/ Прочитано:

1.596

ИРЕНА БРЗАНОВА ЗА ПРИМЕНАТА НА НОВИОТ ЗОУП: Преку обука на службениците до ефективно и ефикасно водење на управните постапки

Претседателката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Ирена Брзанова, ќе биде предавач на обуката на Академик за првичните искуства од примената на новиот Закон за општата управна постапка. Брзанова во своето излагање ќе ги опфати темите во врска со: комуникацијата меѓу органите и странките, управната соработка, правната помош, изведувањето докази по службена должност и текот на жалбената постапка од иницирање до завршување.

????????????????????????????????????

По само месец и половина од примената на новиот Закон за општата управна постапка, прерано е да се изгради мислење или да се сподели искуство на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен за постапувањето на првостепените органи по новите одредби кои ја регулираат управната постапка, вели претседателката на Државната комисија, Ирена Брзанова.

Во моментов, до Државната комисија се доставени многу мал број жалби по предмети за кои постапките се започнати во согласност со новиот Закон, но од комуникацијата со органите, вели Брзанова, може да се забележи дека тие имаат недоумици во врска со примената на одредени одредби од новата законска регулатива.

И покрај тоа што според новиот Закон граѓаните имаат можност директно да вложат жалба до второстепените органи, сепак тие не се доволно запознаени со тоа право и се држат до праксата од претходниот систем, според кој жалбите се доставуваа посредно, односно преку првостепениот орган. Сепак, ова не значи дека постапката дополнително ќе се одолжи бидејќи според новиот Закон утврдени се рокови во кои се обврзани да постапат првостепените органи, иако во минатото имало случаи и на чување предмети во фиока, а доколку не бидат испочитувани роковите, следуваат и санкции.

„Службените лица кои ги водат постапките сега се должни по службена должност да ги прибираат податоците и доказите за кои службена евиденција води или органот кој решава по барањето на странката или друг јавен орган. Со тоа постапката ќе се одвива побрзо пред првостепените органи, но само доколку странката е согласна нејзините лични податоци да бидат употребени за да може органот да ги прибави потребните докази. Доколку странката не се согласува, таа сама ќе треба да ги прибави и да ги достави потребните докази и податоци“, појаснува Брзанова.

„Специфичност при постапувањето на Државната комисија по предметите е разгледувањето на наводите во жалбата и нивната основаност. Често се случува странките кога се чувствуваат обесправени и кога вложуваат жалба со која го спорат актот,  во жалбата да ги изнесат само своите субјективни гледања на работите, без да наведат конкретна причина за тоа, поткрепени со релевантен доказ. Просто кажано, сметаат дека определено право им припаѓа и затоа го спорат конкретниот управен акт. Но, и покрај тоа што тие во жалбата не се осврнуваат на конкретна повреда на постапката или материјалниот пропис, Државната комисија по службена должност преиспитува дали постапката што му претходела на управниот акт е спроведена правилно и дали управниот акт е правилен и заснован на  закон “, вели Брзанова.

Она што е најважно за странките е жалбата да ја поднесат во законски предвидениот рок, вели Брзанова, бидејќи доколку рокот не биде запазен, жалбата се отфрла како ненавремена. Од досегашното искуство, охрабрувачки за граѓаните е тоа дека голем процент од изјавените жалби се основани (над 30 %), но не само поради пропуст во управната постапка, туку и поради погрешна примена на некој материјален пропис.

Во продолжение проследете го целосното интервју со претседателката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Ирена Брзанова, која ќе биде предавач на обуката на Академик за првичните искуства од примената на новиот Закон за општата управна постапка.

Во последното интервју за Академик зборувавте за промените што ќе ги донесе новиот ЗОУП. Какви се првичните искуства и кои се проблематичните прашања од неговата примена?

Новиот Закон за општата управна постапка целосно влезе во примена кон крајот на јули 2016 година, што значи дека е во примена само месец и половина. Овој период е прекраток за да можеме да изградиме мислење или да го споделиме искуството од неговата примена, посебно што малку од предметите што се доставени кај нас по жалба се водени по новиот Закон за општата управна постапка.

Она што со сигурност можам да го споделам како искуство е дека тешко се менуваат навиките стекнати со старата регулатива за управните постапки, од аспект на изјавувањето на жалбите. Иако со новиот ЗОУП на странките им е дадена можност да ја изјавуваат жалбата ДИРЕКТНО до второстепениот орган, тие остануваат на праксата од старата регулатива да ја изјавуваат жалбата ПОСРЕДНО преку првостепениот до второстепениот орган.

????????????????????????????????????

Дали од досегашната примена на ЗОУП може да каже дека се исполнуваат очекувањата за скратување на постапката?

Како што веќе споменав погоре, новиот ЗОУП се применува многу кратко време, а Државната комисија како второстепен орган во моментов сѐ уште во најголем дел решава предмети водени по стариот Закон за општата управна постапка.

