/ Прочитано:

2.830

Интервју со д-р Јелена Ристиќ, автор на книгата Интелектуалната сопственост како човеково право: Заштита пред Европскиот суд за човекови права

Целта што се очекува да се постигне со издавањето на оваа книга е да се обезбедат сеопфатни и детални сознанија во однос на заштитата на интелектуалната сопственост пред Европскиот суд за човекови права, како и да се инспирира понатамошна дебата, вели во интервјуто за Академик Јелена Ристиќ, адвокат, професор и автор на најновата книга во издание на Академик „Интелектуалната сопственост како човеково право: Заштита пред Европскиот суд за човекови права“.

Зошто е инспиративен за истражување и за анализа Европскиот суд за човекови права?

Европскиот суд за човекови права е воспоставен со Европската конвенција за човекови права, во рамки на Советот на Европа, како контролен механизам во насока на обезбедување заштита на слободите и правата заштитени со Конвенцијата и нејзините протоколи. Негова најзначајна карактеристика е надлежноста да разгледува жалби поднесени од страна на поединци, во врска со наводни повреди на правата заштитени со Европската конвенција за човекови права и нејзините протоколи, предизвикани од страна на држави членки на Конвенцијата. Тој е прв меѓународен трибунал воспоставен за да решава спорови меѓу поединци и држави. Ова претставува иновативна карактеристика за една меѓународна конвенција за човекови права поради тоа што му дава активна улога на поединецот на меѓународна сцена. Според тоа, правото да се поднесе индивидуална жалба до Судот со право се смета за најкарактеристичен белег и едно од најголемите достигнување на Европскиот суд за човекови права.

Оваа година се одбележаа 70 години од донесувањето на Европската конвенција за човекови права во 1950 година, додека Европскиот суд за човекови права функционира од 1959 година, односно повеќе од 60 години. За време на овој период, Судот успеа да заземе централна улога во европскиот систем за заштита на основните права и слободи и да се наметне како уставен инструмент на европскиот правен поредок, особено имајќи предвид дека Советот на Европа денес брои 47 држави членки, при што сите држави членки на ЕУ истовремено се и членки на Советот на Европа. Уште повеќе, она што е можеби најфасцинантно за овој Суд е тоа што е сè поочигледно дека Европскиот суд за човекови права влијае сè поинтензивно на создавање на европски правен идентитет. Имено, она што веќе почнува јасно да се појавува по повеќе од 60 години судска практика на Судот во Стразбур е заедничко јадро на правила на паневропско ниво, засновано врз неколку темелни вредности: демократија, владеење на правото, слобода, толеранција, широкоумност и човечко достоинство.

Европскиот суд за човекови права има многу важна улога и во заштитата на основните слободи и права на граѓаните на Република Северна Македонија како држава членка на Советот на Европа која ја ратификувала Европската конвенција за човекови права. Имено, имајќи предвид дека Република Северна Македонија е членка на Конвенцијата, секое лице во нејзина надлежност кое смета дека нејзините или неговите човекови слободи и права гарантирани со Конвенцијата се повредени има можност да поднесе индивидуална жалба до Европскиот суд за човекови права. Во оваа смисла, кога се зборува за важноста на Судот во Стразбур и Конвенцијата во однос на правниот систем на Република Северна Македонија, треба да се зборува, пред сè, од аспект на граѓаните, кои сега имаат можност за меѓународна правна заштита на нивните права преку поведување на постапка пред Европскиот суд за човекови права и кои сè почесто ја практикуваат оваа можност, што сведочи за зголемената свест за важноста на човековите права и зголемениот интерес на граѓаните за заштита на нивните права.

