ИНТЕГРАЛНО: Спогодбата на Македонија и Русија за „Јужен тек“
Среда, 31 јули 2013 – Министерството за финансии денеска на својата веб страна ја објавија Спогодбата меѓу Македонија и Руската федерација за влез на земјава во „Јужен тек“. (http://www.finance.gov.mk/files/u1/Spogodba_so_RF_za_Juzen_Tek.pdf)
Договорот предвидува проектирање, изградба и користење на крак од магистралниот гасоводен систем кој се гради од Руската федерација преку Црното море и териториите на трети земји за испорака на гас во Македонија во случај, како што се наведува, да се потврди целисходноста на проектот гасовод – крак, на начин утврден во членот 2 од Спогодбата.
Согласно член 2 од документот, македонската и руската страна се обврзуваат да „извршуваат анализа чија цел е одредување на техничката, економската, еколошката и финансиската оправданост на реализацијата на проектот гасовод – крак“. Ако се утврди целисходноста на инвестицијата, а тоа го прават овластените организации (од македонска страна – „Македонски енергетски ресурси“, а од руска – „Гаспром“), согласно потпишаниот договор, двете страни ќе формираат заедничка компанија која ќе ја врши изградбата на кракот.
„Македонската страна за реализацијата на проектот обезбедува:
- одредување на земјишни парцели, кои што одговараат на целите и условите за реализација на проектот гасовод-крак, и неотповикливо предавање во однос на наведените земјишни парцели на неопходните имотни права после исполнувањето на процедурата, предвидена во законодавството на својата држава;
- сигурно и стабилно снабдување со електрична енергија на проектот гасовод-крак;
- давање на гасоводот-крак статус на објект од национален интерес;
- поедноставување на правилата за пропуштање преку границата на Република Македонија на специјалистите, ангажирани во реализацијата на проектот (вклучително и за обезбедување на дејноста на компанијата заемјаќи ја предвид еднаквоста на правата на основачите при определување на бројот на соработниците, нивните должности и услови под кои тие се ангажираат)
- поедноставување на царинските процедури во однос на увезуваните на територијата на Република Македонија материјали, градежно-монтажна техника и опрема кои се неопходни за реализација на проектот гасовод – крак“, се наведува во документот.
Спогодбата која беше потпишана на 23-ти овој месец во Москва важи во рок од 30 години, а по завршувањето автоматски се продолжува за следните петгодишни периоди, истата може да биде изменета со писмена согласност на страните.
>> Интегралниот текст на Спогодбата, проследете го тука .
Со приклучок на Македонија кон гасоводот „Јужен тек“ ќе се забрза гасификацијата во Македонија и ќе се обезбедат дополнителни и стабилни количини на гас.
Целосната изградба на гасоводот „Јужен тек” треба да се реализира до 2015 година, за кога е предвидено да протечат првите количини гас кон Централна и Јужна Европа. Капацитетот на гасоводот е 63 милијарди метри кубни годишно или 14 проценти од вкупните потреби на Европа.
Вкупната инвестиција за гасоводот кој почна да се гради во декември 2012 година е процената на 25 милијарди евра.
Гасоводот ќе минува низ Бугарија, Србија, Унгарија, Словенија, Италија, а останатите држави меѓу кои и Македонија ќе бидат приклучени со краци. Акционери на Јужен тек се рускиот „Гаспром“, тој има половина од сопственоста, а другата половина ја поседуваат италијанска ЕНИ, француската ЕДФ и германскиот БАСФ.