И покрај тоа, сметам дека очекувањата за скратување на постапката ќе се покажат како оправдани, пред сè поради предвидените законските решенија кои диктираат кратки рокови и строги правила на постапување, како на првостепените така и на второстепените органи.

Како новини кои ќе придонесат за скратување на времетраењето на постапките би ги издвоила:

– обврската на органите за задолжителна електронска комуникација меѓу нив;

– обврската на органите за изведување на доказите по службена должност, каде што службеното лице е должно по службена должност по електронски пат да ги прибави релевантните докази и податоци за фактите за кои службена евиденција води некој јавен орган.

Дали е зголемена работата на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. На што најмногу се однесуваат постапките кои доаѓаат до Комисијата?

Државната комисија одржува еден континуитет во работењето, што може да се забележи од годишните извештаи кои се доставуваат до Собранието на Република Македонија. Годишно, Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен постапува по околу 6 000 предмети.

????????????????????????????????????

Надлежноста за одлучување на Државната комисија во втор степен е утврдена во многу материјални закони, но најбројни се постапките по жалби за правата од пензиско и инвалидско осигурување, постапките по жалби против акти со кои решава за приватизација на земјиште, отуѓување на градежно земјиште, постапките за субвенционирање на проекти од културата, субвенционирање на туризмот, постапките по жалби за доделување на стипендии на ученици и студенти, постапките за добивање на дозволи за превоз, како и постапките по приговори од работен однос за вработени во јавниот сектор кои немаат статус на државни службеници.

Дали постои намалување на притисокот во поглед на обемот на области по кои постапувате и дали можете да го зголемите квалитетот на решенијата кои ги донесувате?

Големиот број на области во кои е надлежна да решава Државната комисија, како и големиот број на предмети кои секојдневно се доставуваат до нашата институција, секако дека претставуваат своевиден притисок за решавање на што поголем број предмети во законски предвидениот рок. Но, самиот факт што пред нашата институција странките – правните и физичките лица, бараат заштита на своите права, за кои сметаат дека им се повредени, односно оневозможени, бара сериозен и одговорен пристап кон секој од предметите.

Сметаме дека квалитетот на актите на Државната комисија е на солидно ниво, особено што при одлучувањето Државната комисија ги преиспитува жалбените наводи, но постапува и по службена должност и максимално внимава на примената на формално-правните и на материјално-правните прописи. Доколку со одлуката на Државната комисија се уважува жалбата, а се поништува акт на првостепен орган, детално се образложува во што се состои причината за поништување на актот и се даваат конкретни насоки/упатства за тоа што е потребно да биде преземено од страна на првостепениот орган во повторната постапка за да се реши правилно правната работа.

Сепак, работата на Државната комисија се преиспитува пред судските органи, за управните постапки пред Управниот суд, а за работните односи пред надлежните основни судови. Бројот на заведени тужби, уважени тужби, односно поништени решенија на Државната комисија е релевантен показател за квалитетот на нашите одлуки. За илустрација, заклучно со 31.12.2015 година, против решенијата на Државната комисија донесени во 2015 година (над 5 500 решенија), евидентирани се вкупно 527 тужби.

Колку од жалбите се основани и дали државните органи соодветно го применуваат Законот или им е потребна дополнителна обука?

Од искуството што досега го имавме со примената на стариот Закон за општа управна постапка, може да се забележи  дека голем процент од изјавените жалби се основани (над 30 %), но не само поради пропуст во управната постапка, туку и поради погрешна примена на материјалното право.

Гледано од аспект на второстепен орган, а имајќи го предвид нашето искуство со првостепените органи, може да се заклучи дека во основа има подобрување во водењето на управните постапки пред првостепените органи. Но, со оглед на крупните измени во новиот ЗОУП, сметам дека повеќе од потребни се дополнителни обуки на службениците, сеопфатни, со практични примери и вежби. На тој начин многу полесно ќе се придвижиме кон реализација на целта на новиот Закон за општа управна постапка – ефективно и ефикасно водење на управните постапки.

Кои ќе бидат вашите главни точки на предавањето на обуката на Академик?

Моето излагање на обуката која ќе се одржи на 29.9.2016 година е на тема „Ефективно и ефикасно водење на управните постапки со практични примери“.

Во излагањето ќе бидат опфатени повеќе точки, за кои сметам дека треба да бидат разработени, особено што во нив се направени измени со новата регулатива на управните постапки.

Поконкретно, тоа се следните теми:

– Комуникација меѓу органите и странките

– Управна соработка

– Правна помош

– Изведување докази по службена должност

– Тек на жалбената постапка од иницирање до завршување.

АКАДЕМИК ОБУКА: Првични искуства од примената на новиот Закон за општата управна постапка