Европскиот суд за човекови права и Европската конвенција за човекови права се исто така многу важни и од аспект на судовите и останатите правосудни и државни органи, кои од моментот на ратификацијата на Конвенцијата од страна на Република Северна Македонија  имаат обврска да ги имплементираат принципите и стандардите коишто се дефинирани од страна на Судот во Стразбур. Нивната важност е уште повеќе изразена, ако се има предвид дека некои од општите принципи на правото на ЕУ кои се развиени од страна на Судот на правдата на ЕУ како дел од неговата судска практика и претставуваат извор на правото на Унијата се извлечени директно од одредбите на Европската конвенција за човекови права, додека судската практика на Европскиот суд за човекови права е призната како извор на човекови права во рамките на ЕУ и во таа смисла ја користи Судот на правдата на ЕУ. Имено, јасно е дека усогласеноста со одредбите на Европската конвенција за човекови права и судската практика на Судот во Стразбур значи и усогласеност со правото на ЕУ, што е особено важно во контекст на евроинтеграциските процеси на нашата држава.

Во секој случај, пресудите и одлуките на Судот во Стразбур претставуваат огледало на состојбите во разни сегменти на општественото живеење и се многу важни во насока на нивно подобрување. Имено, тие го одразуваат нивото на развој на конвенциските принципи и стандарди во Република Северна Македонија и обезбедуваат насоки за подобрување на нивото на заштита на човековите права и зајакнување на владеењето на правото во нашата држава.

Кои прашања од аспект на интелектуалната сопственост како човеково право ги опфаќа вашиот најнов труд?

Творечката способност на човековиот ум претставува една од иманентните и дистинктивните карактеристики на човекот. Без оглед дали станува збор за пишување, за сликање или за пронаоѓање на нов лек, сето тоа произлегува од истиот креативен извор. Човековиот креативен потенцијал е толку моќен и уникатен, што целосно ја трансформираше планетата на која живееме. Имено, креативноста на човекот е еден од најголемите двигатели на човечката еволуција и напредок, а креациите на човековиот ум се одраз на духовното искуство на човекот и преточување на неговиот креативен потенцијал во пишан збор, во слика или во нов пронајдок.

Токму креациите на човековиот ум се предмет на заштита на интелектуалната сопственост. И покрај нивната бесконечна разновидност, која е резултат на бесконечниот креативен потенцијал на човекот, креациите на човековиот ум имаат и заеднички карактеристики што ги поврзуваат суштински. Една од заедничките карактеристики на креациите на човековиот ум, како предмет на заштита на интелектуалната сопственост, е нивниот нематеријален карактер. Имено, се работи за нематеријални (духовни, интелектуални) творби кои се резултат на креативната активност на човекот во областа на индустријата, науката, книжевноста и уметноста. Друга заедничка карактеристика е економската функција, која на субјектот на заштита му овозможува исклучиво овластување за присвојување на економската вредност од користењето на предметот на заштита.

Денес живееме во време на информатички економии, кои постепено ги заменија капиталистичките економии. Имајќи го предвид фактот дека новиот информатички капитализам е фокусиран на контрола на информациите и на знаењето, разбирливо е тоа што правата од интелектуална сопственост заземаа централно место во рамки на трговската регулатива и глобалните пазари. Сепак, не може да се тврди дека станува збор само за прашања од формалноправна природа или само за економски прашања. Имено, творештвото и креативноста се нераскинливо поврзани со човекот и неговиот интелект, додека пак сопственоста претставува еден од главните инструменти врз чија основа се гради суштината на политичките филозофии и треба да им служи на основните вредности и потреби дефинирани во рамки на моралните и политичките филозофии. Уште повеќе, треба да се има предвид дека се идентификувани повеќе разни типови на врски меѓу интелектуалната сопственост и човековите права.

Во оваа смисла, заштитата на интелектуалната сопственост е предвидена во рамки на најважните меѓународни и европски инструменти за човекови права, меѓу кои и Европската конвенција за човекови права. Така, иако Европската конвенција за човекови права не содржи одредби со кои експлицитно се предвидува заштита на правото на интелектуална сопственост, Европскиот суд за човекови права овозможил негова заштита преку донесување пресуди во кои се толкува правото на сопственост во врска со барања за заштита на интелектуалната сопственост. Исто така, Европскиот суд за човекови права разгледувал и барања за заштита на други човекови права од наводна прекумерна национална заштита на интелектуалната сопственост. Во секој случај, сето ова отвора многу сложени прашања во контекст на односот меѓу режимите на интелектуална сопственост и на човекови права.

