/ Прочитано:

2.007

Интервју со Валентин Пепељугоски и Ана Пепељугоска-Костовска, автори на новата книга „Коментар на Законот против нелојалната конкуренција“

„Коментар на Законот против нелојалната конкуренција со селектирани одредби од Уставот, Законот за заштита на потрошувачите, Законот за индустриската сопственост и Кривичниот законик“ е новата книга во издание на Академик. Автори на книгата се адвокатите Валентин Пепељугоски и Ана Пепељугоска-Костовска.

„Идејата на авторите за оваа збирка на прописи од областа на нелојалната конкуренција и посебно Коментарот на Законот против нелојалната конкуренција се роди пред многу години, за време на водењето на еден судски спор, кога и судечкиот судија и адвокатите на двете страни констатираа дека во нашата држава недостасува литература од оваа област“, истакнуваат авторите на книгата, додавајќи дека прашањето за конкуренцијата, и во таа смисла и прашањето за нелојалната конкуренција, е од исклучителна важност за општеството во целина.

Оваа книга, посочуваат авторите, несомнено е голем придонес за македонската правна литература и е особено корисна за пошироката и стручната јавност.

Колку е актуелно и значајно прашањето за нелојалната конкуренција од аспект на правната и економската практика, но и од научен аспект?

Конкуренцијата е најзначајната карактеристика на пазарното стопанство и има големи импликации во економскиот и правниот систем. Оваа дисциплина во последните децении добива големо значење од научен аспект и можеме да кажеме дека правото на конкуренција речиси насекаде е присутно како посебна правна дисциплина која се изучува на најпрестижните факултети во светот а полека и сигурно и кај нас. Правото на нелојална конкуренција претставува дополнителна заштита на правото на индустриска сопственост, особено на правото на трговската марка, затоа може да се каже дека е составен дел на режимот на правото на индустриска сопственост. Инаку, во праксата секојдневно сме сведоци на „борбата“ на претпријатијата со цел да освојат поголем дел од колачот во својата сфера, односно „својот пазар“. Ние како граѓани и потрошувачи и не сме запознаени што сѐ се случува зад завесата, какви борби се водат, какви игри се водат со цел компаниите да продадат повеќе производи/услуги. Многу често таа борба не е фер, односно излегува од законските граници. Од друга страна, како потрошувачи, секојдневно сме „бомбардирани“ со рекламни пораки кои се заведувачки, несолидни, па дури и лажни. За жал, потрошувачите како најслаба алка ретко се одлучуваат да си ги заштитат своите права кога ќе бидат заведени/измамени.

Кои теми ги опфаќа вашиот труд и зошто е корисен за правната практика, но и воопшто за пошироката и стручната јавност?

 Коментарот на Законот против нелојалната конкуренција всушност е теоретска, но и практична расправа за законските одредби, преку компаративна анализа на македонското право со оние на земјите членки на ЕУ и на регионот. Истовремено, трудот изобилува со судска и административна пракса на судовите во нашата држава, но во него се поместени и странски судски пресуди. Се разбира, дадени се и контроверзни одлуки, кои се коментирани од теоретски аспект со цел да придонесеме за подобрување на судската пракса. Во публикацијата ги поместивме и одредбите на другите закони кои се однесуваат на нелојалната конкуренција, тргнувајќи од Уставот на РСМ, Законот за заштита на потрошувачите, Законот за индустриската сопственост и Кривичниот законик. Истовремено, посебно значење како за практичарите така и за теоретичарите претставуваат врските на членовите од Законот против нелојалната конкуренција со членовите од меѓународните конвенции и договори, законодавството на ЕУ и со домашните прописи кои се однесуваат на нелојалната конкуренција. Тргнуваме од објаснувањето на генералната/општата одредба кои услови треба да се исполнат за некое дејствие да се смета за забрането дејствие на нелојална конкуренција, за потоа да ги разработиме преку примери дадените посебни дејствија на нелојална конкуренција, и тоа: невистинити изјави, упатување на директни продажби, куповни дозволи, количински ограничени понуди, споредување на цените, специјални продажби и специјални понуди, продажба на предмети од стечајна маса, посебни распродажби на залихите, омаловажување и заштита на трговските белези. Овој закон е напишан на специфичен номотехнички начин и со него се предвидени и забранети дејствија кои се сметаат за кривични дела, надвор од оние предвидени во Кривичниот законик. Имено, во нашиот коментар ние ги обработуваме и овие дејствија и даваме примери од нашата пракса. Посебно се задржуваме на давањето и примањето поткуп за целите на конкуренцијата, продажбата по системот лавина, невистинитите изјави, неовластеното користење на туѓа техничка документација, омаловажувањето за целите на конкуренцијата. Се разбира, посебно место ѝ посветуваме на судската заштита поради тоа што и овој коментар е првенствено наменет за правните професионалци (адвокати, судии, обвинители, правобранители и сл.). Во овој дел ги обработуваме видовите тужби кои можат да се поднесат при повреда од нелојална конкуренција, барањето за издавање на привремени мерки и сл. Особено значаен е делот за можноста за раскинување на договорот, како за конкурентите така и за потрошувачите.

Во таа смисла, кои се клучните согледувања во вашиот труд?

Се работи за закон кој е „прилично стар“, а, замислете, не е менуван и дополнуван. Но тоа не значи дека тој не е усогласен со меѓународните конвенции и договори од оваа сфера и со регулативите и директивите на ЕУ. Ние сме среќни што во нашиот систем постојат и вакви универзални закони и закони кои опстојуваат на времето и технолошките и општествени промени. Меѓутоа, ние сметаме дека овој закон малку се користи како од потрошувачите и нивните здруженија така и од фирмите и нивните правни советници. Сметаме дека правните професионалци можат и мораат повеќе да ги користат можностите што ги нуди овој закон, а и ние со пишувањето на овој коментар се обидуваме да го поттикнеме тоа, но и да „му вдахнеме нов живот“ на законот. Со тоа ќе се збогати и  нашата судска пракса и ќе стане комплементарна со онаа на земјите членки на ЕУ.

НОВО ОД АКАДЕМИК: Коментар на Законот против нелојалната конкуренција од Валентин Пепељугоски и Ана Пепељугоска-Костовска

M.В