/ Прочитано:

1.527

Инвестирање во најдобрите, а не постојани проверки и оценки! — Маја Вељанова, заменик на студентскиот правобранител од Правниот факултет „Јустинијан Први“

Мојата водилка е храброста на Сократ и Платон, а врвен идеал ми е чувството за праведност и во време кога слободата на говор е уставно загарантирана категорија, темелна вредност, а нејзина сестра е забраната за цензура, јас не се плашам да имам свој став!

Уште од времето на Сократовиот ученик, Аристокле (за нас познат како Платон), во светски познатото дело ,,Критон”, е начната идејата дека со државата треба да владеат најмудрите, односно филозофите. Верниот ученик на Сократ, кој будно ги следел стапките на својот учител сè до неговата смрт, во делото ,,Држава” го дава својот модел на идеална држава, поистоветувајќи ја неа со хармонија на космосот. Во истоименото дело зборува за праведноста, која за него значи дека секоја класа треба да си ја врши својата улога и ниту едната да не се меша во работата на другата за да не дојде до она што тој го нарекува ,,неправедно”. ,,Оние кои владеат треба да се избрани според личните квалитети, а не според богатството”. Ова се ставови кои биле изнесени пред неколку илјадници години. Ставови кои само храбрите умееле да ги искажат, не плашејќи се за последиците и плаќајќи ја високата цена на ризикот со својот живот. Во тоа време, власта се плашела од храбрите, а желбата за отпор била уште поголема. Неистомислениците на власта цврсто ги бранеле своите ставови, велејќи дека ако ги променат, ќе се побијат сами себе и ќе го погазат она на што ги подучувале своите ученици. Така Сократ се одлучил на смрт, наместо бегство и остана запаметен во историјата.

Мојата модифицирана максима, соодветно на општествено-економските промени, на Платоновата максима ,,со државата треба да владеат филозофите” е  – со државата треба да владеат најинтелигентните. Паралелно на ставот на Платон дека ,,оние кои владеат треба да бидат избрани по квалитет, а не според богатство”, велам дека треба да се вработува според квалитет, а не според членство во политичка партија. Последиците од тоа можеби не се видливи на краток рок, но на долг рок ќе се осетат последиците од вработување на некомпетентни лица. Не залудно учиме како треба да биде, за потоа да процениме како е и селективно да го отстраниме она што не треба да биде така, односно да го промениме.

Инспирирана од тековните случувања, прогнозирам дека одлуките поткрепени на краткорочно истражување (да не речам воопшто неистражени) во најчувствителните сфери, алудирам на високото образование, нема да го подобрат квалитетот на високото образование, ниту пак ќе ја влошат состојбата, туку за неколку години при оцена на квалитетот на високото образование ќе се соочиме со состојбата ,,статус кво анте”. Зошто? Со донесувањето на Законот, односно со инкорпорирање на реформите во Законот, и покрај најавите за непослушност во иднина од страна на граѓаните, тој ќе мора да се почитува, да се спроведува, а студентите ќе го полагаат државниот испит, секако, оние кои ќе бидат опфатени со неговото дејство, бидејќи И ЛОШИОТ ЗАКОН Е СЕПАК ЗАКОН. Понатаму, доколку Законот биде даден пред Уставниот суд на Република Македонија, поради повреда на автономијата на универзитетите, претпоставувам дека Судот ќе се произнесе со став дека таква повреда не постои бидејќи државниот испит ќе биде спроведен од страна на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, а должност на Одборот е оцена и обезбедување на квалитетот на високото образование (глава седум од Законот за високо образование: Обезбедување и оцена на квалитетот на високото образование). Оттука, Уставниот суд ќе се повика на член 67, став 1, алинеја 3 од ЗВО [кој гласи: чл. 67 Системот на обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование опфаќа: -други активности и механизми преку кои се развива и одржува квалитетот на високото образование утврдени со закон и актите на телата што го оценуваат квалитетот на високото образование. (алинеја 3)], велејќи дека државниот испит е еден од механизмите со кои ќе се развие, односно ќе се подобри квалитетот на високото образование. Ниту најавите за намалување на членовите во Одборот за акредитација и евалуација на високото образование не е случаен. Во согласност со член 69 од ЗВО во Одборот членуваат петнаесет членови, од кои: седум од редот на професорите избрани од Ректорската конференција со соодветна застапеност на универзитетите; два члена од Македонската академија на науките и уметностите и шест члена именувани од Владата на Република Македонија, од кои најмалку половина се од редот на професорите. Мојата логика говори дека според последните најави дека Одборот ќе биде составен од девет члена, последната група од шест члена именувани од Владата ќе биде оставена во историјата (или барем ќе се намали), за телото да биде понезависно. Да се навратам на состојбата ,,статус кво анте”. Кога ќе дојде редот да се оценат ,,резултатите” од реформата, ќе се забележи фингиран раст на квалитетот во високото образование, а реалната оцена ќе биде состојба иста како претходната (статус кво анте). Тука повторно ќе го поставам прашањето: Зошто? Бидејќи не може пет прашања да бидат врвен критериум за задоволување на минимумот знаење кое треба да го поседува еден студент (секој професор ќе ги прави прашањата за својот предмет поединечно бидејќи има различна литература). Мене ова ми наликува на ,,двојно оданочување” на студентите, односно интерна процена дека постои минимално знаење кај студентот по претходно добиената оцена од истиот професор. Или можеби ќе се оценува професорот сам себеси дали тој навистина проценил дека студентот поседува минимум знаење по неговиот предмет, иако добил десетка (смешно и апсурдно истовремено)? Во време кога информацијата е најсилното оружје на 21-от век, со кое со поседување на повеќе информации си поконкурентен на пазарот, се предлага знаењето да биде оценето преку пет прашања! Која е гаранцијата дека студентот ќе ги поседува тие информации во својот мозок по десетина години од положување на државниот испит? Како ќе се докаже тоа? Па, еве, предлог за следна совршена реформа: ревизија на дипломата на секои десет години! Па, капацитетот на мозокот не е неограничен! Мозокот при примање на нови информации брише дел од старите. Така, не се сеќаваме на првиот мајчин поглед на кој ниту еден од нас не се сеќава… Тоа го тврдат еминентни личности, научници кои своите резултати ги поткрепуваат со низа долгогодишни анализи. Ама што ќе ни се нас тврдења на научници од преку океаните? Кај нас се прогнозира дека вечно ќе ги паметиме одговорите на прашањата за секогаш да бидеме сведоци дека минималното знаење го поседува секој од нас што го има положено државниот испит!

