/ Прочитано:

1.163

Истекува рокот за поднесување приговори до ДИК

Вторник, 9 април 2013 – Вечерва истекува рокот за поднесување приговори до Државната изборна комисија за вториот круг од локалните избори во Македонија, што се одржаа во неделата на 7 април.

Секој подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите од гласањето може да поднесе приговор до ДИК и тоа во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето односно објавување на првичните резултати.

ДИК е должна во рок од 48 часа по приемот на приговорот да донесе одлука за приговорот, подносителот на приговорот по кој одлучувала комисијата може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа по приемот на решението. Управниот суд треба да донесе одлука во рок од 48 по приемот на тужбата. Одлуките на судот се конечни.

Политичките партии се должни веднаш, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на завршување на изборната кампања да поднесат вкупен финансиски извештај за изборната кампања. Рокот истекува на полноќ на 21 април. Извештајот се поднесува на образец пропишан од министерот за финансии и тој се поднесува до ДИК, Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупција, Собранието на Република Македонија, а за локалните избори и до Советот на општината и Советот на градот Скопје.