/ Прочитано:

3.606

Интервју со Игор Кузевски, генерален секретар во Дирекцијата за заштита на личните податоци

Основната цел на новиот Закон за заштита на личните податоци  е најпрвин да го „признае“ неспорниот факт дека за разлика од порано, денес обработката на личните податоци сѐ повеќе и сѐ почесто се врши на автоматизиран (електронски) начин, вели Игор Кузевски, генерален секретар во Дирекцијата за заштита на личните податоци и  автор на книгата „Прирачник за заштита на личните податоци – практичен водич“, во издание на Академик. Генералниот секретар во Дирекцијата за заштита на личните податоци ќе биде предавач на обуката во организација на Академик посветена на личните податоци, која ќе се одржи на 30-ти овој месец.

Кои се клучните решенија и цели во новиот Закон за заштита на личните податоци?

Пред да се наведат клучните новини и цели на Законот, треба да се истакне дека со него, по неговото донесување, практично се врши целосно транспонирање на Општата регулатива за заштита на личните податоци на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија (ЕУ) 2016/679, со што Република Македонија во овој домен ќе биде целосно усогласена со правото на Европската Унија. Се разбира, самиот процес на усогласување во работењето на оние што вршат обработка на личните податоци – контролорите и обработувачите, ќе трае подолго, за што во Законот се предвидува соодветен преоден режим.

Основната цел на Законот е најпрвин да го „признае“ неспорниот факт дека, за разлика од порано, денес обработката на личните податоци сѐ повеќе и сѐ почесто се врши на автоматизиран (електронски) начин, па следствено на тоа и да ја уреди заштитата на личните податоци како дел од основните слободи и права на физичките лица, а особено правото на приватност во врска со обработката на личните податоци, кога целосно или делумно се врши автоматизирана или друга обработка на личните податоци.

Ова е особено важно да се разбере бидејќи, од дебатите што се водеа во Европската Унија, па и тука кај нас, како да провејува(ше) перцепцијата дека Законот ќе претставува пречка во обработката на информациите што содржат лични податоци. Не, напротив. Ако веќе е неспорно дека се врши масовна обработка на личните податоци во електронска форма, треба да се разбере дека основната цел на Законот е да ги утврди правилата на игра за тоа како треба да се врши обработката, а со крајна цел – да се заштити правото на приватност во врска со обработката на личните податоци.

Во таа смисла, што предвидуваат решенијата во Општата регулатива за заштита на личните податоци на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија (ЕУ) 2016/679?

Ако досега се настојуваше „само“ да се постигне законска усогласеност при обработката на личните податоци, отсега покрај овој принцип се воведува и принципот на отчетност и одговорност. Ова практично значи дека контролорите и обработувачите ќе мора, од една страна, да ги задоволат минималните стандарди при обработката на личните податоци, но од друга страна ќе имаат можност за натпревар во кој ќе треба да докажат и да демонстрираат која организација повеќе ја почитува приватноста, а на нас, субјектите на лични податоци, врз основа на ова, ни останува можноста заедно со другите критериуми да одлучиме дали и кому ќе му дозволиме да ги обработува нашите лични податоци.

Кои новини се воведуваат со Регулативата?

Во оваа смисла, во корелација со отчетноста, со Регулативата се воведуваат повеќе новини, а како позначајни решенија би ги наброил: правото да се биде заборавен, правото на преносливост на податоците, уредувањето на профилирањето во врска со донесувањето на поединечни одлуки, проценка на влијанието при обработка на личните податоци, известување за нарушување на безбедноста на личните податоци, заеднички корпоративни правила, како и техничка и интегрирана заштита на личните податоци.

Автор сте на книгата „Прирачник за заштита на личните податоци – практичен водич“. За што се зборува во овој прирачник и кои теми се обработуваат?

Прирачникот има за цел да даде одговори и практично да прикаже што сè треба да усвојат и што сè треба да применат оние што обработуваат лични податоци (контролорите и обработувачите) за да се минимизира ризикот од евентуална злоупотреба на личните податоци при нивната обработка. Во овој контекст, преку практични примери и практични решенија, Прирачникот дава одговор(и) на сите технички и организациски мерки што треба да се дизајнираат и да се применат од страна на сите што вршат обработка на личните податоци, а особено се фокусира на: најдобрите практики (со практични примери и соодветни обрасци) на примена на техничките и организациските мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци од страна на контролорите и обработувачите; на обврските и одговорностите на офицерите за заштита на личните податоци, со практични примери на одговори како да бидат исполнети, како и појаснува дел од најзначајните новини во Општата регулатива за заштита на личните податоци на Европскиот парламент и на Советот (ЕУ) 2016/679.

M.В