/ Прочитано:

16.373

Исплата на регрес за годишен одмор

Исплатата на регресот за годишен одмор воспоставена со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството е задолжителна за работниците и треба да се реализира до крајот на годината, велат од Сојузот на синдикатите на Македонија.

akad 4

Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачите,  со потпишувањето на Спогодбата за измени и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството, во 2013 година го уредија правото на регрес за годишен одмор за вработените во приватниот сектор.

Регресот за годишен одмор е право воспоставено по пат на дијалог помеѓу претставниците на работниците, во конкретниот случај Сојузот на синдикатите на Македонија,  и од претставниците на работодавачите – ОРМ, и со оглед на тоа што се работи за право уредено спогодбено со потпишување на колективен договор, очекувано е работодавачите целосно да ја исполнат обврската која доброволно ја презеле.

Во согласност со членот 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството, регресот  за годишен одмор се исплатува во  висина  од најмалку  40 % од основицата,  под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач.

Основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето-плата по работник во Република Македонија исплатена во последните три месеци.

Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач  може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор.

Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината. Износот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата.

Со Спогодбата за изменување и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството („Сл. весник на РМ“ бр. 119 од 2015) е определено дека кај работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка, односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор.

Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат, спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците.

Сознанијата говорат дека ова право од кое зависи здравјето и продуктивноста на работниците во работниот процес минатата година го оствариле најголем дел од работниците, очекуваме така да биде и оваа година.

На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција од  Државниот инспекторат за труд, или пак да поведат судска постапка за заштита на своите права.

Службите за бесплатна правна помош на ССМ во Скопје и во регионалните синдикални претставништва низ Републиката за своето членство обезбедуваат правна помош и заштита и за ова право од работен однос.

За неодговорните  работодавачи кои не исплаќаат регрес за годишен одмор  или кои бараат од работниците да ги  вратат средствата исплатени по овој основ,  Кривичниот закон предвидува затворската казна до 1 година. Оваа законска обврска дополнително ќе придонесе за заштита и остварување на ова уставно и законско право на работниците (Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, „Сл. весник на РМ“ бр. 226 од 2015 г.).

Минатата година беа донесени и измени на Кривичниот законик во делот на повредата на правата од работен  однос, со кои се предвидува казна затвор за работодавачот што ќе побара од работникот да му врати износ од платата или од надоместоците.

ССМ очекува како резултат на зајакнатата санкциона политика и измените на Кривичниот закон да се елиминираат и оние појави каде што имаше практика исплатата да се изврши формално, а потоа да се враќаат средствата бидејќи и ова е предвидено во Кривичниот закон, за што следува казна  во согласност со членот 166 нов став 2, кој гласи:

„Тој што ќе побара од работник да му врати или ќе прими одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот, ќе се казни  со затвор од три месеци до една година.“

М.В