Интервју со Лидија Стојкова-Зафировска, претседател на Центарот за правни истражувања и анализи
Мисијата на Центарот за правни истражувања и анализи е да ги оспособи граѓаните, како индивидуално така и колективно, подобро да го разберат функционирањето на правниот систем, како и неговата ефикасност и влијанието што го има тој врз нивниот живот во однос на владеењето на правото. Во рамките на своите активности, Центарот за правни истражувања и анализи неодамна го промовираше Првиот национален извештај од Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите во правосудството. Националниот извештај и значајните активности на Центарот за правни истражувања и анализи во доменот на правото и правосудството се повод за разговорот со Лидија Стојкова-Зафировска, претседател на Центарот за правни истражувања и анализи.
Како дојдовте до идејата за креирање на Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите на правосудството?
Идејата за развивање иновативна и практична алатка која би обезбедила можност за објективно и веродостојно мерење на перформансите и реформите на правосудството беше инспирирана од повеќе фактори. Утврдивме дека многу често стручната и пошироката јавност ги оценуваат состојбите во областа на правосудството воопштено, карактеризирајќи го како зависно, некомпетентно, корумпирано, непотистичко, партиско, тромаво, неефикасно и нетранспарентно, дури и кога немале директен допир со судовите. Понатаму, кога се разговараше за правдата и за нејзиното администрирање од страна на судиите, не се истакнуваа вредностите што ја сочинуваат неа, принципите кои треба да се водилки за судиите при донесување на одлуките, туку во јавноста се користеше бирократска и рутинска терминологија, која не кажуваше многу за конкретните проблеми и предизвици во функционирањето на правосудниот систем. Постоеше и отсуство на егзактни искуства и пристапи на мониторинг и евалуација, што понекогаш прави да биде тешко да се сфати каде всушност лежи главниот проблем кој треба да го решаваме.
При создавањето на Матрицата за мерење на перформансите на правосудството ги проучивме и ги реафирмираме вредностите што се главен супстрат на правдата во меѓународни рамки и потоа изработивме индикатори кои ќе претставуваат одраз на тоа како овие стандарди и принципи се преточени во пракса. Оттука, Матрицата е составена од 70 индикатори кои се однесуваат на најсуштинските елементи од функционирање на еден праведен судски систем, кој е во служба на граѓаните и кој ги заштитува нивните слободи и права. Главни области на евалуација на Матрицата се: ефикасноста, транспарентноста и отчетноста, квалитетот на правдата, независноста и непристрасноста, и професионалниот развој и соодветната застапеност.
Кои се нејзините цели и зошто е потребна, особено во поглед на реформите во правосудството?
Матрицата за мерење на перформансите во правосудството е вклучена во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за периодот 2017 – 2022, што значи дека државата ја воочила користа од неа и нејзината важност за следење на реформите во областа на правосудството. Всушност, Матрицата треба да биде главна алатка која на институциите (како на пр. Министерството за правда, Судскиот совет и др.) ќе им даде релевантен приказ за тоа кои реформи е потребно да се преземат, но уште повеќе дали започнатите реформи се на вистинскиот пат и дали се чувствуваат на теренот, помеѓу граѓаните, но и помеѓу оние кои се директно инволвирани во работата на правосудството. Повратните информации од мерењето на перцепциите даваат можност да се вкрстат мислењата на разни категории испитаници и да се утврди каде се разидуваат, а каде се преклопуваат во однос на некој индикатор од судството. Онаму каде што постојат негативни оценки од страна на повеќе групи испитаници, на пример кај јавните обвинители, адвокатите и судската администрација во однос на случувањата во судницата, постојат доволно индиции дека треба да се спроведат некакви таргетирани реформи за подобрување на таа состојба. Од друга страна, ако судиите истакнат дека квалитетот на судските одлуки е на задоволително ниво, а со тоа не се согласуваат адвокатите и странките во споровите, како и експертската јавност, потребно е да се проучат причините и да се донесат нови политики, обуки или да се промени праксата. Понатаму, перцепциите од мерењето се вкрстуваат и се ставаат во корелација со постојната правна рамка, со стратешките документи, со релевантни податоци од домашни институции, како и со меѓународните мерења на правосудните реформи. Преку овој пристап на проверка и корелација помеѓу перцепциите на клучните субјекти во правосудството, фактичките податоци и останати релевантни мерења и извештаи се добива најпрецизна слика и дијагноза за тековните перформанси, проблеми и ефектите од реформите. Се разбира, мерењето треба да се спроведува редовно, периодично, на секои една до две години, за да се мери трендот на подобрување или влошување и за да се преземат навремени мерки и активности за спречување на понатамошни девијации во судскиот систем кои отстапуваат од утврдените параметри и вредности од Матрицата.
Каква беше методологијата на работа?
Матрицата беше развивана низ инклузивен и транспарентен процес, во кој учествуваа судии, јавни обвинители, Судскиот совет, Министерството за правда, Здружението на судии, правни експерти, здруженија на граѓани, методолози и статистичари. Имавме и поддршка и консултации со истакнати експерти од регионот и од Европа за да се осигуриме дека алатката ги содржи сите потребни елементи кои нема да може да бидат оспорувани од методолошки и од идеолошки аспект. Ризикот да објавувате парцијални перцепции или неодржливи заклучоци е преголем за нас како професионалци, за нашите партнери во правосудството и конечно за донаторот. Затоа, оваа активност ја сфативме многу сериозно и ги повикавме сите важни чинители да ни се придружат во нејзината изработка. За нас беше предизвик да направиме методолошки исправна алатка, која би можела да се користи успешно и континуирано од страна на институциите, но и од стручната јавност, а нејзината идна применливост е оправдана токму поради тоа што ги содржи оние индикатори за правосудството кои се важни за еден функционален систем и кои ги земаат предвид перцепциите на најважните субјекти кои се директно инволвирани во судството, како што се: странките во спорови, судиите, адвокатите, јавните обвинители, судската администрација, здруженијата на граѓани, академската заедница, правните професии (нотари, извршители, медијатори) итн. Ваков сеопфатен пристап на мерење во правосудството во функција на стекнување што пообјективни и поегзактни информации за состојбите досега не е применет во Македонија и поради тоа чувствуваме голема гордост, но и одговорност.
