/ Прочитано:

2.880

Интервју со Дејан Алексов, адвокат во адвокатската канцеларија „Алексов & Мемиши“

„Ја започнав оваа дејност почнувајќи со 0 клиенти и со продадена фендер гитара за да обезбедам некоја залиха на финансии барем во првите месеци.“

Кој е Дејан Алексов и колку време работи како адвокат?

Здраво, Академик пријатели!

Јас работам како адвокат од 1.1.2017, а официјално го отворив лаптопот наредниот ден и почнав да „мислам што да работам“ 😊. Тогаш ја започнав оваа дејност почнувајќи со 0 клиенти и со продадена фендер гитара за да обезбедам некоја залиха на финансии барем во првите месеци.

Десно од адвокатурата е планинскиот велосипедизам, а десно од планинскиот велосипедизам се спринт триатлоните. Сега по 6-7 години планирам да ја вратам и гитарата.

Во кои области работите најмногу?

Најмногу работиме со трговско и со деловно право, особено во ИТ-индустријата и стартап-заедницата. Тука ја „изделкавме“ нашата експертиза, особено затоа што развојот на технологијата е многу побрз од законите, па видовме интересен предизвик за работа.

Колкумина сте во тимот и кои се топ 3 приоритети на кои внимавате во интерното работење?

Во моментов сме двајца адвокати, еден стручен соработник и еден приправник, во тимот имаме и надворешен соработник за информативни содржини. Интерно најголем акцент ставаме на:

  1. Документирање на процеси и трансфер на know-how. Направивме детално упатство/прирачник за работа, каде што се образложени сите видови постапки кои ги работиме, и тој е наменет како за постојните така и за новите луѓе кои ни се придружуваат. Тоа многу ни помага во оптимизирање на времето за трансферот на знаењата од еден на друг.
  2. Јасен план за напредок и мотивација. Овој план е поврзан со упатството за работа, така што по постигнување на определени мерливи индикатори имаме различни начини на поттикнување поврзани со зголемување на надоместоците, денови за работа од дома, скратено работно време и сл.
  3. Градење на тимската култура која става поголем акцент на менторството отколку на менаџирањето.

Овие приоритети многу ни помагаат да обезбедиме континуитет и стабилност во услугата кон клиентите.

На што најмногу внимавате во надворешното работење кон клиентите?

На ова прашање има очигледни одговори, кои се поврзани со Кодексот на етика од Адвокатската комора (доверливост и доверба, застапување интереси на најдобар начин, независност и сл.)

Иако Кодексот на етика е број 1 водич за односот со клиентите, ние особено внимаваме на искуството што го има клиентот кога соработува со нас.

Ако земеме едноставен пример, регистрација на трговско друштво е постапка која може да ја спроведе секој регистрационен агент. Како резултат добивате решение за основање. Овој резултат ќе се добие без разлика кој регистрационен агент го користите. Па во услови кога резултатот е ист, најмногу внимаваме на процесот и на тоа како клиентот го доживува процесот.

Клиентот не треба да биде задоволен само од резултатот, туку и од текот на постапката.

Колку и како ви помага неформалното учење во водењето на канцеларијата?

Најмногу! Јас ја имав среќата да имам пријатели кои се експерти во најразлични области, особено во ИТ-индустријата и стартап-заедницата, што ми помага во многу аспекти во работењето. Од таму научив многу основи и добив насоки. Сфатив дека индивидуалната надградба преку самостојно, континуирано учење (книги, подкасти, видеа и сл.) ни активира некоја креативна зона во која бараме начин наученото да го имплементираме во пракса, што ултимативно е единствен клуч за развој.

Неколку препораки кон ваши колеги адвокати?

Токму ова претходново, би им препорачал постојано да учат и да бидат љубопитни. На оние што сакаат да читаат или што планираат да почнат да читаат би им ги препорачал книгите: „Високоефикасно управување“ од Ендрју С. Гроув (“High Output Management”, Andrew S. Grove), поранешен главен извршен директор на компанијата „Интел“, и „Влијание“ од Роберт Б. Чалдини (“Influence”, Robert B. Cialdini) , а за оние колеги што сакаат да слушаат нека го проверат подкастот „Правниот претприемач“ од Нил Тајра (The Law Entrepreneur, Neil Tyra).