/ Прочитано:

3.614

Интервју со Роберт Атанасов, автор на Прирачникот за заштита од измами и компјутерски криминал

„Измамникот не бира време, место, возраст, род, вера или нација.  Секој граѓанин, без оглед на неговата професија, позиција во општеството, сталеж, моќ или дејност, независно притоа дали станува збор за работник, доктор, менаџер, политичар, државник, пензионер или инспектор, еднакво е во опасност да стане следната жртва на вештиот измамник.“

Повод за денешното интервју со м-р Роберт Атанасов, човек со долгогодишно искуство во областа на економскиот и компјутерскиот криминал, е неговата книга Прирачник за заштита од измами и компјутерски криминал.

Г. Атанасов, што Ве поттикна да ја напишете оваа книга?

Потребата за создавање на овој труд, кој се чини е меѓу првите или единствен од ваков вид во македонската литература, се јави природно, спонтано како резултат на желбата и потребата да се допре до секој граѓанин во државата и да се влијае врз општата колективна свест во насока на подигање на прагот на самозаштита од различните форми на измами кои го повредуваат како поединецот така и колективот во кој функционира поединецот, а тоа е  правното лице  и  секако, општеството.

Па така ова дело произлезе од потребата за заштита на граѓанинот од вештината на измамникот и од неговиот нагон на перфиден начин да одземе и присвои нешто што не е негово. Или, со актуелна терминологија, овој труд претставува своевидна вакцина за создавање имунитет против измами. Секој читател со читањето на ова дело несвесно стекнува барем 50% имунитет во распознавањето на измамниците и во одбрана од нив.

Зошто ПРИРАЧНИК?

Прирачник, затоа што станува збор за дело што е напишано на многу лесен, едноставен начин и дело што секој граѓанин би требало да го има при рака. Читајќи го секое споделено искуство, читателот несвесно би требало да се стекне со имунитет против измами, да стекне способност да го препознае измамникот и на тој начин да се спаси себеси и својот имот од вештиот ум на измамникот.

Кога зборуваме за ова дело, не зборуваме за стручна литература со наведени методи, алатки и  инструменти како да ја заштитите својата компанија од најопасните напади на врвните хакери или програмери кои во своето дејствување се секогаш еден чекор пред вас. Напротив, станува збор за труд којшто на едноставен, интересен начин треба да му овозможи на читателот да го оформи својот карактер, својот начин на размислување и постапување и на тој начин да успее да се заштити себеси, а воедно и да му пркоси на измамникот и измамничките форми што тој ги практикува.

Сведоци сме, особено во последниве две години што ги живееме во ковид-пандемија, дека огромен дел од комуникацијата, активностите, огромен број трансакции, се преселија во виртуелниот свет. Дали треба да се очекува дека и криминалот ќе се пресели во виртуелниот свет? 

Имено, живееме во дигитална ера, во која речиси секое бебе од 3 месеци па сè до старец во поодмината старост, сакал или не, секојдневно е со компјутерот в рака, односно речиси и да нема граѓанин што не користи паметен телефон, кој не претставува ништо друго туку компјутер.

Притоа колку што повеќе ги користиме електронските уреди, толку повеќе се јавува опасноста од нивна злоупотреба. Секоја работа во нашето секојдневје има позитивни и лоши страни. Позитивните страни од користењето на електронските уреди е олеснетото вршење на дневните обврски, активности и задачи, негативната страна е што многу лесно истите тие работи можат да станат предмет на злоупотреба и измама, така што се нанесува штета на секој корисник на кого му е злоупотребено неговото право наспроти неговата волја.

Дали да очекуваме нешто ново од Вас во иднина?

Да, во тек е изготвување и на второ издание кое ќе ги содржи сите нови облици на измами и вештини како да се заштитиме од новите форми на измами, со кои се служи вештиот измамник.

„Зад секој имот или финансии, стојат непроспиени ноќи, љубов, идеи, соништа, труд и емоции и секако дека одземањето на дел од вашиот имот или вашите финансии, значи крадење на она што сте го создавале со денови, ноќи, со сни и верувања и токму затоа противправното крадење на вашиот имот или вашите финансии значи и крадење на вашите соништа и вашиот труд и токму поради тоа ќе страдаат вашата душа и вашето срце.“