/ Прочитано:

3.894

Интервју со професорите Коевски и Спасевски: Трговските судови како решение за брзо и ефикасно решавање на трговските спорови

Реформата на правосудството, како дел од документите на Прибе, е дел од приоритетите на Владата. За дел од измените на законите веќе е постигнат консензус и тие се во собраниска процедура. Во најава е „Планот 18“, кој треба да опфати посуштински реформи во правосудството. Деновиве беше публикувано истражувањето од проф. д-р Горан Коевски и проф. д-р Дарко Спасевски со наслов „Трендови во поглед на специјализацијата на судството од областа на трговските спорови”, што е и мотивот за нашиот разговор со нив.

Најпрво, како главно согледување од вашето истражување, дали можете накратко да ни кажете која би била користа за странките доколку нивниот спор е решаван од страна на специјализиран трговски суд?

Проф. д-р Коевски: Со самиот факт дека споровите на странките ќе бидат решавани од страна на специјализирани трговски судови, чии судии поседуваат продлабочени познавања и експертизa од областа на трговското право, односно судии кои постојано се посветени на постапување по предмети од трговското право,  странките во спорот ќе бидат сигурни дека нивниот спор е во рацете на професионалци со соодветно специјализирано знаење. Неспорен е фактот дека, по правило, трговските спорови се спорови со поголема вредност, но што е уште поважно тоа се спорови со сложени правни прашања. Во таа смисла, професионалното насочување на судијата, преку негова специјализација во одредена област, а во овој случај трговското право, е предуслов за квалитетно, ефикасно и брзо судско постапување.

Во вашето истражување правите длабинска анализа на аргументите со кои се определува потребата за формирање на специјализирани трговски судови. Кои од овие аргументи би ги издвоиле како клучни?

Проф. д-р Спасевски: Преку специјализација на судиите се влијае на ефикасноста на процедурата, како и на целокупниот процес на менаџирање со предметите. Понатаму, преку формирање на специјализирани судови се влијае и на растоварување на судовите од општа надлежност со пренесување на дел од предметите. Исто така, специјализацијата на судиите води до донесување на поквалитетни одлуки, особено во сложени предмети кои изискуваат поконкретни знаења. Нивното големо искуство и стручноста ќе доведат до донесување подобри одлуки, што ќе резултира со подобар исход на постапките. Покрај тоа, креирањето на специјализирани судови со посебна јурисдикција (надлежност) ќе доведе до создавање на уедначена судска пракса во дадената област за која е надлежен одреден суд, што, од своја страна, ќе доведе до поголем степен на предвидливост на судските одлуки и до зголемување на довербата во судовите, како и претпоставка за намалување на предмети по жалби.

Кои се светските трендови во поглед на специјализацијата на трговското судство?

Проф. д-р Коевски: Специјализираното трговско судство функционира во голем дел од земјите во светот. Такви се примерите со Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција, Италија, Холандија, Германија  и други. Во голем дел од овие земји се работи за судски институции формирани пред децении, па и векови, на пример Трговскиот суд во Сојузната Држава Делавер во САД (Delaware’s Court of Chancery) е основан во 1792 година, Трговскиот суд (Commercial Court) како специјализирана гранка на судството на (Queen’s Bench Division) на Велика Британија е основан 1895 година, додека пак француските трговски судови се основани уште во средниот век, коишто функционираат во целиот тој период, па сè до денес. Израз за нивната успешност е ефикасноста на судската заштита која можат да ја користат деловните субјекти во овие земји.  Но, она што е особено важно е дека во последните неколку години се формира или во план е да се формира специјализирано трговско судство со меѓународен елемент во Франција Германија, Белгија и Холандија, пред кое постапката би се изведувала во целост на англиски јазик и истовремено се дизајнира посебна постапка која прима елементи од арбитражната постапка. Целта на оваа специјализација на трговското судство е да привлече спорови со странски елемент.

Какви се регионалните искуства во таа насока?

Проф. д-р Спасевски: Посебни специјализирани трговски судови се формирани во Србија, Хрватска и Црна Гора. Трговските судови во овие земји се формирани како специјализирани првостепени судови и специјализирани второстепени трговски судови (Хрватска и Србија). Во овие земји на посебните трговски судови им се доверени широк круг на надлежности поврзани со спорови од статусно трговско право (спорови помеѓу трговското друштво, органите на друштвото и акционерите), спорови од договорното трговско право, односно спорови помеѓу трговци поврзани со нивната дејност, стечајната постапка, постапките за признавање на странски судски одлуки и странски арбитражни одлуки во трговски спорови, постапки по повод на нелојална пазарна конкуренција и монополско однесување, спорови за авторски права и права од интелектуална сопственост итн.

Каква е состојбата во Република Македонија во однос на ова прашање?

Проф. д-р Коевски: Нашата опсервација во истражувањето за случајот на Македонија детектира два периода на развој на судството во оваа правна област, и тоа периодот од 1954 година до 1995 година, кога постојат и успешно работат првостепени трговски (окружни стопански) судови и второстепен трговски (стопански) суд, и периодот по 1995 година, кога овие судови се укинати, а нивните надлежности ги преземаат редовните судови. Се работи за голем број на предмети кои им се доверени на редовните судови. На тој начин, се зголемува нивната оптовареност, што резултира во бавност во постапката. Покрај тоа, се работи за сложени правни предмети, за кои редовното судство не секогаш може да одговори соодветно. Она што се забележува е тоа дека, од една страна, се укинуваат специјализираните трговски судови, но од друга страна македонското правосудство познава специјализирано судство во други правни области (на пример: Управниот суд и Вишиот управен суд). Секогаш останува отворена дилемата за оправданоста за укинувањето на трговското (стопанско) судство со оглед дека укинувањето се случува во временски околности одбележани со транзиција кон пазарна економија, создавање на трговски субјекти по пазарен терк и приватизација на општествениот капитал. Доколку продолжеше  постоењето на специјализираните стопански судови, кои поседуваа соодветна експертиза за постапување по сложени случаи во периодот на транзиција и приватизација, можеби исходот на некои историски процеси ќе беше поинаков.

Кои се вашите совети (или предлози) за насоките во кои треба да се движат реформите на судските институции во оваа правна област?

Проф. д-р Спасевски: Нашето истражување на различните споредбени искуства и голем дел на студии и анализи покажува, а  истовремено ги определува нашите очекувања во насока дека е време за нов трет период на развој на трговското судство во Република Македонија, преку формирање на специјализирани трговски судови во прва и втора инстанца. Оттука, сметаме дека формирањето на специјализиран трговски суд ќе претставува позитивен ефект за целокупното правосудство во Република Македонија и ќе доведе до подобрување на ефикасноста во постапувањето со трговските спорови. Истовремено, во надлежност на специјализираното трговско судство би се префрлиле голем број на предмети од областа на статусното трговско право, вклучително и на инсолвентското право, трговските договори, хартиите од вредност, правата од интелектуална сопственост, па дури и работните спорови во делот на т.н. „менаџерски договори“, со оглед на нивната посебна правна природа, што ќе резултира со растоварување на редовните судови.

M.В