/ Прочитано:

3.548

Интервју за љубовта кон правото со тимот адвокати од „Георги Димитров адвокати“

За љубовта кон правото разговараме со адвокатите Катарина Гиноска, Јане Илијески, Марија Јанкулоска и Надица Димовска, партнери и адвокати во Адвокатското друштво „Георги Димитров адвокати“ од Скопје.

Како е да се работи во адвокатско друштво во кое љубовта кон правото е клучниот мотив за вршење на адвокатската професија?

„Ако работиш во ‘правото’ адвокатско друштво, очекувај интересни предмети, со супер клиенти, кои ќе разберат дека си важен, односно клучен партнер во нивната борба. Кога ќе добиеш шанса да работиш предмет, од тој момент па сѐ до крајот (каков и да е), не ти излегува предметот од глава: какви докази да презентираш, каков е противникот и каков ќе биде твојот следен стратешки чекор.

Наутро, кога одиш на работа, едвај чекаш да стигнеш да се видиш со своите колеги, со кои имаш од жестоки дебати за правни институти или состојби до конструктивни разговори и размена на идеи, па сѐ до заедничка возбуда ‘Медена земја’ да освои два Оскари“, вели адвокатката Катарина Гиноска.

„Уживање. Просечното неделно време поминато со колегите со кои работите е речиси еднакво како и просечното неделно време поминато дома и со пријателите, па опкружувањето во текот на работниот ден е еден од клучните аспекти за среќа. Моето искуство покажа дека добрата работна атмосфера и интересите кои ги делите со колегите помагаат во отворање на патот кон успех во кариерата“, вели адвокатката Надица Димовска.

„Сметам дека работното опкружување е еден од клучните фактори кои директно влијаат на ентузијазмот, на енергијата и на посветеноста при извршувањето на работните задачи. Да се работи во средина која се состои од тим на високомотивирани адвокати, целосно посветени и со изразена љубов кон правото и кон адвокатската професија претставува задоволство за секој поединец кој одлучил својата кариера да ја развива во областа на адвокатурата. Позитивните резултати кои произлегуваат од работата, како на поединците така и на целото адвокатско друштво, имаат особено влијание на мотивацијата на тимот за постигнување на нови успеси“, истакнува адвокатот Јане Илијески.

„Да се работи во таква средина е пред сѐ инспиративно – ве тера да сте посветени и сѐ подобри со секој нов предмет. Атмосферата е пријателска и кооперативна, сите се еден тим кој работи за доброто на клиентот. Тоа придонесува да не се чувствувате дека ‘одите на работа’, туку дека сте дел од една креативна работилница со нови предизвици секој ден“, вели адвокатката Марија Јанкулоска.

Дали е важна љубовта кон правото за да се биде добар правник и зошто?

„Не ти се исплати да бидеш правник ако не го сакаш правото. Ако немаш мотивација да читаш, да истражуваш, ако немаш око за детали, ако не се обидуваш секоја законска одредба да ја свртиш во корист на својот клиент, но и храбро да го направиш тешкиот разговор со клиентот дека не е во ‘право’, нема да бидеш добар адвокат“, нагласува Катарина Гиноска.

„Би рекла дека ова важи за која било професија. Сметам дека секогаш ќе бидеме подобри во она што го правиме доколку навистина го сакаме истото, но секако љубовта не е доволна. Да се вратиме на правото. Да се биде правник, да се стане успешен и добар адвокат значи многу работа и многу посветеност. Мора да имате предвид дека вашата професија ќе завладее со голем дел од вашето време и ќе посветите многу енергија. Оттука, доколку сето ова го правите со љубов, вашата цел ќе ја постигнете многу полесно и насмеани“, истакнува Надица Димовска.

„Апсолутно. Морам да кажам дека правната професија, особено адвокатурата, бара континуирано учење, читање, надградување и подготовки за предизвиците и задачите со кои како правници и адвокати секојдневно се соочуваме, а кои воопшто не се во мал број. Оттука, сметам дека љубовта кон правото е основен предуслов за еден правник да може успешно да одржува чекор со овие процеси“, посочува Јане Илијески.

„Не знам дали би рекла ‘љубовта’ кон правото, можеби повеќе разбирањето и почитувањето на правните принципи и целите на прописите. Правото е логичка категорија каде што емоциите (треба да) играат мала улога. Само ако длабински ја разбирате целта на нормите, можете да развиете вистински интерес и правилен пристап кон нивната примена“, вели Марија Јанкулоска.

Во таа насока, кои се вашите совети за идните генерации правници?

„Читај, истражувај, биди трпелив и упорен. Одговорите се некогаш во самиот пат до одговорот, помеѓу текстот или во фуснотите. Кога си млад адвокат, девизата треба да ти биде: џабе читај, џабе не седи, a кога си искусен адвокат: џабе не читај, добро наплати“, вели Катарина Гиноска.

„Студирајте право доколку навистина го сакате тоа. Работата во правосудниот систем е вистински предизвик, затоа изберете мудро. Вежбајте – тренингот за телото и тренингот за умот нека ви бидат дел од секојдневието. Читајте зашто читањето е фитнес за умот, а верувајте ‘sharp mind’  ќе биде вашата основна алатка.

Нема трикови, нема тајни, само многу работа. Важно е секогаш да бидете подготвени и кога ќе ја погледнете собата или судницата полна со правници, да знаете дека ништо не може да ве изненади“, Надица Димовска.

„Иако е исклучително важна, љубовта кон правото сама по себе не е доволна за да се стане успешен правник. На идните генерации правници би им порачал да ги искористат сите можности за практична работа и професионално дооформување, да учествуваат на што е можно повеќе обуки, тренинзи и настани од областа на правото и правната професија кои им се достапни надвор од универзитетските клупи. На овој начин младите правници ќе се стекнат со знаења, искуства и предности кои ќе им бидат од корист како при неизбежното соочување со конкуренцијата на пазарот на труд, така и во понатамошниот кариерен развој“, вели Јане Илијески.

„Пред сѐ, не залажувајте се себеси: одберете ја оваа професија само ако навистина ви лежи на карактерот и на сензибилитетот. Второ, искористете ги годините на факултет максимално – поставувајте прашања, ЧИТАЈТЕ СÈ, ЧИТАЈТЕ МНОГУ и следете ги општествените случувања од сите области. Темелната теоретска подготовка е страшно важна. На крај, бегајте од пристапот ‘однапред изгубен предмет’, тоа само ќе ви ги лимитира потенцијалите“, истакнува Марија Јанкулоска.


Февруари во Академик