/ Прочитано:

2.029

Интервју со Беса Адеми, претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија

Г-ѓа Адеми, речиси целата Ваша кариера ја поминавте во судството. Според Вас, кој е клучен фактор за независноста на еден судија и за независноста на судството воопшто?

Мојот професионален развој и кариерата во правосудството започнаа пред повеќе од 30 години. На почетокот како приправник-волонтер во тогашниот Окружен суд Скопје, па сè до судија на Врховниот суд на Република Северна Македонија. Поаѓајќи од моето долгогодишно искуство како судија, често нагласувам дека постојат два клучни фактори за независноста на судиите и воопшто за независноста на судството.  Тоа се стручното знаење и личниот интегритет.

Особено важен е личниот интегритет на судијата бидејќи стручното познавање на проблематиката ја губи својата смисла и цел доколку не постои етичноста. Преку својот личен пример секој судија го штити угледот на судството и независноста на судската власт и воедно ја зајакнува довербата на граѓаните. Интегритетот на судијата е најсилната гаранција дека тој нема да биде подложен на притисоци и влијанија од каква било природа и дека ќе постапува правично и законито во интерес на правдата, но и дека ќе постапува професионално во име на граѓаните.

Независноста на судството е принцип според кој судската власт се врши ослободена од надворешни влијанија и притисоци од страна на носителите на законодавната и извршната власт, или пак од други правни лица и субјекти.

Судиите, како што вели една римска максима, имаат должност секогаш да се држат до правдата и до вистината. Непристрасното применување на правото и прописите, правичното судење, унапредувањето на човековите права, еднаквоста пред законите и правната сигурност заснована на владеење на правото се темелни принципи на секое независно судство и на секоја правна држава.

И овие принципи не смеат да бидат само декларативно запишани начела, туку треба да бидат жива практика, начин на однесување и постапување, цврст стандард во функционирањето на судството.

Кои се позначајните новини во работата на Врховниот суд изминатиов период и што говорат податоците од Извештајот за работата на судот?

Според податоците за работењето од извештајната 2021 година, Врховниот суд на Република Северна Македонија, и покрај намалениот број на судии и потребата од стручен кадар, е ефикасен суд. Годината е започната со 943 нерешени предмети од 2020 година, а во текот на годината новопримени се 2126 предмети. Од вкупниот број решени се 2142 предмети. Во извештајната година Врховниот суд целосно го совлада приливот на нови предмети.

Воедно, Врховниот суд, во рамки на својата надлежност за единството на примена на законите и уедначувањето на примената на судската практика, одржа 27 општи седници, на кои беа разгледувани и усвоени заклучоци за над 30 иницијативи за утврдување на начелни ставови и начелни правни мислења. Судот даде мислења по предлог-закони, донесе програма за работата, ги разгледа и ги усвои извештаите и  заклучоците за работењето на судовите, одлучуваше по жалби и приговори и реализираше ред други активности од делокругот на надлежности на Врховниот суд.

Исто така, изминатиот период Врховниот суд беше посветен на повеќе значајни прашања, посебно во делот на работата на судот, ефикасноста, транспарентноста и зајакнувањето на довербата во судството. Овие активности на судот резултираа со повеќе значајни новини.

Имено, по 23 години Врховниот суд го донесе новиот Деловник за работа на судот, кој претставува еден современ акт во кој се инкорпорирани одредби според моделот на работа на Европскиот суд за човековите права. Донесувањето на Деловникот, кој веќе се применува, има цел да ја унапреди ефикасноста во работењето и да обезбеди законито, независно и во разумен рок вршење на функцијата. Она што е многу важно од аспект на интересот на граѓаните е што Деловникот обезбедува непречено остварување на правата на странките.

Исто така, покрај промените во контекст на ефикасноста во работењето, Деловникот носи промени и во делот на транспарентноста, особено во поглед на објавувањето на заклучоците од општите седници, кои треба да имаат унифицирана структура на текстот.

