/ Прочитано:

4.787

Интервју со гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска, за преминувањето во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација

На почетокот на оваа година стапи во сила Одлуката за преминување во втората фаза на асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините земји членки. За придобивките од преминувањето во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација за македонските граѓани, односно за македонските физички и правни лица разговараме со гувернерката на НБРМ, д-р Анита Ангеловска-Бежоска.

Гувернерке Ангеловска-Бежоска,  која е придобивката за македонските граѓани од преминувањето во втората фаза на асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините земји членки и дали се тие конечно слободни да стекнуваат недвижности и хартии од вредност во странство?

Уште со потпишувањето на Спогодбата во 2001 година, нашава земја се обврза на почитување на едно од основните начела врз кои се заснова единствениот пазар на Европската Унија – слободното движење на капиталот, што подразбира целосно либерализирање на тековите од капиталната и финансиската сметка. Најголем дел од капиталните трансакции, како што се кредитните работи, странските директни инвестиции, вложувањата на нерезиденти во хартии од вредност и во недвижности, веќе беа либерализирани уште од поодамна.

Пристапувањето на Република Македонија кон втората фаза од Спогодбата, како што ние како централна банка заедно со Министерството за финансии веќе ѝ соопштивме на јавноста, меѓу другото подразбира и поголеми инвестициски можности за граѓаните. Да, сега тие веќе можат да вложуваат во недвижности и во хартии од вредност во странство. Но, исто толку значајно е што истовремено веќе се создаваат и можности и за поголем степен на интеграција на домашниот финансиски пазар со меѓународните финансиски пазари, а и се олеснува издавањето и регистрирањето странски хартии од вредност во земјава, како и на домашните хартии од вредност во странство.

Сепак, би сакала да потсетам дека сите домашни правни и физички лица коишто ги користат можностите за инвестирање што им се на располагање и сега ќе одлучат своите заштедени средства да ги вложат во странски хартии од вредност или во странски недвижности, следствено на принципите според кои функционираат пазарната економија и финансиските пазари, со секое вложување преземаат и инвестициски ризик. Инвестирањето на финансиските пазари претставува еден вид тргување со постоечки и нови информации врз кои се засноваат очекувањата на економските субјекти. Како што нагласивме и во соопштението испратено минатата недела, затоа се претпоставува дека резидентите, а особено физичките лица што ќе се одлучат да инвестираат во странство, се добро информирани за потенцијалните ефекти од нивните одлуки, дека имаат формирано јасни очекувања за приносите и степенот на ризичност, како и дека се запознаени со своите даночни обврски.

Во финансиската теорија и практика е познато дека физичките лица како поединци вообичаено имаат помал обем на информации кои се неопходни за носење инвестициски одлуки, како и помал обем на расположливи средства за да постигнат задоволителен степен на диверзификација на својот имот. Згора на тоа, физичките лица многу почесто можат да се соочат и со несоодветно познавање за конкретни финансиски инструменти во кои би вложувале, за тековните пазарни прилики, како и за економските индикатори и очекувањата за приносите или ризиците или за правните системи на земјите каде што би купувале недвижности. Затоа, должна сум уште еднаш да укажам дека при ползување на придобивките од пристапувањето кон втората фаза на Спогодбата и при носење инвестициски одлуки за вложување во хартии од вредност и недвижности во странство граѓаните ќе треба да бидат внимателни и да бидат сигурни дека имаат проверени и точни информации врз кои ќе се темели нивното одлучување.

Истовремено, ценам дека е соодветно да потсетам дека забраната за отворање сметки на правни и физички лица во странски банки и натаму останува во примена, освен во случаите предвидени со Одлуката за начинот и условите под кои резидентите коишто не се овластени банки можат да отвораат и да имаат сметки во странство. Знам дека кај дел од јавноста постои интересирање до кога ќе важи оваа забрана. Затоа, би сакала да напоменам дека, всушност, укинувањето на оваа забрана е последна фаза на капиталната либерализација. Досегашните искуства покажуваат дека фазите и брзината според кои се извршувала либерализација се разликуваат од земја до земја, но заедничко е дека речиси кај сите земји, либерализацијата на депозитните активности на резидентите се извршила во последната фаза.

Дали во однос на вложувањето во недвижности и хартии од вредност во странство ќе има и допрецизирање на процедуралните аспекти во смисла на креирање дополнителни акти и упатства?

 Процедуралните аспекти на вложувањето во хартии од вредност и недвижности во странство во голема мера веќе се опфатени во постојната регулатива. Па така, би сакала да потсетам дека резидентите кои вложуваат во хартии од вредност во странство, во согласност со одредбите од Законот за девизно работење, за вложувањата треба да ја известат НБРМ. Со овој закон е пропишано дека резидентите можат да вршат упис, да уплатуваат и да тргуваат со хартии од вредност во странство само преку овластен учесник на пазарот на хартии од вредност или преку овластен учесник на странска берза или организиран пазар на хартии од вредност. Следствено, овластениот учесник е должен за сите вложувања на резидентите во хартии од вредност во странство, како и за измена на овие вложувања, вклучувајќи и нивно отуѓување, редовно да доставува извештај до НБРМ. Обврска за доставување извештај до НБРМ има и резидентот доколку врши упис, уплатува или тргува со хартии од вредност во странство преку овластен учесник на странска берза или организиран пазар на хартии од вредност. Известувањето има за цел статистичко следење на вложувањата на резидентите во странство. Засега НБРМ ќе ги следи овие трансакции преку тековниот систем за известување со кој располага, а во понатамошниот период ќе се направи оцена за потребата за промена, што секако ќе биде навремено и соодветно комуницирано со субјектите коишто ќе известуваат.

