„ИНТЕГРИТЕТОТ НА СУДИЈАТА Е НАЈВАЖЕН“ – Врховниот суд одржа Свечена академија по повод Денот на правосудството
Врховниот суд на Република Македонија денеска одржа Свечена академија по повод Денот на правосудството – 31 март. На денешниот настан присуствуваа претседатели и судии на врховните судови од Албанија, Косово, Словенија, Турција, Хрватска и Црна Гора.
Квалитетот на судството треба да биде стратешка цел на државата и на целокупното правосудство, а судијата мора да се држи до законот, до фактите и до етиката, беше нагласено на денешниот настан, кој го отвори претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски.
Интегритетот на судијата е најважен, нагласи Вангеловски, додавајќи дека судијата самиот треба да ја штити својата лична независност и непристрасност. Претседателот на Врховниот суд посочи дека законодавната и извршната власт треба да го почитуваат авторитетот на судската власт.
„Во таа констелација на меѓусебна контрола и соработка, извршната и законодавната власт треба да гарантираат дека судовите се независни и дека не се прифатливи мерки кои можат да ја доведат во опасност нивната независност. Треба да го обезбедат и да го почитуваат авторитетот на судската власт, а судската власт е таа која е стабилна и трајна и која треба да суди објективно, чесно, врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори“, истакна претседателот на Врховниот суд, додавајќи дека домашното законодавство во однос на непристрасноста и независноста на судиите е усогласено со меѓународната регулатива.
Во таа насока, претседателот на Врховниот суд истакна дека клучно за законодавството е неговата примена и дека на судите не смее да им се врши притисок затоа што, како што порача тој, судството не смее да биде предмет на политички маркетинг, а судиите треба слободно и независно да ја вршат својата функција.
„Никој не смее да влијае врз судијата при донесувањето на одлуките, да му се заканува со разрешување, со реизбор, да го повикува на одговорност за донесената одлука“, нагласи Вангеловски, додавајќи дека забелешките на Прибе треба да се сметаат како сериозен показател дека треба да се активираат сите механизми за спречување на влијанијата врз судството и унапредувањето на независноста.
Според потпретседателот на Собранието на РМ, главен мотив и двигател на реформите на правосудството треба да бидат слободите и правата на граѓанинот. Собранието, порача Мисовски, останува отворено за сеопфатна и транспарентна соработка заради нашата заедничка цел, а тоа е Република Македонија да биде држава во која секој граѓанин ќе се чувствува еднаков пред законот и ќе се почитуваат неговите слободи и права.
31 март се слави како Ден на македонското правосудство бидејќи на 31 март 1945 година се донесени Повелбата на АСНОМ за устројството на редовните народни судови на Федерална Македонија и Решението на АСНОМ за создавање Суд за судење на престапи против македонската национална чест. Со Повелбата се основани 25 околиски судови, 3 обласни судови со седишта во Скопје, Штип и Битола и Врховен суд со седиште во Скопје.
М.В