/ Прочитано:

1.240

Интервју со директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци, Имер Алиу, во врска со примената на Законот за заштита на личните податоци

Господине Алиу, Заштитата на личните податоци е прашање кое се сфаќа многу сериозно на светско ниво. Дали сметате дека граѓаните на Македонија ги знаат своите права во врска со заштитата на нивните лични податоци?

Агенцијата за заштита на личните податоци е независно надзорно тело кое вложува максимални напори за заштитата на личните податоци да биде генерално прифатен принцип од страна на сите оние кои собираат лични податоци. Генералната цел е да се заштитат темелните права на нашите граѓани. Агенцијата континуирано работи на информирање на граѓаните и подигнување на јавната свест за правото на приватноста на физичките лица во однос на обработката на нивните лични податоци. Агенцијата одржува обуки за заштита на личните податоци и на нашата веб страница континуирано се објавуваат насоки, водичи, видеа и е-туториали преку кои граѓаните добиваат информации, знаења и вештини за тоа како да се заштитат себеси како граѓани. Интересот на граѓаните во однос на своите права отсекогаш бил висок, нешто што е очигледно преку бројот на прашања и претставки кои редовно пристигнуваат во Агенцијата. Но, морам да истакнам дека со донесувањето на новиот Закон за заштита на личните податоци бројот на заинтересирани граѓани значително е зголемен. Актуелноста на законот и континуираните напори на Агенцијата да ги запознае граѓаните за значењето на материјата за заштита на приватноста во остварувањето на нивните основни човекови права и слободи, резултира со сѐ поголема свесност кај граѓаните. Тоа беше поттик за нас како Агенција да продолжиме во промовирање на заштитата на личните податоци на физичките лица преку давање насоки и препораки и спроведување на супервизии согласно со прописите на Законот за заштита на личните податоци.

Рокот од 18 месеци за усогласување на работењето на правните лица со Законот за заштита на личните податоци заврши во август 2021 година. Какви се Вашите сознанија, дали правните лица успеаја да го усогласат своето работење со Законот и до кој степен?

На 24.08.2021 година заврши рокот на усогласување со новата правна рамка за заштита на личните податоци. Морам да нагласам дека и покрај првичните дилеми и стравови кај голем број на контролори и обработувачи (правните лица), успеавме да постигнеме прогрес во однос на примена на решенијата од Законот. Досега над пет илјади правни лица имаат определено офицер за заштита на личните податоци кој претставува клучна алка во новиот систем за заштита на личните податоци. Во наредниот период ќе работиме на унапредување на нивното работење и нивните задачи.

Исто така, во 2021 година, преку твининг проектот финансиран од ЕУ „Поддршка во спроведувањето на модернизираната правна рамка за заштита на личните податоци“, Агенцијата спроведе анкета за контролорите и обработувачите преку која се добија подетални сознанија за потребите на контролорите во Република Северна Македонија. Со помош на наодите од овие 524 пополнети прашалници понатаму ќе бидат изработени насоки и водичи прилагодени на нивните потреби и на тој начин ќе ги поддржиме во покажувањето одговорност и постигнување сообразност со Законот. Правните лица анкетата ја сметаа како корисна листа за самоевалуација, така што ова е од дополнителната вредност на ова истражување.

Според анкетата повеќе од половина од испитаниците сметаат дека се усогласени со новиот закон и исто голем процент сметаат дека се добро запознаени со нивните обврски кои произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци. Но, голем е бројот и на контролори кои имаат потреба од дополнителни информации и од обуки за заштита на личните податоци.

 Кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат правните лица при примената на Законот?

Најголем предизвик за правните лица во однос на усогласување на деловните процеси со Законот е: проценка на ризикот при обработка на личните податоци, утврдување на соодветна правна основа, немање на изречна согласност при вршење на директен маркетинг, неводење на евиденција на активностите на обработка итн. Голем дел од правните лица не препознаваат дека во својата работа обработуваат лични податоци, туку мислат дека само „чуваат“ лични податоци од вработените или „чуваат“ само име и презиме и ЕМБГ од клиентите. Важно е правните лица да препознаваат дека обработуваат лични податоци и дека Законот за заштита на личните податоци се однесува и на нив. Агенцијата во тој контекст има објавено на својата веб страница насоки во однос на известувањето за обработка на лични податоци која ќе резултира со висок ризик и информации за определување на офицер за заштита на личните податоци.

Исто така, во декември 2021 година Агенцијата ги донесе и објави Одлука за утврдување на стандардни договорни клаузули помеѓу контролорите и обработувачите и Одлука за утврдување на стандардни договорни клаузули за пренос на лични податоци во трети земји со цел да им олесни на правните лица полесно да се усогласат со прописите за заштитата на личните податоци.

Суштинската порака која сакаме да ја пренесеме до правните лица е да бидат транспарентни, физичките лица треба да знаат кој и зошто ги обработува нивните лични податоци. Сакам да ставам акцент на едуцирањето на сите вработени лица во областа на материјата за заштита на личните податоци и обврските од Законот. Заштитата на лични податоци не е товар туку можност компаниите да ги подобруваат нивните услуги за да го подобрат нивниот бизнис. Инвестирањето во овој вид на заштита секогаш се исплати.

Агенцијата во текот на 2022 година ќе изработи нова помодерна веб страница каде ќе бидат објавени сите едукативни материјали.

Каков совет би им дале на граѓаните за поуспешно да ги заштитат своите лични податоци?

Со цел поуспешно да ги заштитат своите лични податоци граѓаните прво треба да бидат свесни за своите права во дигиталната доба во која живееме, тоа право е поважно од кога било претходно. Законот за заштита на личните податоци му дава право на граѓанинот да знае кои лични податоци правните лица ги собираат, обработуваат и чуваат за него и дали тие работат законито. За таа цел, Агенцијата има подготвено Информатор кој е објавен на нашата веб страница во кој се објаснети правата на граѓаните, како на пример: право на пристап до личните податоци, право да се биде информиран, право на исправка, право на приговор, право на бришење итн. Граѓаните треба да знаат дека, на пример, при обработка на нивните податоци, доколку нема законска основа за собирање на нивните лични податоци, доколку личните податоци што се бараат се преобемни и несоодветни за целта за која се собираат, ако правното лице не информира на јасен и транспарентен начин за собирањето и обработката на нивните лични податоци, во тој случај можете да одбиете да ги дадете Вашите податоци.

Исто така, поради големиот број на претставки кои стигнуваат во Агенцијата кои се однесуваат на повреда на правото на заштита на личните податоци на интернет, од исклучителна важност е да се работи на подигнување на свеста особено кај децата, родителите и наставниците за заштитата на интернет. Агенцијата апелира до сите граѓани и деца дека треба да стане пракса да внимаваат со кого комуницираат и споделуваат приватни информации, да не вршат уплати на средства на лица и компаниии кои не им се познати или под закана итн.

Клучните пораки кои што би сакале да ги испратиме до граѓаните се: Имате право да знаете кој и како ги користи вашите податоци. Грижете се за вашите лични податоци и податоците на другите лица или можете да претрпите сериозни последици како кражба на идентитет, финансиска штета и нарушување на угледот. Размислете двапати пред да ги објавите вашите лични податоци на интернет, како на пример фотографии. Вашите лични податоци се од непроценлива вредност и затоа грижете се за нив.