/ Прочитано:

2.480

Истанбулската конвенција пропишува низа стандарди кои треба да ги имплементира земјата потписничка

 

Насилството врз жените претставува горлив глобален проблем кој не ја одминува и нашата држава, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.  Во услови кога светските движења како: #metoo, #hearmetoo, или #сегакажувам и #tanitregoj во Македонија успеаја да направат одредени придвижувања за да се зголеми свесноста за насилството врз жените и да се работи на негова елиминација, сепак, борбата не е добиена и останува уште многу да се направи, и локално и во светски рамки.

И покрај зголемената свест за проблемот, бројките на жртви се во пораст, а не изостануваат ниту фемицидите. Нашата држава, додаваат од Комитетот,  не води системска статистика за родово базирано насилство, вклучувајќи ги и фемицидите, но многубројните истражувања покажуваат дека тоа е во пораст. Бројот на убиени жени од 2008 до 2012 е 70, а убиството е направено од сопруг, вонбрачен или интимен партнер, близок роднина.

„Изминатава година сепак сведочиме и на добри вести – ратификацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за елиминација на сите форми на насилство врз жените, таканаречената Истанбулска конвенција, како особено важен чекор во борбата против родово базираното насилство. Во овој правец, гледаме раздвижување од една нулта позиција, која со години постоеше во институциите. Во октомври оваа година, Владата на РМ го усвои Акцискиот план за имплементација на Истанбулската конвенција 2018 – 2023, но по усвојувањето треба да се демонстрира вистинска заложба на сите вклучени министерства кои треба да подготват оперативни планови и да направат финансиски алокации во своите буџети“, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет.

Истанбулската конвенција пропишува низа стандарди кои треба да ги имплементира земјата потписничка. Се забележуваат недостатоци во следните области, а чие решавање е од најитна природа:

– Бројот на засолништа за жртви на семејно насилство: Истанбулската конвенција пропишува стандард од 1 засолниште на 10.000 жени. Во моментов во државата постојат 4 (четири) центри раководени од Министерството за труд и социјална политика и еден од Организацијата на жени на Град Скопје. Значи, во моментов потребни се дополнителни 8 функционални засолништа. Засолништата, според стандардите, треба да исполнуваат услови за ранливи категории жени: жени со попреченост, или пак мајки со деца, бремени жени итн.

– Сервиси за жртви на сексуално насилство: Воспоставувањето центри за жртви на сексуално насилство е еден од стандардите кои ги пропишува Конвенцијата, па така на 200.000 жени потребен е по еден центар, што значи пет центри на територијата на РМ. Во моментов (од септември 2018) државата отвори три центри: Скопје, Тетово и Куманово.

– Усогласување на националното законодавство. Во моментов, сè уште не постои усогласеност на постојното законодавство со Конвенцијата, па така сè уште е во примена Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Исто така, мора да се направат измени и дополнувања во Кривичниот законик со инкриминирање на семејното насилство како посебно кривично дело за кое ќе се гони по службена должност со цел да се обезбеди поефикасна кривичноправна заштита на жртвите на семејното насилство и казнување на сторителите.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија низ својата пракса постојано забележува недостатоци и неправилности при постапувањето на институциите кои треба да ја заштитуваат жртвата. Па така, полицијата, која треба да постапи по дојава за семејно или родово базирано насилство, честопати случаите ги забележува како прекршок на јавниот ред и мир. Судот, пак, прави двојна виктимизација на жртвата, со барања жртвата и по неколку пати да дава изјава и да се соочи со насилникот. Иако во последната година Министерството за труд и социјална политика вложува напори да се подобри функционирањето на центрите за социјална работа, жртвите често изјавуваат дека не им е дадена соодветната поддршка.

Голем проблем е и изрекувањето на привремените мерки на заштита, кои иако со закон се дефинирани како итни мерки за заштита на физичкиот интегритет на жртвата, судот честопати не ги изрекува во предвидениот рок од 24 часа до 7 дена.

„Работата и борбата на ова поле останува и ќе трае сè додека не се искоренат сите форми на насилство врз жената. Притоа, треба да се нагласи дека покрај неопходните институционални зафати, потребни се и длабоки промени во светогледот на граѓаните, особено на перцепцијата за улогата на жената во општеството, како и елиминација на доминантната култура на насилство која ја сведочиме во секојдневниот живот“, резимираат од Комитетот.

16 дена активизам против родово базирано насилство

Граѓанските организации пред Комитетот на ОН: Жените, сексуалните и родовите малцинства во Македонија се дискриминирани

АНАЛИЗА НА СЛУЧАИ НА ФЕМИЦИДИ: Потребно е фемицидот да се дефинира како посебно кривично дело

„Родово базираното и психичкото насилство врз жените сè уште не се препознаваат“ – интервју со адвокатката Марта Гусар

Оперативниот план за спроведување на Истанбулската конвенцијата на Министерството за правда

Законот за ратификација на Истанбулската конвенција пред пратениците

Усвоен Предлог-законот за ратификација на Истанбулската конвенција во која насилството врз жените се дефинира како кршење на човековите права

Владата ја усвои информацијата за ратификација на најзначајниот меѓународен документ за борбата со насилството врз жените и домашното насилство

Ратификацијата на Истанбулската конвенција – значаен исчекор во борбата против насилството врз жената и домашното насилство

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство бара итна ратификација на Истанбулската конвенција

М.В