Првото мерење на перформансите и реформите во областа на судството го спроведовме во текот на ноември – декември 2018 година, а финалниот извештај од наодите го презентиравме годинава во март. Извештајот беше презентиран пред претставниците од правосудството, здруженијата на граѓани, медиумите, академската заедница. Иако во извештајот испитаниците ги оценуваат состојбите и реформите во правосудството со релативно ниска оценка во сите области, сепак, при вкрстувањето на истите со другите податоци се укажува дека постојат тековни законски измени и преземени се активности кои се во насока на подобрување на состојбите. Дали навистина реформите ќе бидат препознаени како позитивни ќе покаже наредното мерење, каде што одново перцепциите ќе се мерат низ призмата на преземените реформи и ќе се споредат со периодот пред да бидат преземени.
Кои се позначајните проекти на Центарот за правни истражувања и анализи од досегашното негово дејствување?
Центарот за правни истражувања и анализи посветено работи на неколку мошне важни проекти во областа на правосудството, владеењето на правото и човековите права. Покрај Матрицата за мерењето на перформансите и реформите во областа на судството, дизајниравме слична алатка со истите стандарди за јавното обвинителство, која ќе биде ставена во функција оваа година. Така ќе добиеме поцелосна и комплементарна слика за состојбите и реформите во правосудството. Понатаму, работиме со Врховниот суд на изработка на Водич за судска пракса зашто сметаме дека правната сигурност и квалитетот на правдата преку пресудите е една од најважните вредности на правдата. Граѓаните и правните професионалци често истакнуваат дека за иста работа добиваат различни пресуди, а сега и судиите и нивните соработници стануваат сѐ повеќе свесни и активни во обезбедување на поголема уедначеност на правораздавањето и воспоставување стандарди за подобрување на судската пракса. Исто така, работиме со нашите партнерски организации на следење на квалитетот на законите од областа на правосудството со цел навремено да алармираме за нивно подобрување, како во поглед на постапката во која се донесуваат така и во однос на содржината што ја обработуваат. Правиме и функционални анализи за повеќе институции од правосудството за да им помогнеме на институциите и на оние кои обезбедуваат поддршка да ги насочат своите ресурси и политики на таргетиран начин, преку истражувачки пристап и подлабоки анализи, а не само врз основа на паушални процени и импровизации. Особено е интересна економската анализа на трошоците и придобивките при споровите од мала вредност, со која им помагаме на граѓаните да утврдат дали за нив е исплатливо да влегуваат во судски спор или може да размислуваат и за други алтернативни решавања на спорот. Како особено интересна активност што ја иницираше Центарот е и веб-порталот justiceobservers.org, како простор каде што национални и меѓународни експерти имаат можност да ги коментираат позитивните и негативните аспекти од пресудите на македонските судови. Оваа платформа е дел од новиот тренд во Европа за приближување на ставовите на повисоките судови до граѓаните со цел да бидат подобро и полесно разбрани.
Кои се идните активности на Центарот за правни истражувања и анализи во поглед на ваквите иновативни пристапи во реализацијата на проектите што имаат значаен придонес за реформите?
Голем дел од проектите што ги наброив продолжуваат да се спроведуваат и во наредниот период затоа што се комплексни, предвидуваат поддршка на суштински промени во законодавството, во системот на функционирање и праксата на судовите и други институции. Центарот останува посветен кон обезбедување поддршка на институциите и поединците кои тежнеат кон вистински и суштински промени, сфаќајќи дека предизвиците со кои сме соочени, како на институционално така и на индивидуално ниво, не можат да се совладаат само со критики и само однатре. Потребно е да постои соработка, поттик и синергија на знаења, таленти и умешности од секого во служба на промените што ги очекуваме во нашето општество. Затоа нѐ инспирираат и нѐ мотивираат оние поединци во институциите кои се подготвени да се борат поактивно за подобрување на правосудството, да одат чекор понатаму во борбата со корупцијата во своите средини, и да препознаваат нови начини на работа кои отвораат нови, иновативни погледи кон нештата. Ова е со цел на граѓаните да им помогнеме да ја вратат довербата во институциите, но и да ги едуцираме на еден поедноставен начин да ги разберат сложените системи и постапки во кои се вклучуваат за полесно остварување на нивните права и слободи. Затоа во наредниот период ќе се посветиме на концептот ‘отворено судство’, кое низ партнерство помеѓу судските институции и здруженијата на граѓани ќе обезбеди доволни гаранции дека функционирањето на судството е во интерес на јавноста и во служба на сите граѓани на Македонија.
Презентирана анализата „Споровите од мала вредност во првостепените судови во Република Македонија“
Промовирана Матрицата за мониторинг на перформансите на јавното обвинителство
Промовирана веб-платформата „Џастис обзерверс“ на Центарот за правни истражувања и анализи
Почеток на првото национално мерење на перформансите на правосудството
Промоција на матрицата за мониторинг на перформансите во македонското правосудство
Судската пракса – обврзувачко, но занемарено правно сфаќање и извор на судското правo
Унифицирање на судската пракса за нејзина посилна улога во правниот систем
М.В