/ Прочитано:

2.659

Интервју со професорите Дејан Мицковиќ и Милица Шутова, автори на книгата „Разводот на брак во европските земји“

Повод за разговорот со универзитетските професори Дејан Мицковиќ и Милица Шутова е нивната нова  книга „Разводот на брак во европските земји“. Големиот пораст на бројот на разведените бракови, како и сериозните економски, правни и психолошки последици кои разводот на брак ги предизвикува за децата, семејствата и современите општества се основниот мотив за оваа книга, нагласуваат авторите Мицковиќ и Шутова.

Во таа насока, авторите сметаат дека е крајно време за сериозни реформи во семејноправните системи и во правното нормирање на брачните и на семејните односи, кои треба да бидат усогласени со трансформациите што се случуваат во реалниот живот.

Професоре Мицковиќ, какви промени се случуваат во брачните и во семејните односи во европските земји? Колку е важно проучувањето на бракот од правно-социолошки аспект на ниво на Европската Унија?

Во последниве децении во сите европски држави се случуваат брзи, според некои автори револуционерни промени во повеќе сфери на брачните и семејните односи. Во сите европски земји се случуваат исти трансформации: се зголемува бројот на разводите на брак, се намалува бројот на склучени бракови, се намалува стапката на наталитетот, се зголемува бројот на вонбрачни заедници и процентот на деца родени надвор од брак, се зголемува бројот на монородителски и на рекомпонирани семејства, се зголемува процентот на жени што се вработени и драматично се намалува стапката на наталитетот. Според Еурострат, во 2016 година во земјите на Европската Унија биле склучени 2.200.000 бракови, а имало 1.000.000 разводи. Наспроти тоа, во 1960 година бројот на разводи бил шест пати помал и изнесувал 170.000. Во последниве години бројот на разведени бракови се зголемува и во Македонија, така што во 1995 година имало 710 разводи, во 2005 година 1.552, а во последниве години бројот на разводи во Македонија е поголем од 2.000. Од друга страна, драматичниот пораст на бројот на разведените бракови, кој ги опфаќа сите европски земји, не е единствената трансформација во брачните и во семејните односи. Друг значаен феномен, кој во голема мера придонесе за драматична трансформација во семејните односи, е зголемувањето на бројот на лицата кои живеат во вонбрачна заедница, поради што во Европа бракот веќе не претставува единствена основа за семејниот живот, како што тоа беше во претходниот период. Сè повеќе парови во европските земји живеат во вонбрачни заедници кои имаат траен карактер и во кои се раѓаат, се чуваат и се воспитуваат деца. Во современото општество, покрај тоа што се зголемува бројот на вонбрачните заедници, се менува и нивната природа. Во минатото, вонбрачната заедница најчесто била само прв чекор кон бракот поради тоа што голем број млади парови во Европа својата заедница ја започнувале со вонбрачна врска, која по одреден период преминувала во брак. Во современи услови тоа веќе не е случај. Истражувањата покажуваат дека современата вонбрачна заедница, во голем број случаи, веќе не е прв чекор кон бракот, туку претставува вистинска алтернатива на бракот поради тоа што голем број вонбрачни партнери никогаш не склучуваат брак, туку живеат во вонбрачна заедница која може да трае со години, па дури и со децении. Порастот на бројот на вонбрачни заедници е поврзан и со порастот на процентот на деца родени надвор од брак, така што во 2016 година 42% од децата родени во ЕУ беа вонбрачни (во Франција дури 60% од децата родени во 2016 биле родени надвор од брак, во Словенија и во Бугарија 58% во Шведска 55%, во Данска 54%).

Поради овие динамични промени во последниве децении во европските земји се спроведени огромен број социолошки истражувања за правецот на промените, нивното влијание врз брачните и семејните односи и последиците од промените врз брачните партнери, врз децата и врз пошироката заедница. Врз основа на резултатите на овие истражувања, во голем број европски држави се спроведени длабоки реформи на семејното законодавство, пред сè, во однос на вршењето на родителското право по разводот на брак (истражувањата покажаа дека најсериозните негативни последици врз децата по разводот е прекинот на контактот со едниот родител и поради тоа беше воведен моделот на заедничко вршење на родителското право по разводот на брак, како и моделот на поделеното родителство), плаќањето на издршката, регулирањето на вонбрачната заедница и регулирањето на имотните односи помеѓу партнерите. Во последниве децении во ЕУ се регулираат и  истополовите заедници (во сè поголем број европски земји истополовите партнери имаат право да склучуваат брак).

