/ Прочитано:

5.660

Исплатата на разлачните доверители треба да е итна и без одлагање

Во одредбите од Законот за стечај е предвидено дека доколку  доверителот со право на одвоено намирување (разлачен доверител) повел постапка за извршување врз недвижност заради присилно намирување на своето побарување пред отворање на стечајната постапка, имотот ќе се продаде според постапката за извршување.

По впаричување на имотот, надлежниот извршител прво ќе ги намири трошоците од спроведеното извршување. Остатокот од средствата извршителот ќе ги предаде на стечајната сметка, по што стечајниот управник без одлагање треба да му ги исплати средствата на разлачниот доверител.

Во ваков случај, кога станува збор за намирување на разлачен доверител, односно доверител со право на одвоено намирување, кое е приоритетно право, стечајниот управник има обврска, без никакво одлагање, да ги пренесе паричните средства стекнати од продажбата на имотот од сметката на стечајниот должник на сметката на разлачниот доверител.

Во вакви ситуации стечајниот управник нема право да прави предлог-план за авансна распределба, ниту пак има обврска да бара одобрение од стечајниот судија за исплатата на разлачниот доверител.

Напротив, негова должност е добиениот паричен износ остварен од спроведената продажба итно да го пренесе во корист на разлачниот доверител и во месечните извештаи што ги доставува до стечајниот судија да ги евидентира приливот и одливот на паричните средства.

Од судската пракса важно е да се истакне дека Апелациониот суд Скопје го има прифатено горенаведеното правно стојалиште и има донесено одлука со која се усвојува жалбата на една од деловните банки со статус на разлачен доверител во стечајната постапка против решение на првостепениот суд со кое се одобрува планот за авансна распределба на парични средства на должникот.

Апелациониот суд ја усвоил жалбата на доверителот со право на одвоено намирување (разлачен доверител) и решението на првостепениот суд го преиначил на начин што: „не се одобрува предлог планот за авансна распределба на парични средства на должникот.“

Петро Јанура, адвокат

Финансискиот колатерал во стечајните постапки

Жртвите на дискриминација да се охрабрат да бараат заштита на своите права преку судски постапки

Донесена пресуда со која се утврдува дискриминација по основ на јазик и етничка припадност во областа на работните односи

Традиционалните адвокатски фирми и законските рестрикции за сметководствените фирми на глобалниот правен пазар

„Дали примената на одредбите од Законот за стечај ја исклучува примената на одредбите од Законот за облигационите односи?“ – примери од адвокатската практика

ДОНЕСЕНА Е ПРЕСУДА ЗА МОБИНГ ВО МАКЕДОНИЈА: се создава судска пракса која охрабрува, вели адвокатот Петро Јанура