ИНВЕСТИРАЊЕТО ВО ПРАВНИТЕ ТАЛЕНТИ НОСИ УСПЕХ НА ДОЛГ РОК
Правните консултанти во компаниите се фактор за успешното деловно-правно работење на компаниите, па денес во бизнис-секторот е тренд да се вработуваат повеќе правници затоа што тоа говори многу за угледот и за сериозниот пристап на компанијата, беше нагласено на Меѓународната правна конференција „Управување со правни ризици: правни трендови“.
На четвртата по ред Конференција за управување со правни ризици, Карл Остринг, главен правен застапник и инвестициски менаџер во „АБ Тракшн“, говореше за тоа што претставува современиот правен застапник и каква е неговата улога во компаниите.
За Остринг, улогата на правните консултанти во компаниите е фактор за успешното деловно-правно работење. Во таа смисла, рече Остринг, потребно е компаниите да вработат правен консултант внатре во самата компанија бидејќи на тој начин многу полесно ќе се менаџира компанијата, особено во поглед на управувањето со правните ризици.
„Претпочитам компаниите да имаат внатрешен правен советник. Сега во Шведска е тренд да се ангажира надворешен експерт од областа на правото само за специјализирани области. Како внатрешен правен советник во инвестициската компанија во која работам, постојано сум на терен за точно да знам во што инвестира компанијата. Внатрешниот правен советник во една компанија располага со сите информации кои се потребни за склучување зделки“, истакна Остринг.
На најголемиот правен настан во регионот, за правните технологии говореше консултантот Џереми Хопкинс од британската „Клеркингвел консалтинг“, експерт со долгогодишно искуство во управувањето, со правна практика во водечките адвокатски трговски комори, правни фирми и компании.
Правниците, рече Хопкинс, не ја сакале технологијата отсекогаш, но времињата се променети и таа сега е составен дел од правото. Правната технологија денес подразбира и ефикасност на една компанија, и на ова прашање особен акцент му се даде по финансиската криза, кога се промени еден корпоративен модел на размислување.
„Денес фирмите, посебно познатите светски брендови, вработуваат многу адвокати и правници. Тоа не значи дека веќе постојните адвокати и правници не се добри, туку, напротив, ангажирањето на повеќе адвокати и правници говори за самата фирма, за нејзината сериозност и за деловната посветеност“, рече Хопкинс, додавајќи дека многу прашања можат да се решат поефикасно со технологијата, но дека секогаш за успех посебен акцент се става на правничките вештини и знаење.
Познатата словенечка адвокатка д-р Маја Менард на Конференцијата говореше за тоа како најдобрите таленти од правната фела да станат дел од најважните правни процеси.
За да можете да развиете правен талент, прво треба да го пронајдете и да го препознаете, а за да го постигнете тоа, прво вие самите треба да поседувате правен талент. Моето мото е: квалитетот пред квантитетот“, истакна Менард.
Словенечката адвокатка подвлече дека работата со правните таленти бара многу енергија и посветеност. Таа нагласи дека многу важно за градењето на еден тим од талентирани правници и адвокати е тие да бидат вклучени во покомплицирани процеси, со што би се стекнале со практично искуство, но и да имаат континуирана едукација, како што е учеството на обуки и конференции.
„Треба да знаете што точно ѝ е потребно на вашата компанија, треба да знаете што точно барате. Не треба да се ангажираат постојано само млади луѓе. Нашата компанија вработува и постар, но многу постручен кадар со искуство кое младите сè уште го немаат стекнато.
На утрешниот втор ден од Меѓународната конференција ќе говорат Михаела Алберг, „Телиасонера“ – Стокхолм, Шведска; Гербен Абинк, „Тинкертравел“ – Амстердам, Холандија; Маријана Винтијадис, управувачки директор во „Крол“ – Милано, Италија; Филип Пенсол, управувачки партнер на париската канцеларија на Адвокатското друштво „Квин Емануел“, Париз, Франција; академик д-р Жан Митрев, Специјална болница „Филип Втори“ и Константинос Корнилакис, од „Кументакис и адвокати“ – Солун, Грција.