Дали е потребна реформа на домицилното семејно право? Во кои сегменти треба да се реформира македонското семејно законодавство?

За разлика од сите европски земји, вклучително и нашите соседи, кои извршија длабоки реформи во сите сегменти на семејноправните системи за да го усогласат правното нормирање на брачните и на семејните односи со трансформациите што се случуваат во реалниот живот, во Македонија од 1992 година немаме сериозна реформа во семејното право. Наспроти вистинската „легислативна еуфорија“ во некои други области на правото, во однос на неопходната реформа на семејното законодавство македонскиот законодавец е во длабок зимски сон. Пред десетина години беше формирана Комисија за изработка на Граѓанскиот закон на Македонија, во чиј состав, во Книга V, се регулираат и семејноправните односи. Со изработката на Граѓанскиот закон се очекуваше целокупната материја од сферата на граѓанското право, по примерот на огромен број европски земји, да биде уредена во еден законски текст на сеопфатен и на систематизиран начин, со што ќе се добие нов квалитет во регулирањето на граѓанското право и ќе се надминат правните празнини, недореченостите и противречностите што постојат во законите што ја регулираат оваа материја. Комисијата излезе со првата верзија на реформата на семејното законодавство, но целата работа на Граѓанскиот закон од непознати причини замре, така што Македонија наскоро нема да има Граѓански закон, како што е тоа случај во речиси сите европски држави, вклучувајќи ги и најголемите (Франција, Германија, Италија, Шпанија, Русија). Инаку, во реформата во рамките на Граѓанскиот закон се предлагаат измени во голем број сегменти на семејноправната регулатива. Се предлага воведување на заедничко вршење на родителското право по разводот на брак, како и можност за поделено родителство по разводот, по примерот на сите европски законодавства кои овие реформи, пред сè во интерес на децата, ги направија пред повеќе децении. Дека во однос на вршењето на родителското право по разводот на брак или по престанокот на вонбрачната заедница се потребни итни реформи покажуваат и двата случаи („Митови против Македонија“ и „Олури против Македонија“) кои Македонија ги изгуби пред Европскиот суд за човекови права. Комисијата за изработка на Граѓанскиот закон предлага детето да има право да го каже своето мислење во сите постапки во кои се решава за неговите права и интереси, а тоа да се земе предвид во зависност од возраста и зрелоста на детето (ова е еден од основните столбови на Конвенцијата на ОН за правата на детето, која ја имаме ратификувано). Комисијата предлага и други реформи за да се надминат проблемите во практиката, како што е воведувањето медијација во семејните спорови, реформи во плаќањето на издршката, законски да се регулира прашањето за обемот на личните контакти помеѓу детето и родителот со кој тоа не живее – ова е еден од најпроблематичните сегменти на сегашното семејно законодавство, да се предвиди судска надлежност (наместо надлежност на Центарот за социјална работа) за сите одлуки кога се решава за доверување на детето на чување и воспитување, и бројни други реформи.

Дали е потребно усогласување на легислативата за брачното право и за вонбрачната заедница со легислативата на земјите на Европската Унија?

