/ Прочитано:

1.810

Интервју со Игор Јадровски, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

За прв пат имаме професионална Комисија за спречување и заштита од дискриминација, избрана во согласност со сите меѓународни стандарди за избор на тела на еднаквост, која е подготвена со сите законски надлежности да се бори за превенција и заштита од дискриминација, истакнува во интервјуто за Академик Игор Јадровски, член на новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Тој ги охрабрува граѓаните да ги пријавуваат случаите на дискриминација во Комисијата, нагласувајќи дека Комисијата работи на нова комуникациска стратегија за информирање на јавноста за работата, за активностите и за законските надлежности на Комисијата.

Дел сте од новиот состав на Комисијата за заштита и спречување на дискриминација. Каков концепт на работа ѝ е потребен на Комисијата за да се спротивстави на дискриминацијата во општеството?

Комисијата не смее да се сведе на едноставно административно тело кое ќе постапува само по поднесени претставки на граѓаните, туку треба проактивно и кумулативно да ги исполнува сите свои законски надлежности, кои се проширени со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација. Овде, пред сѐ, мислам на засилената превентивна функција на Комисијата, учеството во изработка на политики и закони, учеството при изготвување и примена на програми и материјали од областа на формалното и неформалното образование, можноста за поведување постапки по службена должност, можноста за давање општи препораки, можноста за иницирање и учество во судски постапки. Овие проширени надлежности треба да гарантираат една сеопфатна превенција и заштита од дискриминација, која треба да резултира со намалување на дискриминацијата во општеството.

Дополнително, сметам дека за поцелисходна борба против дискриминацијата Комисијата треба да воспостави поотворена соработка со сите релевантни чинители. Тука, пред сѐ, мислам на граѓаните, кои треба да стекнат доверба во неа како специјализирано тело за превенција и заштита од дискриминација до кое ќе може да се обратат во секое време. Секако, не смеам да ја заборавам и соработката со граѓанските организации. Комисијата веќе склучи меморандуми за соработка со Мрежата за заштита од дискриминација и со Мрежата за медиумска писменост, како едни од клучните мрежи на организации кои работат на превенција и заштита од дискриминација. На крај, од исклучителна важност ќе биде и ефикасната соработка со останатите државни институции кои имаат законски надлежности во насока на превенција и заштита од дискриминација.

Во кои области е најмногу присутна дискриминацијата?

Комисијата во моментов работи на стотина предмети, од кои 78 се преземени од претходната Комисија, а останатите се добиени во нашиот мандат. Во овие предмети најчестата пријавена област на дискриминација се работните односи, па следуваат избирачките права, правосудството и управата и пристапот до јавни добра и услуги.

Што треба да се стори за да се сузбие дискриминацијата врз маргинализираните групи?

Дел од одговорот на ова прашање го дадов и во одговорот на првото прашање. Комисијата мора да се доближи до граѓаните, а особено до маргинализираните категории граѓани, кои во Комисијата треба да гледаат „безбеден простор” за пријавување на случаи на дискриминација. Во исто време треба да се работи на информирање на граѓаните и на подигање на свеста за феноменот на дискриминација, појавните форми и начинот на заштита. Клучна е и соработката со граѓанските организации кои работат со одредени категории маргинализирани граѓани бидејќи тие го имаат секојдневниот контакт со овие граѓани и најдобро се запознаени со проблемите со кои се соочуваат овие граѓани. За крај, овој проблем е комплексен, па во неговото решавање треба да се вклучат сите релевантни државни органи, интерсекциски и на повеќе нивоа.

Дали е потребно граѓаните подобро да се запознаат со дејствувањето на Комисијата, особено од аспект на стекнувањето доверба дека имаат соодветна заштита од дискриминација?

Ова е апсолутно неопходно. Во моментов работиме на изготвување на комуникациска стратегија која, меѓу другото, треба да помогне подобро и понасочено да ја информираме јавноста за работата, за активностите и за законските надлежности на Комисијата. Го искористивме тајмингот на Европското првенство и еуфоријата што ја предизвика македонската фудбалска репрезентација, па во моментов Комисијата заедно со Фудбалската федерација на Македонија спроведува кампања за промоција на принципот на еднаквост и недискриминација, нешто што добива позитивен фидбек од јавноста. Вакви кампањи ќе бидат нужни за информирање на граѓаните за дејствувањето на Комисијата, но и за подигање на свеста во исто време.

Што треба да направи еден граѓанин доколку биде жртва на дискриминација?

Доколку одреден граѓанин смета дека е жртва на дискриминација, тој случај треба да го пријави во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и/или во Народниот правобранител, доколку дискриминацијата е сторена од органите на државната управа, од органите на единиците на локалната самоуправа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Постапката пред Комисијата започнува со претставка, која граѓаните во моментов можат поштенски или лично да ја достават во седиштето на Комисијата на ул. „Даме Груев“ бр. 1 во Скопје. За многу скоро време, со креирањето на веб-страницата на Комисијата, граѓаните ќе имаат можност и за електронско поднесување претставка. Претставката треба да се поднесе најдоцна во рок од шест месеци од дознавањето за актот на дискриминација или најдоцна една година од денот кога била сторена повредата. Претставката треба да содржи податоци за подносителот, податоци за лицето против кого се поднесува претставката, околностите и фактите врз кои се темели претставката, податоци за правните дејства што претходно ги вложил подносителот, доколку ги има, и потпис на подносителот.

Која е вашата порака до граѓаните, а со цел охрабрување во борбата против дискриминацијата?

За прв пат имаме професионална Комисија за спречување и заштита од дискриминација, избрана во согласност со сите меѓународни стандарди за избор на тела на еднаквост, која е подготвена со сите законски надлежности да се бори за превенција и заштита од дискриминација. Сите граѓани кои сметаат дека биле дискриминирани ги повикуваме да го пријават тоа во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

М.В