Кога Владата на Република Македонија ќе излезе со физибилити студија и исцрпна анализа за недостатоците во високото образование, поткрепена со дебати, резултати врз основа на логички параметри, тогаш (се надевам дека) ќе сфатат сите оние кои се ,,ЗА” државен испит, дека испитот не е лекот за вирусот што му е дијагностициран на високото образование. Симптомите на вирусот ги има уште од многу одамна.

Најодговорно тврдам дека подобрувањето на квалитетот на високото образование е долготраен процес. Процес во кој треба да се искорнат корените на непотизмот, партиските книшки и корупцијата и да ги испратиме во историјата. Вратете го стариот начин на полагање на правосудниот испит бидејќи сега наликува на квиз. Наместо да се оценува знаењето со државен испит, нека се задржат најдобрите студенти (па макар и само еден од секоја генерација) како соработници, нека се инвестира во нив, нека им се плати партиципацијата за мастер студии, потоа и докторатот, а дополнително да бидат наградени со надомест за секој објавен научен труд со импакт-фактор (тоа е практика во другите земји, така се стимулира мотивот за истражување и пишување). Нека се распределат во основно, средно и високо образование (ова ако биде случај, ќе треба по повеќемина да се задржуваат во секоја генерација). Така нема да има потреба од Академија за наставници бидејќи најквалитетните ќе бидат инкорпорирани во сите сфери на образованието, не само во високото образование. Ќе биде решен и проблемот со необјавени научни трудови со импакт-фактор бидејќи тоа нема да се бара од оние (не генерализирам, секоја чест на исклучоците, бидејќи навистина ги има) кои имаат минимално знаење и со помош на партиска книшка дошле до решение за вработување, туку тоа ќе го прават оние кои во текот на студирањето континуирано пројавувале интерес за збогатување на знаењето и го истакнале степенот на желба за истражување. Со ваква мерка не само што ќе се подобри квалитетот на високото образование, туку ќе се подобри квалитетот на образованието од најниската, до највисоката инстанца. Со инвестирање во најдобрите ќе се постигне посакуваниот резултат, а не со постојани проверки и оцени! Направете квалитетна промена за да бидете запаметени! Тоа е патот до подобрување на квалитетот на високото образование.

Мојата водилка е храброста на Сократ и Платон, а врвен идеал ми е чувството за праведност и во време кога слободата на говор е уставно загарантирана категорија, темелна вредност, а нејзина сестра е забраната за цензура, јас не се плашам да имам свој став!

ЗА АКАДЕМИК: Mаја Вељанова,  заменик на студентскиот правобранител од Правниот факултет „Јустинијан Први“ и студент во трета година на Правни студии

* Текстот е личен став на авторот. Објавено: 08.01.2015