Основниот фокус на оваа книга е преглед и анализирање на судската практика на Европскиот суд за човекови права која ги засегнува правата од интелектуална сопственост. Во оваа смисла, во книгата е извршен детален преглед и темелна анализа на развојот и третманот на интелектуалната сопственост во судската практика на Европскиот суд за човекови права, како од аспект на нејзина заштита како човеково право така и во сооднос со други човекови права. Притоа, направен е и обид да се одговори на сложените прашања кои произлегуваат од меѓусебниот однос меѓу интелектуалната сопственост и човековите права, чиишто одговори претставуваат сериозен предизвик.

Имено, интензивниот развој на системот на заштита на интелектуалната сопственост, како и експанзијата на тужби за заштита на правото на интелектуална сопственост од аспект на негова заштита како човеково право или заштита на други човекови права чијашто повреда произлегува токму од заштитата на интелектуалната сопственост, и тоа не само во Европа, туку и во САД, како и во рамки на бројни меѓународни институции, отвора многу комплексни прашања во врска со меѓусебниот однос на двата правни режими.

Така, од една страна, се поставува прашањето дали човековите права треба да служат како коректив кога правото на интелектуална сопственост се користи прекумерно или спротивно на неговите функции, особено имајќи предвид дека експанзијата на стандардите за заштита на интелектуалната сопственост поттикнува бројни конфликти со одредени човекови права, како на пример, правото на живот, здравје, приватност, слобода на изразување и уживање на придобивките од научниот развој. Од друга страна, човековите права, вклучувајќи го и правото на сопственост, сè повеќе се користат како оправдување за заштита на интелектуалната сопственост.

Имајќи ги предвид сите овие прашања и дилеми во врска со оправданоста на ограничувањето или проширувањето на правото на интелектуална сопственост во однос на основните човекови права, особено е важно да се даде одговор на прашањето каква треба да биде улогата на Европскиот суд за човекови права при одлучување во случаи кои вклучуваат заштита на права од интелектуалната сопственост и формирање на политиката на иновации и креативност во Европа. Во оваа смисла, исто така е важно да се лоцираат развојните тенденции на заштитата на интелектуалната сопственост која ја овозможува Судот.

Предметот на интерес на оваа книга е поделен на осум поглавја.

Најпрво, во рамки на првото поглавје, се лоцираат поимот на правото на интелектуална сопственост и видовите на права од интелектуална сопственост, по што се дава осврт на историскиот развој на правото на интелектуална сопственост како релативно нова правна дисциплина, како и осврт на правната природа на правата од интелектуална сопственост и разграничувањето на правото на интелектуална сопственост од правото на сопственост.

Во второто поглавје се врши анализа на односот меѓу човековите права и интелектуалната сопственост. Притоа, се објаснува процесот на поставување на интелектуалната сопственост на агендата на човековите права и се образложуваат аргументите во однос на прашањето дали интелектуалната сопственост може да се класифицира во групата човекови права.

Третото поглавје содржи преглед на заштитата на правото на интелектуална сопственост во рамки на меѓународните инструменти за човекови права, при што се врши анализа на третманот и обемот на заштита на ова право во Универзалната декларација за човекови права и во Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права.

Во четвртото поглавје се врши преглед на заштитата на правото на интелектуална сопственост во рамки на европските инструменти за човекови права. Во оваа смисла, се анализираат Европската конвенција за човекови права и Повелбата за основни права на Европската Унија.

Во петтото поглавје се обработува Европската конвенција за човекови права, со посебен осврт на толкувањето и примената на Конвенцијата. Во ова поглавје се анализираат и релевантните одредби за правото на интелектуална сопственост кои ги содржи таа.

Шестото поглавје дава објаснување за начинот на функционирање на Европскиот суд за човекови права. Во оваа смисла, се објаснуваат формирањето, организацијата, составот, надлежноста, постапката пред Судот и извршувањето на пресудите на Судот.

