/ Прочитано:

4.529

Интервју со д-р Соња Димова, авторка на новата книга „Катастар на инфраструктурни објекти“, во издание на Академик

Во очекување на новото издание на Академик – книгата „Катастар на инфраструктурни објекти“, објавуваме интервју со авторката на трудот, д-р Соња Димова, реномиран експерт од областа на катастарското право, законодавство и практика. Катастарот на инфраструктурни објекти, нагласува д-р Димова, е комплексна област која во себе го вклучува учеството на јавните претпријатија, приватните компании и физичките лица. Инфраструктурните објекти, истакнува Димова, во денешно време добиваат сѐ поголемо значење поради капиталот кој е вклучен во нивната изградба, но и поради неопходноста од нивна постојна функционалност.

Како дојдовте до идејата за создавање на еден ваков труд?

Идејата за пишување на трудот „Катастар на инфраструктурни објекти“ потекна од пред неколку години, поточно по влегувањето во сила на Законот за катастар на недвижности и подзаконските акти, како и ставањето во примена на соодветните софтверски решенија за негова имплементација. Меѓутоа, беше потребен период од неколку години неговата содржина да се доведе до ниво на публикација која е соодветна за печатење, притоа да се усогласитехнички со сите настанати промени во регулативата до нејзиното печатење. Големо е задоволството што публикацијата „Катастар на инфраструктурни објекти“ оваа година ја виде светлината на денот, со што се создаде можност да се најде во продажба и да дојде до рацете на читателите. Трудот има цел да овозможи поголема и поширока афирмација на значењето на инфраструктурниот катастар за општеството и за економијата и да биде мотив засегнатите страни да ја зголемат динамиката на запишување на инфраструктурните објекти во катастарот на инфраструктурни објекти.

 Кои се почетоците на катастарот на инфраструктурни објекти?

 За разлика од европските земји во кои од поодамна е воспоставен системот на инфраструктурен катастар, во нашата земја рамката за неговата примена е дефинирана со Законот за катастар на недвижности од 2012 година. На донесувањето на законот му претходеше студиозна анализа на состојбата со инфраструктурните објекти, дефинирање на моделот за нивно запишување во катастарот и изработка на акционен план за имплементација на инфраструктурниот катастар. Со законот за првпат се овозможува инфраструктурните објекти да добијат рамноправен третман со другите недвижности и да бидат предмет на запишување во катастарот на инфраструктурни објекти како дел од катастарот на недвижности. Практичната примена на законот во однос на инфраструктурните објекти започнува во 2014 година, со запишување и издавање на имотен лист за првиот запишан инфраструктурен објект– бакарен кабел во катастарот на инфраструктурни објекти.

Инфраструктурниот катастар како интегрален дел од катастарот на недвижности е специфичен по својата природа, пред сѐ, поради неговата поврзаност со системот на електронскиот катастар (е-кат), но и поради дефинирањето и запишувањето на сопственоста на инфраструктурата. Со овие атрибути, нашиот инфраструктурен катастар е еден од првите катастри во светот кој овозможува издавање официјален сертификат за сопственоста, т.е. имотен лист и запишување на хипотеки на инфраструктурните водови и објекти.

Што опфаќа катастарот на инфраструктурни објекти?

Катастарот на инфраструктурни објекти претставува комплексна материја која ги опфаќа објектите од областа на сообраќајот (копнен, воден и воздушен сообраќај), подземна или надземна инсталација (вод) и електронските комуникациски мрежи и средства, со сите нивни придружни инсталации. Станува збор за еден сеопфатен систем, во кој се интегрирани 193 различни видови на инфраструктурни објекти и нивните атрибути, групирани во шест категории: сообраќајна инфраструктура, водоводна инфраструктура, канализациона инфраструктура, енергетска инфраструктура, електронски комуникациски мрежи и средства и друг вид инфраструктура.

Примарната цел на катастарот на инфраструктурни објекти е да се идентификуваат имателите на инфраструктурните објекти и да се обезбеди запишување на сопственоста и другите стварни права на инфраструктурните објекти, но и да се обезбедат информации за различни корисници. Во него се извршуваат три главни бизнис-процеси: премерување на инфраструктурните објекти и нивно запишување во катастарот, издавање на податоци од инфраструктурниот катастар и одржување на целокупниот информатички систем. Запишувањето на инфраструктурните објекти се базира на геодетскиот елаборат изготвен од страна на геодетските компании, но и на исправите за правен основ врз основа на кои се врши запишувањето, односно спроведувањето на промените во катастарот.

Која е предноста на катастарот на инфраструктурни објекти?

 Предноста на катастарот на инфраструктурни објекти се состои во тоа што на едно место, поточно во системот на електронскиот катастар, можат да се видат сите видови на инфраструктурни објекти за целата држава. Во него секој инфраструктурен објект добива единствен идентификатор, преку кој рамките на Геодетско катастарскиот информационен систем– ГКИС се поврзуваат со неговите просторни и описни податоци. Покрај внесувањето на 3Д податоци за просторната локација на инфраструктурниот објект, овозможено еи запишување на правото на сопственост на инфраструктурниот објект, односно добивање имотен лист за инфраструктурните објекти. Со тоа се зголемува вредноста на компаниите и тие може да располагаат со инфраструктурните објекти во правниот промет и во пазарот на недвижности. Катастарот на инфраструктурни објекти е важен сегмент кој се користи како основа за урбанистичко планирање, како и за планирање на понатамошниот развој и инвестиции за различните видови инфраструктура. Катастарот на инфраструктурни објекти се темели на нормативно пропишани стандарди за премерување и запишување, кои се предуслов за внесување на кој било инфраструктурен објект во централната база на податоци на инфраструктурниот катастар.

