фази објасни што треба да се направи во иднина за да се комплетира целиот процес и да се овозможи инвестициски „бум“ преку овој модел на внесување свеж капитал во македонското стопанство.

На Форумот присуствуваа и претставници од државните институции, универзитетски професори, претставници на македонските мрежи на бизнис-ангели, претставници на бизнис-заедницата, домашни и странски експерти.

Форум за регулативата за ангел-инвеститорите(М.В)