Во согласност со овој закон, резидентите кои вложиле средства за стекнување сопственост на недвижност во странство се должни во рок од шеесет дена од денот на настанување на правната основа за стекнување на недвижноста да го пријават вложувањето и сите натамошни измени на вложувањето во Централниот регистар, кој веќе води регистар на средствата вложени во недвижности на резиденти во странство. Начинот на пријавување, уписот, како и содржината, формата и начинот на водење на регистарот на вложувања на недвижности на резиденти во странство го пропишува министерот за финансии.

Плаќањето на купопродажната трансакција со недвижен имот, кое мора да се изврши со парични средства од сметка на резидентот во домашна банка, како и обврските коишто резидентот би ги имал пред деловната банка при приливи во случај на продажба на недвижност во странство, се регулирани со постојното Упатство за начинот за вршење на платниот промет со странство.

Ова се само конкретни примери за начинот на кој веќе се регулирани важни сегменти од процесот на вложување во хартии од вредности и недвижности во странство. Тие дополнително потврдуваат дека отпочнувањето на втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација ние го дочекавме со голема подготвеност и во делот на регулативата.

Деновиве ќе се донесат и измени на соодветната регулатива, со кои ќе се прецизира документацијата којашто резидентите ќе треба да ја достават до банката при плаќање или наплата од странство врз основа на трансакции со хартии од вредност. Веќе постојат одредби за потребните документи во однос на приливите и одливите кон странство врз основа на трансакции со недвижности.

Секако, очекуваме дека во натамошниот период мошне е веројатно да се процени потреба и од некои нови акти, но и за тоа, секако, навремено би ја известиле јавноста со цел секој што ги користи или планира да ги користи новите инвестициски можности навремено да биде информиран за своите обврски.

Што значи преминувањето во втората фаза за веќе стекнатите права врз недвижности и хартии од вредност во странство?

И покрај забраната за купување недвижности во странство пред почетокот на втората фаза на Спогодбата, Законот за девизно работење предвидуваше неколку исклучоци, пред сѐ, за стекнатиот недвижен имот во странство врз основа на некој правен акт, како на пр. решение за наследство, извршна исправа или судска одлука и сл. Ваквото стекнување недвижен имот во странство претставуваше соодветна правна основа за упис во Регистарот на вложувањата во недвижности на резиденти во странство кој го води Централниот регистар, определена со членот 11 од Законот за девизно работење.

Исто така, Законот за девизно работење предвидуваше и неколку исклучоци поврзани со можноста за Фондот за осигурување на депозити и други финансиски институции да вложуваат во хартии од вредност во странство во согласност со законите  кои  го  регулираат  нивното работење. Воедно, беше предвиден и исклучок за резиденти – зависни друштва основани во технолошко индустриските развојни зони, исто така, заради наградување на своите вработени, за своја сметка, а во име на вработените, да можат да купуваат акции издадени од владејачкото друштво.

Оттука, врз сите овие основи, преминот во втората фаза нема да има позначајно влијание врз однесувањето и инвестициските стратегии на овие субјекти.

Сметате ли дека ваквата можност ќе предизвика интерес за вложување кај македонските граѓани, односно кај физичките и правните лица?

 Во моментов, забележливо е дека кај јавноста постои интерес за да биде запознаена со новините коишто настапија по пристапувањето кон втората фаза на Спогодбата, но сепак, од оваа перспектива, тешко може прецизно да се предвиди колкав ќе биде интересот за вложување надвор од земјава. Како што кажав и во едно претходно интервју, во колкав обем ќе бидат исползувани новите можности за инвестирање ќе зависи од индивидуалните преференции и одлуки за инвестирање, поврзани со согледувањата за потенцијалните приноси, но и за ризикот, како и од низа други економски фактори во земјава и во странство во идниот период.

Би сакала да потсетам дека од средината на 2016 година, со поддршка од ЕБОР, започна да функционира регионалната платформа СЕЕ линк, којашто ги поврза берзите од регионот. Со оваа платформа, пред повеќе од две години се зголемија инвестициските алтернативи во земјава, односно правните и физичките лица имаа можност да вложуваат во хартии од вредност кои се тргуваат на овие берзи, иако тоа досега не резултираше со позначајно инвестирање на македонските граѓани во хартии од вредност на овие пазари.

Правните и физичките лица ќе може да вложуваат во недвижности и во хартии од вредност во странство, потврдуваат од НБРМ и од МФ

Ќе престане да важи Одлуката за условите што треба да ги исполнуваат хартиите од вредност во странство во кои може да вложува овластена банка

Македонските државјани конечно слободни да стекнуваат недвижности и хартии од вредност во странство

Европската банка за обнова и развој може да придонесе во консолидацијата на банкарскиот сектор

Гувернерката предложи две вицегувернерки на НБРМ

АНГЕЛОВСКА-БЕЖОСКА: Пред мене стои предизвикот за успешна и независна монетарна политика

М.В