/ Прочитано:

3.215

Интернет трговијата е сѐ попопуларна меѓу македонските граѓани

Македонските граѓани имаат позитивни искуства со купувањето производи преку интернет. Сепак, велат дека внимаваат од кои интернет страници купуваат, а голем број од нив плаќаат исклучиво со интернет картичка на која внесуваат износ на средства колку што чини производот, за да не се соочат со какви било измами од страна на трговците.

Интернет трговијата и електронското плаќање во нашава земја стануваат сѐ попопуларни. Тоа е особено раширено помеѓу помладите граѓани кои на интернет страниците наоѓаат разни производи, за кои, како што велат, имаат многу пониски цени од оние што може да се најдат во нашите трговски центри и другите продавници. Се купува речиси сѐ: накит, облека, спортски обувки и друга спортска опрема, електроника, бела техника, лекови, козметика…

За 2016 година сѐ уште нема информации, но според податоците за 2015 година, македонските граѓани потрошиле речиси 18 и пол милиони евра за некаков вид онлајн трансакција.

„Пред да почнам да купувам производи онлајн, навистина бев голем скептик, особено при внесувањето на бројот на платежната картичка. Но, еве веќе со години го практикувам овој начин на купување и навистина имам позитивни искуства. Сѐ што сум нарачал ми стигнало на домашна адреса без никаков проблем. Но, морам да нагласам дека купувам од проверени интернет страници, а што се однесува до тоа кои производи ги купувам, би истакнал дека најчесто станува збор за спортска опрема, која кај нас е многу скапа, но купувам и билети за концерти, електронски уреди…“

„Јас најчесто купувам козметички производи кои пред сѐ ги нема кај нас и второ, цената е неверојатно прифатлива. Досега не се случило да се појави каков било проблем. Обично купувам стока до околу 50 евра и на оваа сума не плаќам царина.“

„Преку интернет купувам облека. Секое парче облека стигнува на домашна адреса. Но, и покрај тоа што на страниците што ги посетувам има детален опис на производите, не секогаш го добивам тоа што сметам дека сум го нарачала. На пример, во описот на составот на една блуза стоеше дека е 100% памук, но блузата што ми стигна беше од сосема друг состав на материјалот. Сепак, ја задржав и ја носам, не ја вратив. Исто така, внимавам на броевите што ја означуваат големината. Неколкупати ми се случи да купам М, бидејќи тоа е бројот што јас го носам, но тренерките што ми стигнаа беа помали, иако на нив стоеше ознака М. Овој производ го вратив и трговецот ми ги врати парите. Не направи никаков проблем. Инаку, за купување преку интернет користам интернет картичка, на која внесувам онолку пари колку што изнесува производот. Тоа ми е некој вид заштита.“

Организацијата на потрошувачи на Македонија предупредува дека поплаките на граѓаните кои купуваат производи преку интернет се однесуваат токму на друг состав на ткаенина, друга боја, расипан производ, па затоа советуваат дека потрошувачите треба да внимаваат, пред сѐ, на тоа дали интернет страницата ги исполнува условите за продажба, односно дали е јасно наведена фирмата, нејзиното седиште, дали има телефонски број за контакт.

Правниот советник во Организацијата на потрошувачи на Македонија, Иво Костовски, вели дека доколку еден потрошувач не е задоволен од квалитетот на производот што го купил онлајн и сака да го врати, трговецот ги надоместува сите плаќања примени од страна на потрошувачот, вклучувајќи ги евентуално и трошоците за испорака.

„Купувањето преку интернет е брзо и едноставно, но за да биде и безбедно, покрај заштитата од Законот за потрошувачите, од исклучително значење е и информираноста на потрошувачот за своите права и начини како да ги оствари. Што се однесува до враќање на производот, во случај кога потрошувачот не е задоволен од тоа што му стигнало на домашна адреса, треба да се знае дека трговецот го врши враќањето на парите користејќи го истото средство за плаќање кое го користи потрошувачот за првична трансакција, освен ако потрошувачот јасно договорил поинаку и под услов да не сноси никаков трошок како резултат на враќањето на парите. Потрошувачот сноси само директен трошок за враќање на производот, освен ако трговецот се согласил сам да го сноси или не го известил потрошувачот дека тој трошок е на товар на потрошувачот“, вели Костовски.

Како посебен проблем што го посочуваат потрошувачите, кои многу често го практикуваат онлајн купувањето, е неможноста да купуваат непречено од многу интернет страници, појаснувајќи дека тие се наменети само за одредени држави во Европа и во светот. Многумина објаснуваат дека за да дојдат до посакуваниот производ, нарачките ги прават на адреса на која живеат нивни роднини и пријатели во странство. Потрошувачите, исто како и трговците, треба да го имаат правото да извлечат придобивка од европскиот единствен пазар.

 Тоа е таканаречено гео-блокирање кое се случува кога трговците и снабдувачите во дигиталната сфера поставуваат вештачки бариери, со цел да ги спречат потрошувачите од другите земји во Европската Унија да имаат пристап до нивните добра и услуги.

По голем број поплаки, Европската комисија вети дека ќе се бори против гео-блокирањата во единствениот пазар – Европската Унија. Во решение донесено во јануари, Европскиот парламент одговори на повикот на Европската организација на потрошувачите – BEUC за ставање крај на неоправданото гео-блокирање.

А. Б.