Зошто е значен катастарот на инфраструктурни објекти?

 Значењето на катастарот на инфраструктурни објекти може да се разгледа од неколку аспекти.

Од аспект на економијата, инфраструктурите во денешно време добиваат сѐ поголемо значење.  Вредноста штоја поседуваат тие,пред сѐ, имајќи го во вид опфатот на катастарот на инфраструктурни објекти (телекомуникациски водови, топловоди, гасоводи, сообраќајна инфраструктура – патна, железничка, авионска, подземни системи за питка и техничка вода, атмосферската канализациона мрежа и др.) е голема и таа е резултат на вложените инвестиции, пред сѐ,на финансиите кои се потребни за нивното проектирање, изградба, ставање во функција и одржување. Се работи за вредни објекти, кои имаат свое место на пазарот на недвижности, како во смисла на стопанисување со нивтака и во смисла на давање на услуги награѓаните.

Од аспект на имателите/сопствениците на инфраструктурни објекти, катастарот на инфраструктурни објекти придонесува зазаштитување на правната безбедност на сопственоста, а секако и занамалување на оштетувањето, односно уништувањето на подземната инфраструктура. Честопати сме сведоци дека за време на извршување на разни градежни активности доаѓа до оштетување на подземните водови,поради што граѓаните и институциите остануваат без струја, без вода, без интернет и сл. Оштетените водови предизвикуваат дополнителни трошоци за компаниите за санирање на настанатите штети. Со цел минимизирање на штетните последици, на пример во Холандија е воведена задолжителна обврска, пред отпочнување со градежните работи, од катастарот да се земат податоци за локацијата/положбата на инфраструктурните објекти.

Од аспект на давањето услуги награѓаните, кога е во прашање прекинот на комуналните услуги,компаниите во чија надлежност е управувањето со водовите во иднина во вакви случаи можеби ќе бидатобврзани да им исплатат отштета на граѓаните за претрпените штетни последици.

 

Како ќе се развива во иднина катастарот на инфраструктурни објекти?

Одговорот на ова прашање можеби е најсоодветно да се илустрира преку развојот на пазарот на недвижности во согласност со степенот на востановување на катастарот на недвижности (земјишта и згради). Колку за илустрација, во 2005 година катастарот на недвижности беше воспоставен на 46% од територијата на нашата држава и во тој период бројот на предмети во катастарот изнесуваше 323.695 на годишно ниво, додека вкупната вредност на регистрираните хипотеки достигна вредност од  456.348.000 евра. На крајот од 2012 катастарот на недвижности беше воспоставен на целата територија на државата и бројот на предмети на годишно ниво достигна бројка од 1.027.282. Во согласност со Годишниот извештај на Агенцијата за катастар на недвижности за 2019 година, бројот на предмети на годишно ниво во катастарот изнесува 1.034.311, додека вкупната вредност на регистрираните хипотеки е над 2.174.178.816 евра.

Наведените факти говорат дека пазарот на недвижности постигнува значаен развој со воспоставувањето на катастарот на недвижности. Доколку се направи паралела на развојот на катастарот на недвижности (земјишта и згради) со катастарот на инфраструктурни објекти, кој според степенот на регистрација сѐуште се наоѓа во почетна фаза, а имајќи ја во вид неговата комплексност, како и  вредноста на инфраструктурните објекти, која во извесна смисла е поголема од вредноста на недвижностите, може да се каже дека запишувањето на инфраструктурните објекти во катастарот ќе имплицира уште поголем развој на пазарот на недвижности. Од економски аспект, тоа е главната причина поради која е потребно имателите на инфраструктурните објекти да обрнатпоголемо внимание на нивното запишување во катастарот. Со запишување во катастарот инфраструктурните објекти ќе ја добијат својата вистинска вредност.

За кого е намената книгата Катастар на инфраструктурни објекти?

Книгата „Катастар на инфраструктурни објекти“ е наменета за сите професионални корисници. Следејќи го хронолошкиот процес на запишување на инфраструктурните објекти во катастарот, најнапред книгата треба да ја поседуваат и да ја користат имателите на инфраструктурните објекти кои ги дефинираат техничките спецификации во процедурите за нивно премерување, потоа приватниот геодетски сектор кој на самотоместо го врши премерот во функција на изготвување на геодетските елаборати за запишување на инфраструктурните објекти и нотарите, како субјекти со пренесени јавни овластувања надлежни за составување и издавање на јавни исправи за правните работи  во  форма  на  нотарски  акт,  изјави  и  потврди  за  факти  врз  основа  на  кои  се востановуваат  права  или  обврски врз недвижностите,  потврдување на приватни исправи (солемнизација) и друго. Иако инфраструктурните објекти се специфични по својата природа, тие се недвижности кои подлежат на трансакции, купопродажни договори, воспоставување на хипотеки, давање под закуп итн. Секако, на крајот од постапката, книгата ќе биде корисна и за колегите геодети и правници од Агенцијата за катастар на недвижности кои вршат проверка на геодетските елаборати и запишување/евидентирање на инфраструктурните објекти во катастарот на инфраструктурни објекти.

Оваа публикација може да послужи и за едукативни цели како прирачник, помагало и/или водич низ катастарот на инфраструктурни објекти. Имајќи во вид дека се работи за прво издание од оваа област кај нас, материјалот е корисен за студентите од геодетските факултети кои ја изучуваат оваа област и кои како идни инженери во својата професија ќе се занимаваатсо изработка на геодетски елаборати, како и за студентите на правните факултети – во делот на изучувањето на катастарското право. Книгата, исто така, може да се користи и како материјал за подготовка на испитот за овластување за овластен геодет.