Во однос на регулирањето на вонбрачната заедница, која, ако трае подолго од една година, се изедначува по своето правно дејство со бракот, во однос на поделбата на имотот и меѓусебната издршка, законодавецот направил голем пропуст затоа што не предвидел дека помеѓу вонбрачните партнери не смеат да постојат брачни пречки. Ваквиот пропуст создаде правни нелогичности, така што во практиката се јавуваат случаи вонбрачната заедница да произведува правно дејство и покрај тоа што партнерот или партнерката е оженет или омажена, односно едниот или двајцата се во брак. Со тоа во судската пракса се создаваат големи проблеми при докажувањето на делот во заедничкиот имот на вонбрачните другари, кога кај еден од нив бракот правно не престанал. Во најголемиот број европски земји се предвидени брачните пречки и за вонбрачните партнери, што не е случај кај нас. Поради тоа, Комисијата за изработка на Граѓанскиот закон предлага да се предвиди дека вонбрачната заедница не може да произведе правно дејство ако постојат брачни пречки. Комисијата предлага измени и во регулирањето на имотните односи помеѓу брачните партнери со цел точно да се дефинира што сè влегува во посебниот, а што во заедничкиот имот на партнерите. Освен тоа, по примерот на голем број законодавства (Германија, Франција, Австрија, Швајцарија, Русија, Грција, Србија, Хрватска) Комисијата предлага воведување на брачниот договор во нашиот правен систем. Еден од најсилните аргументи во прилог на брачниот договор е дека тој ги штити брачните партнери при разводот на брак поради тоа што со него се решаваат сите имотни прашања и се спречуваат долгите, скапи и трауматични постапки за решавање на имотните спорови по разводот на брак. Со можноста брачните партнери да склучат брачен договор се остварува нивната слободна волја и се овозможува тие да ги регулираат нивните имотни односи на различен начин од оној што го има предвидено законот. Брачните партнери во договорот би можеле да ги одредат правата и обврските во меѓусебното издржување, користењето на приходите на едниот брачен другар од страна на другиот, намирувањето на трошоците за семејниот живот, како и определувањето на имотот што ќе му припаднe на секој од брачните другари во случај на развод на брак. Со брачниот договор партнерите не би можеле да ги изменат императивните законски норми кои се однесуваат на правото на издршка, обврската за намирување на трошоците на семејниот живот и обврските на родителите во однос на децата.

Професорке Шутова, кои се клучните сознанија што ги дава оваа книга?

Книгата е обид да се направи анализа на моделите на вршењето на родителското право по разводот на брак кои се прифатени во современите европски законодавства и тие да се споредат со правното уредување на ова прашање во македонското законодавство. Главниот заклучок во книгата е дека Македонија доцни во реформите на семејното законодавство, и тоа повеќе децении во однос на другите европски држави. Иако Законот за семејството го промовира начелото на еднаквост на родителството, сепак по разводот на бракот се прави исклучок од ова начело, на тој начин што судот децата му ги доделува само на едниот родител и што доведува до зголемување на бројот на еднородителските семејства. Македонскиот законодавец многу инертно се однесува кон ова прашање, и покрај тоа што бројот на разведени бракови во Македонија постојано расте, а вршењето на родителското право по разводот на брак доведува до големи конфликти во праксата, што крајно негативно се одразува врз психосоцијалниот развој на децата по разводот на бракот. Постојното законско решение е едно од најслабите точки во македонското семејно законодавство, а македонскиот законодавец во однос на ова прашање преспа не една, туку две значајни реформи кои се спроведоа во последниве децении во европските земји. Принципот на најдобар интерес на детето не е предвиден како основно начело во Законот за семејството. Од друга страна, најдобриот интерес на детето треба да биде првенствена и највисока грижа на државните органи секогаш кога се одлучува  за правата и интересите на децата, на што укажува и судската пракса во европските земји.

Постојните законски решенија на македонското семејно законодавство во поглед на обезбедување на издршката на децата по разводот на брак доведуваат до определени проблеми во праксата, а на штета на децата, кои во голем број на случаи не ја добиваат егзистенцијалната издршка од родителот со кој не живеат заедно. Постојните законски решенија ги ставаат во неповолна позиција не само децата туку и родителите. Предвидени се санкции за родителот кој не плаќа издршка, кои во основа се состојат од ограничување или забрана на родителот да одржува лични контакти и непосредни односи со детето. Ова решение ги загрозува правата на децата и создава проблеми во правилното одгледување, воспитание и образование на децата. Ова укажува на потребата од примена на моделите и решенијата прифатени во современите европски семејни законодавства во однос на обезбедувањето на издршката на децата во услови кога едниот родител не плаќа издршка. Заедничка карактеристика на сите тие модели за обезбедување е тоа што не се ослободува родителот од обврската за плаќање на издршката, но за да не дојде до застој во плаќањето тоа го прави државна агенција или фонд, кои потоа ги наплатуваат средствата од родителот кој бил должен, но не ја плаќал издршката. Ова укажува на потребата од измени на постојните законски решенија, кои ги ставаат во неповолна позиција не само децата туку и родителите.

Зошто е важно прашањето за бракот да биде разгледано од компаративен аспект?