Годишниот распоред за работата на судиите е транспарентно објавен за јавноста, редовно се објавуваат одлуките и соопштенијата за работата и активностите на судот. Соработката со медиумите и со граѓанските организации е подигната на повисоко ниво. Канцеларијата за односи со јавноста, која професионално ја зајакнавме со портпарол, покрај со новинарите, во континуирана комуникација е со граѓаните и со нивните застапници.

Исто така, многу значајна новина изминатиов период е што во Врховниот суд беше формиран Советот за отворено судство и беше потпишана Декларацијата за отворено судство. Со ова Врховниот суд е првиот носител на судска власт во Европа што пристапува кон Глобалната иницијатива Партнерството за отворена власт.

Кои се заложбите на Советот за отворено судство?

Суштинската улога на отвореното судство како концепт генерално подразбира  доближување на работата на судството до самите граѓани, што пак, од друга страна, се одразува и на она што се нарекува квалитет на правдата.

Конкретно, заложбата на Советот за отворено судство е да се унапреди транспарентноста на судовите и да се зголеми довербата кај граѓаните, но и да послужи како механизам за подобрување на статусот на судството преку целосно почитување на начелото на независност.

Заложба е и преку Советот за отворено судство да се поттикне отвореноста на работата на судовите и правосудните институции и да се поттикне учеството на граѓанското општество во спроведувањето и следењето на иницијативата Отворено судство во Република Северна Македонија.

Една од клучните цели на Советот, како што и впрочем се истакнува во Декларацијата за отворено судство, која беше потпишана во Врховниот суд, е и промоција за зголемен пристап и транспарентност на информациите за работа на судството, олеснување на пристапот до информациите за судството, како и унапредување на информатичката инфраструктура на правосудните органи.

Треба да се напомене и дека идејата на отвореното судство, покрај тоа што подразбира приближување на судството до јавноста и граѓаните, подразбира и зајакнување на независноста на судската власт, но и давање придонес во кохабитацијата на трите власти.

Врховниот суд е активен и на меѓународен план. Како гледаат на македонското судство вашите колеги од другите земји и организации?

Врховниот суд на Република Северна Македонија изминатиов период имаше повеќе активности на регионален и меѓународен план. Остваривме средби со повеќе врховни судови од регионот. Исто така, судиите и стручниот кадар учествуваа на повеќе конференции кои имаа цел да се зајакне меѓусебната соработка, да се унапреди работата на судствата и да се разменат искуства и мислења од едукативен и стручен карактер.

Исто така, Врховниот суд беше домаќин на Регионалната конференцијата за примена на Европската конвенција за човекови права и правото на судење во разумен рок, организирана  во соработка со Советот на Европа и со Европската Унија.

Несомнено, овие меѓународни настани се огромен придонес во разменувањето на ставови за независноста и за самостојноста на судството како основа за владеење на правото, што, пак, е во насока на заложбите за интензивирање на регионалната и меѓународната соработка како важен момент во приближувањето кон европските стандарди и практики.

Колегите од другите земји ги забележуваат реформските процеси во македонското судство и ги поздравуваат заложбите на Врховниот суд во оваа насока. Ова беше истакнато и на Конференција на претседатели на врховни судови од Централна и Источна Европа, кои позитивно ја оценија работата на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Таков став имаше и претседателот на Европскиот суд за човековите права, Роберт Спано, кој имаше прва официјална посета на Врховниот суд кон крајот на минатата година. Тој упати пофални зборови за Врховниот суд и го искажа своето задоволство од доследната примена на стандардите на Европскиот суд за човекови права во работата на судот.

Исто така, големо охрабрување ни се оценките на Европската Унија, односно на амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, кој истакна дека Врховниот суд е пример за успешна приказна.

Ваквите ставови и констатации за работата на Врховниот суд како највисок суд во Републиката за нас претставуваат големо охрабрување и значајна поткрепа за  реализирање на нашите заложби и поставени цели, на кои и понатаму, како и досега,  ќе бидеме многу посветени.