Централниот дел на предметот на интерес на оваа книга е концентриран во седмото поглавје. Во ова поглавје се врши детален преглед и анализа на судската практика на Европскиот суд за човекови права која го третира правото на интелектуална сопственост. При следењето на развојот на судската практика која се однесува на заштитата на интелектуалната сопственост, најпрво се анализираат случаите во кои Судот го применува правото на сопственост од членот 1 на Протоколот 1 кон Европската конвенција за човекови права со цел да ги заштити правата од интелектуална сопственост од разни национални мерки кои наводно ги оспоруваат или ги ограничуваат. Потоа, се анализираат случаите во кои Судот ги испитува наводите според кои националната заштита на интелектуалната сопственост или мерките за спроведување во таа смисла, поткрепени со правото на сопственост, повредуваат други човекови права, како што се правото на почитување на приватниот и семејниот живот од членот 8 на Европската конвенција за човекови права и слободата на изразување од членот 10 на Европската конвенција за човекови права. Преку оваа анализа се лоцираат и можни развојни тенденции во однос на заштитата на интелектуалната сопственост што ја обезбедува Судот.

Во осмото поглавје, врз основа на извршената анализа на судската практика на Европскиот суд за човекови права во однос на правото на интелектуална сопственост, се дефинираат и се образложуваат три основни модели на пристап на Судот кон заштитата на правото на интелектуална сопственост.

Конечно, во заклучните согледувања на оваа книга се сумираат сознанијата кои произлегуваат од прегледот и анализата на судската практика на Европскиот суд за човекови права во однос на правото на интелектуална сопственост. Притоа, се дава одговор на прашањето каква треба да биде улогата на Судот при одлучување во случаи кои се поврзани со заштита на права од интелектуална сопственост, а воедно се обрнува внимание и на последиците од можните развојни тенденции на судската практика на Европскиот суд за човекови права која го засегнува правото на интелектуална сопственост.

Какво значење има овој труд за стручната и за пошироката јавност?

Изготвувањето на целокупниот труд претставуваше сериозен предизвик и одговорна задача, особено имајќи ја предвид проблематиката која се обработува и фактот дека претставува прва книга на овие простори која опфаќа ваква тематика. Дополнителна одговорност, на еден посреден начин, предизвикува и времето во кое се издава оваа книга, односно време кога светот се соочува со огромни предизвици како резултат на една од најголемите пандемии во историјата на човештвото, и кога е од животна важност суштински да се сфати и да се практикува човечноста и човечкиот интелект, како и духовната слобода, која никогаш не може да му се одземе на човекот и која му нуди можност да го осмисли својот живот до последниот здив.

Целта што се очекува да се постигне со издавањето на оваа книга е да се обезбедат сеопфатни и детални сознанија во однос на заштитата на интелектуалната сопственост пред Европскиот суд за човекови права, како и да се инспирира понатамошна дебата. Во оваа смисла, очекувањата во врска со придонесот што ќе го има оваа книга се неколкукратни. Прво, добивање на сеопфатни, сублимирани и систематизирани сознанија за третманот и развојот на заштитата на правото на интелектуална сопственост во рамки на судската практика на Европскиот суд за човекови права; второ, добивање на сознанија за пристапот и улогата на Европскиот суд за човекови права при одлучување во случаи за заштита на правото на интелектуална сопственост, како и при формирање на политиката на иновации и креативност во Европа и трето, лоцирање на тенденциите во развојот на судската практика на Европскиот суд за човекови права која го третира правото на интелектуална сопственост преку определување на детерминантите кои влијаат врз правецот на развиток, како и можните последици од нив.

НОВО ОД АКАДЕМИК: Интелектуалната сопственост како човеково право: заштита пред Европскиот суд за човекови права од  д-р Јелена Ристиќ

Интервју со д-р Јелена Ристиќ, адвокат, професор и автор на книгата „Структура и функционирање на Европскиот суд за човековите права“

Промовирана публикацијата „Структура и функционирање на Европскиот суд за човекови права“

Публикација „Правна заштита на избирачките права: предизвици и перспективи“

Предизвиците и перспективите на правната заштита на избирачките права – интервју со Јелена Ристиќ, адвокат и професор

М.В