Истекуваат законските рокови за мандатот на локалната власт, ЗЕЛС предупредува на можни последици по нормалното функционирање на локалната самоуправа

„Министерството за локална самоуправа и Министерството за правда го известија ЗЕЛС во текот на месец март дека применувајќи ги одредбите на Изборниот Законик, мандатот се смета дека треба да престане на 15 мај оваа година. Постапувајќи по оваа толкување издадено од овие два органи на управата, нашиот страв е дека ќе настанат последици по нормалното функционирање на локалната самоуправа, односно истата нема да може да ги извршува своите функции со оглед дека ниту Советот ќе носи одлуки, ниту градоначалникот ќе има право истите да ги спроведува или да одлучува за права и обврски кои му се утврдени како надлежност со посебни Закони“, беше потенцирано на денешната прес-конференција на ЗЕЛС.

Претседателот на ЗЕЛС, Коце Трајановски и потпретседателите на ЗЕЛС, Невзат Бејта и Зоран Дамјановски денеска изразија загриженост дека по 15 мај може да запрат платите на вработените во градинките, основното и средното образование, јавниот превоз и противпожарната заштита може да престанат, а нема да може да се склопуваат ниту бракови, бидејќи по овој датум истекуваат законските рокови за мандатот на локалната власт.

„Јавноста мора да биде убедена дека да се биде градоначалник и член на Совет претставува обврска која е преточена во носење на одлуки. Ниту еден градоначалник не сака да носи одлуки кои не се законски поткрепени. ЗЕЛС е во контакт со сите градоначалници и советници и нивниот став му е познат, а тој е дека сѐдодека не се создадат соодветни законски предуслови, градоначалниците и советите нема да носат одлуки, затоа што во спротивно ризикуваат да преземат противправно поведение. Притисокот е дотолку поголем што правото на локална самоуправа претставува право на граѓанинот утврдено со Устав. Не е дозволено да се ограничува ова право на граѓанинот.

Законската рамка со која се уредува прашањето на траењето на мандатот на членовите на Советот и градоначалниците ја сочинуваат: Законот за локалната самоуправа и Изборниот законик, како и Уставот на Република Македонија. Со членот 35 од Законот за локалната самоуправа се утврдува дека членовите на Советот се избираат за време од 4 години, сметано од денот на преземањето на функцијата со акт на Државната изборна комисија. Но со членот 49 од истиот Закон се утврдува дека градоначалникот се избира секоја четврта година на непосредни избори. Со членот 52 од истиот Закон се утврдува рокот од 7 дена за преземање на должноста на новоизбраниот градоначалник од актуелниот. Сакаме да укажеме и на Изборниот законик со кој се утврдува дека локалните избори ги распишува претседателот на Собранието и тие треба да се одржат во првата половина на месец мај“, беше истакнато на заедничката прес-конференција.

Трајановски потенцираше дека Министерството за локална самоуправа и Министерството за правда го известиле ЗЕЛС во текот на март дека применувајќи ги одредбите на Изборниот законик, се смета дека мандатот треба да престане на 15 мај оваа година.

„Постапувајќи по ова толкување издадено од овие два органи на управата, нашиот страв е дека ќе настанат последици врз нормалното функционирање на локалната самоуправа, односно таа нема да може да ги извршува своите функции со оглед дека ниту Советот ќе носи одлуки, ниту градоначалникот ќе има право нив да ги спроведува или да одлучува за права и обврски кои му се утврдени како надлежност со посебни закони“, истакна Трајановски.

На прес-конференцијата беа потенцирани неколкуте клучни надлежности на локалната самоуправа, иако со посебните закони се уредени повеќе изречни надлежности на општината и градоначалникот:

– Градежните дозволи нема да се издаваат.

– Градежното земјиште, со кое управува локалната самоуправа, веќе нема да се отуѓува или дава под закуп.

– Околу 5000 вработени во локалната самоуправа нема да примаат плата.

– Околу 10000 вработени во јавните општински претпријатија нема да примаат плата.

– Околу 30000 вработени во основното и средното образование нема да примаат плата.

– Ќе се доведат во прашање функционирањата на општинските јавни установи и тоа сите културни и образовни институции на локално ниво, противпожарната служба, како музеи, театри, домови на културата, спортски објекти, зоолошки градини и слично.

– Нема да можат да се склучуваат бракови во државава, бидејќи при секое склучување на брак, официјални сведоци се претставници на општинските совети.

– Ќе престанат сите започнати и ќе се запрат планираните инвестиции, како во инфраструктурата на општините, така и во сите други објекти кои се во надлежност на локалната самоуправа.

– Нема да може да се врши исплата на комуналии како струја, вода и слично во сите институции на локално ниво, што ќе значи дека истите институции, а пред сѐ, градинките и училиштата ќе треба да се затворат, а децата да се испратат дома.

– Ќе се стопира развојот на бизнисите и фирмите, затоа што нема да се издаваат Б-интегрираните дозволи.

– Нема да има улично осветлување поради тоа што за тоа се грижи локалната самоуправа.

– Многу културни манифестации ќе се откажат.

Поради сето ова, ЗЕЛС апелира и сугерира Собранието на Република Македонија, итно и без одлагање, а најдоцна до петок оваа недела, да изнајде решение за оваа состојба за да не се доведат граѓаните во положба која никој не ја посакува.

„Една од можностите е измена на Изборниот законик, наместо првата половина на мај да се утврди нов датум за одржување на локалните избори. До Уставниот суд на Република Македонија е доставена иницијатива од Министерството за локална самоуправа, за да се разгледаат одредени членови на Изборниот законик и Законот за локална самоуправа, а во однос на мандатите на градоначалниците и претставниците на општинските советници“, потенцираше Трајановски.

А. Б.