/ Прочитано:

3.095

Истече рокот за формирање влада: ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ без договор за владејачка коалиција

Портпаролот на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи, изјави дека иако поминаа 20 дена од врачувањето на мандатот од страна на претседателот Ѓорге Иванов на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски за составување нова влада, на ДИУ ѝ е потребно дополнително време за консултации во врска со ова прашање.

Влада зграда

Синоќа на полноќ истече уставниот рок од 20 дена за формирање влада бидејќи ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ не успеаја да создадат коалиција со која би се обезбедило мнозинство од вкупно 61 пратеник во Парламентот. Раководството на ДУИ, по повеќечасовни разговори на централното претседателство на партијата во седиштето на партијата во Мала Речица, соопшти дека нема доволно аргументи за одлука за состав на нова влада.

Портпаролот на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи, изјави дека иако поминаа 20 дена од врачувањето на мандатот од страна на претседателот Ѓорге Иванов на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски за составување нова влада, на ДИУ ѝ е потребно дополнително време за консултации во врска со ова прашање.

„ДУИ денеска не донесе одлука во однос на која било од петте опции – коалиција со ВМРО ДПМНЕ, коалиција со СДСМ, широка коалиција, да се оди во опозиција или на нови избори. Од пред неколку недели ДУИ започна сеопфатен процес на консултации со членството од различните форуми, внатре во партијата и со наши пријатели надвор од партијата и од меѓународната заедница, за да дебатираме во однос на петте предлози кои претседателот Ахмети ги постави како можни по резултати од изборите на 11 декември. Од последните состаноци на претседателството на партијата, тоа што едногласно заклучивме и одлучивме е дека таа дебата не може денеска да биде исцрпена и дека немаме доволно аргументи да се определиме за која било од петте опции кои беа ставени како предмет на дебата. Сите опции остануваат отворени“, изјави Османи по состанокот во Мала Речица.   

Истовремено, ВМРО – ДПМНЕ преку соопштение ја информира јавноста дека не е постигнат договор за коалицирање со партијата ДУИ.

„ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија која доби најголема поддршка од граѓаните и која освои најголем број гласови и пратеници, сметаат дека формирањето на Влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување и сметаат дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план. Секое друго решение само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака поделеното општество и нема да биде во функција на одржливост и остварување на чии било програмски цели. Очигледно, некој сака да се занемари волјата на мнозинството граѓани и да ја втурне Македонија во некоја нова неизвесна фаза од нејзиниот развој“, се наведува во соопштението.

ВМРО – ДПМНЕ потенцира дека останува на своите принципиелни позиции во однос на стратешките прашања од државен и национален интерес и од Прогласот усвоен на 17 декември 2016 година.

Инаку, на предвремените парламентарни избори, кои се одржаа на 11 декември минатата година, ВМРО – ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, СДСМ – 49,  ДУИ – 10, БЕСА – 5, Алијанса на Албанците – 3 и ДПА освои 2 пратенички места.

А. Б.