Компаративниот пристап на институтот „развод на брак” дава можност да се види како е регулирано ова прашање во европските земји и да се донесе заклучок колку доцни нашата земја во хармонизацијата на семејното законодавството со општите трендови на законското регулирање на семејството во европските земји. Во последниве неколку децении, кога во европските законодавства почна да се прифаќа концептот на најдобриот интерес на детето и да добива сè поголемо значење се извршија две значајни реформи во однос на правното регулирање на вршењето на родителското право по разводот на бракот. Со првата реформа се овозможи заедничко вршење на родителското право по разводот на бракот или по разделбата на брачните партнери (joint legal custody). Тенденцијата за продолжување на заедничкото вршење на родителското право и по разводот на бракот, која се прифаќа во сè поголем број европски законодавства, претставува најзначајната трансформација во правното регулирање на брачните и семејните односи во текот на дваесеттиот век. Според оваа концепција, независно што престанал бракот на родителите, тие, во интерес на децата, и натаму продолжуваат рамноправно да го вршат родителското право и да ги донесуваат најзначајните одлуки за детето. За разлика од Македонија, каде што во Законот за семејството нема експлицитна одредба дека родителите и по разводот на брак продолжуваат заеднички и спогодбено да го вршат родителското право, во најголем дел европски законодавства заедничкото вршење на родителското право по развод на брак е основен правен принцип. Втората реформа во вршењето на родителското право по разводот на бракот во европските земји се состои во воведувањето на моделот на поделено родителство по разводот на бракот (joint physical custody). Со овој модел се овозможува детето да поминува подеднакво време или голем дел од времето и во домот на таткото и во домот на мајката. Реформата беше мотивирана од најдобриот интерес на детето, како и од истражувањата кои покажуваа дека најголемите негативни последици од разводот на бракот се состојат во намалувањето или прекинот на активното учество на таткото во процесот на социјализација и психосоцијален развој на детето по разводот на бракот. Оваа реформа беше извршена во Франција, Италија, Велика Британија, Германија, Швајцарија, Холандија, Чешка, во скандинавските држави и во голем број други европски законодавства. Со замена на терминот „родителско право”, кој се употребува во Законот за семејството, со терминот „родителска одговорност”, за што се залагаме ние, би се прифатила новата концепција во остварувањето на родителските задолженија, која се темели пред сè врз обврските и одговорностите на родителите во однос на нивните деца. Тоа значи дека родителите треба да имаат права и овластувања во однос на нивните деца само во онаа мера која е неопходна за остварување на нивните обврски и одговорности во однос на правилното чување и воспитување на децата, односно  ќе се обезбеди поголема свест кај родителите, но и кај пошироката јавност, дека во основа родителството претставува обврска и одговорност што ја имаат родителите за да обезбедат грижа, заштита и правилен развој на личноста на детето. Досегашниот термин „родителско право“ не одговара на суштината на односите помеѓу родителите и децата, кој се состои пред сè во обврските на родителите, поради тоа што имплицира дека родителите имаат само права и дека децата, во извесна смисла, се предмети на правата на родителите. Ова е застарена концепција за родителскиот однос што постоеше кога детето се третираше како „сопственост“ на родителите, кои имаа речиси неограничени овластувања во однос на детето.

Дали оваа книга, покрај теоретскиот, дава и практичен дискурс во делот на примената на македонското законодавство?

Покрај теоретскиот, оваа книга дава и практичен дискурс, кој е  разгледан низ призмата на судските и управните постапки кои се водени по овие прашања. Праксата покажува дека во поголем дел од постапките судот не внимава на начелото на итност и на начелото на судење во разумен рок, имајќи предвид дека одлучува за прашања кои се од интерес на децата, дотолку повеќе што станува збор за посебни парнични постапки во кои начелото на итност е базично начело (за што говорат и одлуките на Европскиот суд за човекови права во кои Македонија ги губи случаите). И покрај тоа што самиот предмет на тужбеното барање укажува на фактот дека се работи за итни постапки во кои судот е овластен, независно од диспозиција на странките да се раководи од принципот на најдобриот интерес на детето, сепак тоа не е случај во пракса.

Книгата „Разводот на брак во европските земји“ од Дејан Мицковиќ и Милица Шутова во книжарницата на Академик

М.В