Истекува рокот за обвинение во случајот „Монструм“
Петок, 26 октомври 2012 – Денеска истекува рокот за обвинителство кое треба да одлучи дали ќе ги обвинат 6-те осомничени за петкратното убиство кај Смиљковското езеро. По вчерашната реконструкција официјално се затвори истрагата, па обвинителството во 5 минути до 12 го комплетира обвинението, по истекување на шестиот месец откако полицијата со прст ги посочи можните убијци, претставувајќи ги како терористи. Доколку во текот на денот папката на обвинителката Гордана Гешковска не стигне до судската писарница, осомничените треба да бидат ослободени од притвор.
По вчерашната реконструкција на која присусутвувале истражниот судија, обвинителот, одбраната, осомничените и сведоците, ден пред истекување на рокот за подигнување на обвинение, се комплетирала истрагата за овој случај. Кај Смиљковското езеро, на местото на злосторството, заштитниот сведок Е-1 кој бил маскиран и уште 3 сведоци, објаснувале што и како се случило.
Во текот на истрагата еден од осомничените требало да има својство на заштитен сведок, но откако тој доброволно се откажал од статусот, стана шестиот осомничен во овој случај.
Обвинителството во последен момент излезе со уште еден заштитен сведок кој во јавноста предизвика бурни реакции дали навистина видел што и како се случило кобното убиство кај Железарското езеро минатата година на 12 април.
Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и неговиот брат Агим, се товарат дека се директни извршители на петкратното убиство, а Фејзи Азири и Рами Сејди се осомничени за помагање.
Тројца од осомничените се во притвор, додека Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, се во бегство, а полицијата се сомнева дека избегале на Косово.